Секојдневните рутини на Ханс Кристијан Андерсен
Подготвил:
Тамара Мисирлиевски
Од „Дневниците на Ханс Кристијан Андерсен“ можеме да дознаеме каков бил секојдневниот живот на Андерсен и како тој ги живеел деновите во декември 1845 година, кога бил во посета на кралот и кралицата на Данска после нивната формална покана.
Тогаш Андерсен практично имал кралски привилегии и бил почитуван од целата Европа.
- Опкружен сум од најпознатите и најблагородните личности од Европа. Тие се запознаваат со мене и разговараат со мене како со сродна душа - напишал Андерсен во дневникот, после неколку години.
Кратко време пред Божиќ таа година, додека престојувал во замокот на кралот, тој пишува:
- Еве како се движи мојот ден: станат сум во 8 часот и пијам кафе; се движам наоколу до 10 часот; потоа одам низ полето до Холуфгард; гледам во теснецот и талкам назад; читам, шијам, ги средувам работите и ручам во 12 часот. Потоа имам кратка пауза, а после тоа повторно ја пешачам истата рута, но сега одам малку подалеку, во другата насока. Читам и пишувам до 16 часот; вечерата е од 16 до 17 часот.
Според Андерсен најздодевниот дел од денот е сѐ до 20 часот.
- Седам во мојата соба; не сакам да правам ништо; не сакам ни да спијам. Еден од слугите многу лошо свири на флејта, вежба некое дело... Ветрот свири од надвор; се слуша огнот во печката; месечината сјае... Долу разговарам од 20 до 22 часот... Погледнувам во часовникот; се чини дека застанал; кога конечно удира, секој удар го означува времето за погребен марш - во 22 часот, горе; а половина час подоцна во кревет.
„Дневниците на Ханс Кристијан Андерсен“ е прекрасно дело полно со интимни рефлексии на легендарниот писател за пишувањето, критиките, патувањето, менталното здравје, љубовта, семејството и други работи. Тој дневникот го надоплнува со неговите илустрации.