Која земја има најскапо, а која најевтино пиво?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Секој сака да пие пиво, но никој не сака да плаќа многу пари за него. Сепак, цената на пивото зависи од тоа каде го пиете.
Веб-страницата „Expensivity“ направи интересен инфографик во кој покажа колку се разликува цената на пивото од земја до земја и какво е влијанието на цената на пивото врз националната потрошувачка.
За време на истражувањето биле користени податоци од Светската здравствена организација. Цената е изразена во американски долари, а биле земени предвид шишиња од 330 милилитри.
Клучни наоди
- Најскапо пиво во светот има Катар, со просечна цена од 11,26 долари за шише.
- Најевтино пиво во светот има Јужна Африка, каде што просечната цена е 1,68 долар за шише.
- Чешка има најголема стапка на потрошувачка, со 468 пива годишно по лице.
- Германците трошат во просек 1.907 долари годишно на пиво, што е најголемата бројка во истражувањето.
Пивото во Катар е најскапо. Претежно муслиманската земја воведе 100 отсто данок на увоз на алкохол пред Светското првенство во 2022 година, а на посетителите им е потребна посебна дозвола за пиење алкохол. И во Кина пивото е прилично скапо.
Кликнете на фотографијата за да ја зголемите
Цената на пивото низ целиот свет
Јасно е дека високите цени се насочени кон посетителите. Најевтино пиво има Јужна Африка, каде што културата на купување на големо има тенденција да ги намали цените.
Меѓу првите 10 земји каде што има најевтино пиво се и Украина, Аргентина, Босна и Херцеговина, Гана, Тунис, Грузија, Македонија, Чиле и Чешка.
Германија е една од нациите што трошат најмногу пари на пиво
Жителите на Хаити и не се толку љубители на
пивото, па така луѓето пијат помалку од четири пива годишно во просек, со годишна сметка за пиво од 10,02 долари. Тоа е најмалата потрошувачка на пиво во истражувањето.
Од друга страна, Германците трошат 2.000 долари годишно на пиво. Иако постојат дури 15 земји каде што пивото е поскапо отколку во Германија, Германците пијат 411 шишиња по лице годишно, со што има и најголема потрошувачка. Германија е позната по својата култура на пиење пиво и строгиот закон за чистотата на пивото, кој постои повеќе од 500 години.
Сепак, Чешка ја носи титулата на земја каде што најмногу се консумира пиво, со 468 пива годишно по лице. Сепак, главниот град Прага е четврти најпосетуван град во Европа и познат по ергенските забави, така што потрошувачката на пиво во Чешка се зголемува како што се зголемува и бројот на туристите.
Повеќето земји каде што пивото не е омилен пијалак се претежно со муслиманско население. Ерменија е исклучок, каде што се пијат 40 пива годишно по лице, но населението повеќе претпочита бренди, вотка и вино. Иако Ерменците не пијат многу пиво, она што го пијат е вкусно, евтино и одлично направено.
Методологија и извор на податоци
Методологијата што „Expensivity“ ја користела најмногу се потпирала на спојувањето на цените на шише пиво од 330 милилитри во супермаркетите користејќи онлајн-продавници, фокусирајќи се на познати брендови на пиво како „корона“ и „хајнекен“.
За да добие просечна цена, веб-страницата користела податоци од хотели за да ја дознае цената на пивото од нивниот лоби-бар, а кога не можела да ги најде, користела менија од барови на интернет.
Користејќи ги статистиките на СЗО, била откриена количината на потрошувачка на алкохол по глава на жител и процентот на годишна потрошувачка на пиво.
Извор:
Expensivity.com
Фото: Freepik