Да се одложи второто полугодие за еден месец, ќе се одработи во јуни -  едно од решенијата според Даниловски

Да се одложи второто полугодие за еден месец, ќе се одработи во јуни - едно од решенијата според Даниловски

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Онлајн наставата е најбезбедна форма и за учениците и за наставниците. Има многу реинфекции на ковид-19, со симптоми по втор, третпат, се само дел од коментарите на членовите во групата „Поддршка за онлајн настава“

Второто полугодие почна денеска. Дали децата да носат маски или не, дали да престојуваат во училница со отворени прозорци или не, зошто наставата не се одвива онлајн во време кога бројот на заразени со ковид-19 достигнува и до 2.000 случаи на ден? Вријат социјалните мрежи од коментари на родители во однос на овие прашања, иако надлежните беа децидни во одлуката второто полугодие да почне со физичко присуство. Македонија е седма држава по смртност од ковид-19, но тоа не беше доволна причина да одлучат поинаку здравствените и образовните власти во земјава. За тоа како е најпаметно да се постапи, разговаравме со епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски.

Да учат онлајн оние што не сакаат децата да им одат во училиште

Ако од кои било субјективни или објективни причини родителите не можат или не сакаат да ги пуштат децата на настава во живо, тогаш за нив да биде овозможена настава на далечина („онлајн“), вели Даниловски.

- Одлуката за почнување настава во живо со отворени прозорци, при што децата да ротираат на местата покрај прозорците е нехумана кон децата. Тука доаѓаме пак на она што го кажав на почетокот, настава во живо - да, ама да се заштитени домашните - со вакцина, изолација или маски, сеедно. А во училиште да не носат маски. И онака сигурно веќе 80 отсто се прелажани. Наставниците треба да бидат вакцинирани со три дози или - ако се прележани - со две дози. Има реакции дека имало наставници со хронични болести. Во ред, сигурно има. Нека се вакцинираат со три дози и ќе бидат безбедни - вели Даниловски.
Постои опција и на секојдневно тестирање на учениците со брзи тестови, како што е во Германија. Но, додава тој, нашите родители не сакале на децата „да им се брца во носот“.



Има три решенија

Професорот Даниловски смета дека има три решенија за ситуацијава. Едното од нив е да се премине сосема на онлајн настава.
- Или, пак, да се оди со комбинирана настава, а третата опција е да се одложи почетокот за цел месец и во март да почне во живо, но со отворени прозорци. Притоа, февруари да се одработи во јуни - додава професорот.

УНИЦЕФ бара да се учи во училница

УНИЦЕФ неодамна повика на национална солидарност за безбедно продолжување на образованието со физичко присуство во текот на целата учебна година.
- Секое продолжено затворање на училиштата на државно ниво дополнително ќе го продлабочи пропуштеното учење и ќе продолжи негативно да влијае врз емотивната благосостојба на децата. Одлуката да се отворат училиштата за учење во живо е одлука на Владата. Свесни сме дека оваа одлука се разгледува во контекст на епидемиолошката ситуација со ковид-19 и сѐ поголемото разбирање на ризиците. Но, исто така, мора да се земе предвид влијанието од продолженото затворање на училиштата врз учењето и благосостојбата на децата - рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

И според министерот Сали нема потреба од онлајн учење

Новиот министер за здравство Беким Сали неодамна изјави дека второто полугодие во училиштата ќе започне со физичко присуство бидејќи, според него, епидемиолошката состојба го дозволува тоа.

- Нема потреба од онлајн учење во овој момент затоа што епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние ги носиме одлуките. Тоа значи дека второто полугодие започнува со физичко присуство во училиштата и како Министерство ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината, ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки - рече тој.

„Министрите не одат по болници со децата“

Членовите во групата бараат барем две недели да има онлајн настава за сите во државата. Некои од нив повикаа на бојкот на наставата со физичко присуство бидејќи не се дава опција за следење настава на далечина.

- Книгите не лекуваат ковид, министрите не одат по болници со децата, УНИЦЕФ не е доктор за да дели совети, а времето не ни се враќа. Онлајн наставата е најбезбедна форма и за учениците и за наставниците. Има многу реинфекции со ковид-19, по втор, третпат - се само дел од коментарите на членовите во групата.



Професорот Нико Беќаровски од Медицинскиот факултет на својот фејсбук-профил напиша дека ставовите варираат од комплетна либерализација со неносење маска до комплетна онлајн настава до создавање на поволни услови.

- Аргументите на сите инволвирани и спротивставени страни звучат разумно и издржано. Каде е тогаш излезот? Дали е можен разумен компромис и како би изгледал? Еве еден мој скромен обид за решение со кое делумно ќе бидат сите задоволени. Утре сите ученици што сакаат да посетуваат настава во живо да се вратат во училишните клупи, а преостанатите (позитивните и тие што се плашат од зараза) да ја следат наставата онлајн, а да присуствуваат физички при тестирање и оценување. За сите наставници и ученици со симптоми да биде обезбедено тестирање секој понеделник, а на сите позитивни наставници што ќе бидат со општа добра здравствена состојба да им се дозволи држење на наставата од домовите, без да им се одзема процентот за боледување, кој и не е така мал. Училниците да се проветруваат 5 минути по секој завршен час, а никако во текот на самиот час. Пред почеток на наставата, за време на големиот одмор и по часовите задолжително да се врши дезинфекција на сите простории. Одлуката за носење маски на секое дете до 5. одделение да ја донесат неговите родители, со писмена изјава - напиша Беќаровски.