Првиот аеродром за електрични летачки автомобили ќе биде изграден во Англија

Првиот аеродром за електрични летачки автомобили ќе биде изграден во Англија

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Летачките автомобили се сè попопуларни во последните неколку години, а има и некои големи компании како „Боинг“ и „Порше“ кои сакаат да развијат вакви возила. Истовремено, еден град во Англија се подготвува да стане домаќин на првиот аеродром за летачки автомобили во светот.

Британскиот стартап „Урбан Ер Порт“ се здружи со автомобилскиот гигант „Хјундаи мотор“ за да го конструира овој футуристички аеродром за сите да можат да насетат што носи иднината на воздухопловството. Тие нивната нова конструкција ја нарекуваат „Урбан Ер Порт“.

Со новиот проект ќе се развие инфраструктура со нула емисии, која ќе биде домаќин на следната генерација  електрични и автономни летачки возила.

- На автомобилите им се потребни патишта. На возовите им се потребни пруги. На авионите им се потребни аеродроми. На електричните летала што полетуваат и слетуваат вертикално ќе им бидат потребни „Урбан Ер Портс“. Пред повеќе од сто години полета првиот комерцијален лет во светот, создавајќи го модерниот поврзан свет. „Урбан Ер Порт“ ќе ја подобри поврзаноста на нашите градови, ќе го зголеми производството и ќе ѝ помогне на Велика Британија да го преземе водството во сосема нова чиста глобална економија - истакна Рики Санду, основач и извршен директор на „Урбан Ер Порт“.

Аеродромот за летачки автомобили ќе биде за 60% помал од традиционален хелидром и ќе може да се инсталира за неколку дена, но ќе може и да биде преместен во други градови, ако има потреба. Исто така, тој е еколошки и ќе може да ги поддржи сите летала што полетуваат и слетуваат вертикално и е идеален за итни случаи бидејќи за кратко време може да распореди дронови и други летала за да пренесе опрема и луѓе таму каде што е потребно.

Во меѓувреме, од „Хјундаи“ истакнаа дека планираат да создадат сопствено летало кое ќе полетува и слетува вертикално и го поддржуваат развојот на аеродромот бидејќи дел од нивниот план е комерцијализација на леталото до 2028 година. Новиот аеродром ќе се гради во градот Ковентри и ќе биде готов до ноември годинава. Проектот доби грант од британската влада вреден 1,65 милион долари.

Извор и насловна фотографија: Interesting Engineering