Користат мајонез за да ги спасат желките што настрадале при излевање на нафта

Користат мајонез за да ги спасат желките што настрадале при излевање на нафта

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Не секој сака мајонез, но за десетици загрозени морски желки тој може да значи живот или смрт.

Неодамна се излеала нафта покрај брегот на Израел и го загрозила дивиот свет во пределот. На регион од речиси 200 километри се излеале над 1.000 тони нафта. Морските желки што живеат во регионот биле изложени на штетната супстанција, а оние што биле спасени биле пренесени во центар за спасување во кој примаат третман.

- Тие беа донесени со катран на главите, во очите, носовите, устите, дигестивниот систем и во стомакот - објаснил Јанив Леви, основач на центарот за спасување во кој се наоѓаат желките.


Фото: Pixabay

Леви додал дека спасувачите откриле дека мајонезот бил најдобар за чистење на устите, очите и носот на желките од катранот. Спасувачите користеле растително масло за да го направат катранот поредок, а потоа ги хранеле желките со мајонез преку шприц. Мајонезот го разредува катранот и им помага на желките да го исфрлат преку нивниот дигестивен тракт. Освен тоа, мајонезот има протеини и маснотии, што се хранливи за желките.

Во моментов во центарот се третираат 27 желки. Тие закрепнуваат, но може да поминат недели или месеци пред да бидат вратени во морето. Сè уште не е позната причината за излевањето на нафтата.

Автор: Џејк Росен
Извор: mentalfloss.com