Станарите во студентските домови немаат каде да се исперат. Бараат да се отворат пералниците!

Станарите во студентските домови немаат каде да се исперат. Бараат да се отворат пералниците!

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Виктор Велевски, новиот директор на Државниот студентски центар, вели дека пералниците се затворени уште во моментот кога била прогласена пандемијата на Ковид-19

Студентите што живеат во студентскиот дом „Гоце Делчев“ неколку пати досега реагираа на социјалните мрежи затоа што се затворени пералниците во домот и дека немаат каде да си ги исперат алиштата. Ова е најголемиот студентски дом во државата. Но проблемот со пералниците е заеднички за сите студенти-станари во студентски домови зашто пералниците се затворени со протоколот за заштита од Ковид-19.

- Не се издржува постојано да си одиме дома за да си ги испереме алиштата или да се истураме од давање пари за перење алишта - вели станар.

Виктор Велевски, новиот директор на Државниот студентски центар, вели дека пералниците се затворени уште во моментот кога била прогласена пандемија на Ковид-19.

- Во една пералница се перат алишта на повеќе студенти истовремено, па затоа сакаме да превенираме да се избегне ризик од можно заразување - вели тој.

Засега е неизвесно дали пералниците ќе бидат пуштени во употреба за да им се излезе во пресрет на барањата на студентите.

Во септември студентските и ученичките домови беа пуштени во употреба, откако претходно поради Ковид-19 беа затворени, лани во март. Беше подготвен посебен протокол со правила кои мора да се почитуваат.


Согласно протоколот, станарите треба и да носат маски во заедничките простории. Не е дозволено да се дружат по собите. На јадење треба да одат и да седат на иста маса во мензата само оние што живеат заедно во собата, за да нема мешање со други станари. На тој начин, во случај еден од нив да е позитивен, нема да биде ризик за другите освен за тој што му е цимер. Според пишаните правила, родители и други гости не може да влегуваат во домот.

Фото: Архива