Автоматското кочење може да спаси животи, но производителите на автомобили сакаат дополнително да го наплаќаат

Автоматското кочење може да спаси животи, но производителите на автомобили сакаат дополнително да го наплаќаат

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Технологијата постои, а возилата на патиштата веќе ја имаат, но група производители на автомобили не сакаат да ја направат оваа спасоносна опрема стандардна. Причина секогаш се парите.

Најмалку 100 години производителите на автомобили се држат до старата практика: се спротивставуваат, не сакаат да признаат и ги избегнуваат законските прописи, сѐ додека не бидат принудени да го направат тоа. Од отфрлањето на предлозите за ограничување на брзината во 20-тите, па сѐ до објавувањето на книгата на адвокатот Ралф Нидер „Небезбедно на секоја брзина“ објавена во 1965 година, која довела до формирање на Национална агенција за безбедност на патиштата (NHTSA) во САД, производителите на автомобили, освен „Волво“, ретко се согласувале доброволно да ги вклучат безбедносните технологии.

Една од најголемите групи за лобирање во индустријата на автомобили на 17 јануари поднела тужба за да го отстрани правилото што ќе го направи автоматското кочење за итно сопирање задолжително за сите автомобили - нешто што NHTSA смета дека ќе спаси најмалку 362 животи годишно, а групите за безбедност на патиштата сметаат дека ќе спаси многу повеќе, можеби десетици илјади животи.

Производителите на автомобили тврдат дека примената на правилото ќе биде речиси невозможна. Но, експертите за безбедност на патиштата велат дека тоа е погрешно обвинувајќи ги компаниите за автомобили дека се откажуваат од технолошкиот напредок и не сакаат да ги додадат технологиите за автоматско кочење како стандард, и покрај потенцијалот за спасување животи.

Според извештај на ОЕЦД од декември, Американците имаат значително поголема веројатност да загинат во сообраќајни несреќи отколку оние во други развиени земји. Смртноста по глава на жител е трипати поголема во САД отколку во Ирска, Норвешка, Велика Британија, Германија или Јапонија.

Што предвидува новото правило?


Новото правило во САД не е наложено од Европската Унија, туку е локално правило, и за разлика од законот во ЕУ кој стапи во сила низ Европа во 2022 година, ова е многу построго. Федералниот стандард за безбедност на моторни возила 127 (кратенка FMVSS 127), воведен минатиот јули, им дава на производителите на автомобили четири години да ги опремат сите автомобили и лесни товарни возила со напредна, секогаш активна технологија за автоматско кочење при итни случаи, која, според регулативата, автоматски ќе го активира сопирачкиот систем доколку возачот не го направи тоа.

1
Фото: Freepik

Системите за автоматско кочење на ниски брзини се користат уште од средината на 90-тите, но „FMVSS 127“ бара оваа технологија да функционира и при повисоки брзини и во темница, и да биде стандард, а не опционален додаток.

NHTSA почна да ги тестира овие системи како дел од програмата за безбедност на нови автомобили во 2010 година и речиси веднаш ги стави како „препорачани напредни технологии“, но не ги направи задолжителни.

Автомобилската индустрија ќе мора да го прифати правилото, како и сите претходни

NHTSA проценува дека вклучувањето на напредна AEB-технологија во новите автомобили и товарни возила ќе чини 354 милиони долари. Производителите на автомобили тврдат дека ќе биде повеќе од тоа и не кријат дека ова правило ќе ги намали нивните профити.

Поради ова, „Алијансата за автомобилска иновација“, организацијата која ги застапува најголемите производители на автомобили како „Форд“, „Џенерал моторс“, „Стелантис“, „Хјундаи“, „Фолксваген“, „Тојота“ и други, поднесе тужба во апелационен суд за да го блокира „FMVSS 127“.

Групите за безбедност се надеваат дека претседателот Трамп нема да го поддржи барањето на Алијансата.

Јавниот интерес пред сѐ


Експертите сметаат дека новото правило има голем потенцијал да ги намали трошоците за несреќи, со процена дека би можело да заштеди до 7,26 милијарди долари годишно во САД, од разни трошоци поврзани со сериозни сообраќајни несреќи.

Експертите и активистите сметаат дека ова правило е од клучна важност за безбедноста на патиштата и дека автомобилската индустрија ќе мора да го прифати, исто како што ги прифатила сите претходни безбедносни иновации, иако на почетокот била против.

Извор: Wired.com
Фото: Freepik