Најголемата авиокомпанија во Јапонија гради роботска армија за Олимписките игри
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
На Летните олимписки игри во Токио во јули, спортистите и туристите ќе ги пречека импресивна технологија - од автономни такси-возила до роботско село.
Но, оваа технологија нема да биде ограничена само на стадионите - „Ал Нипон ервејс“ (АНА), најголемата авиокомпанија во Јапонија, ќе развие различни технологии фокусирани на патувања што ќе се користат низ аеродромите, како и во трговските центри во Токио и низ туристичките атракции.
Со оглед на тоа што ќе има зголемен број странски посетители (ако не се откаже настанот поради
коронавирусот), авиокомпанијата смета дека ќе бидат потребни поголеми напори за персоналот да комуницира ефикасно со сите патници - на јапонските аеродроми најавите обично се на англиски или на јапонски јазик. Во декември минатата година авиокомпанијата го лансира „Покеток“, помал уред за превод кој работи со 74 јазици, што може да се употребува на вратите пред качување во авионот и на Меѓународниот аеродром во Осака. Уредот препознава одредени дијалекти, сленг и идиоми.
Шиничи Абе, главен службеник за операции на АНА во Јапонија, вели дека уредот се покажува како корисен за давање навремени информации во неочекувани ситуации, како што се ненадејни откажувања или доцнења. До крајот на март уредот ќе го има целиот персонал во АНА.
„Бонкс Грип“, пак, мали паметни слушалки, веќе почнаа да се користат во текот на летовите. Стјуардесите кои веќе го носат овој уред можат лесно да комуницираат со преостанатиот персонал, каде и да е на авионот, бидејќи ги изолираат сите надворешни звуци и бучавата.
Со оглед на растечкиот број барања за инвалидски колички, АНА почна со тестирање на далечински управувани електрични инвалидски колички. Ова значи дека само еден агент за услуги ќе може да им помогне на неколку патници истовремено, ослободувајќи повеќе агенти да се справат со други барања.
Иако сè уште е во фаза на тестирање, АНА планира да ја воведе услугата на аеродромот „Нарита“ во Токио оваа година, а можеби и да се прошири на другите аеродроми во Јапонија.
Додека овие технолошки уреди имаат цел да се справат со почестите проблеми во воздушниот сообраќај, најинтригантните инвестиции на компанијата во футуристичката технологија не вклучуваат авионски патувања. За време на Летните олимписки игри, АНА планира да распореди 1.000 роботи-аватари наречени „Њумес“ во трговски центри, туристички атракции, музеи и болници, како и во објекти за нега на стари лица.
Замислете ги „Њумес“ како роботи со телеприсутност што им овозможуваат на оддалечените вработени физички да шетаат во канцелариските ходници и да учествуваат на состаноци - во овој случај лицето на корисникот се појавува на екран. „Њумес“ ќе обезбеди засилено корисничко искуство со роботски раце што ќе можат да контролираат прецизни активности, како што се турање вода во чаша, риболов, па дури и гушкање на вашата баба во старски дом.
Фото: ANA
Краткорочната цел е овие аватари да ѝ бидат достапни на јапонската јавност и за внатрешна употреба во компаниите и владините агенции.
Бидејќи целта е да се користат аватарите како форма на социјална инфраструктура, трошоците за логирање во оддалечен систем на аватар ќе бидат колку еден билет за автобус или воз.
Извор:
Fast Company
Фото: Screenshot/Youtube