Мартина Наумовска е единствена што ги заврши двогодишните студии по ромски јазик

Мартина Наумовска е единствена што ги заврши двогодишните студии по ромски јазик

Подготвил: Никола Петровски

Лектор: Ивана Кузманоска

Не велам дека двогодишни студии се доволен период за да се опфати една научна област, но јас сум уверена дека со многу труд и работа тие двегодишни студии можат да се реализираат во четиригодишни студии. Јас веќе петта година го предавам предметот јазик и култура на Ромите, на ученици од трето до шесто одделение и искрена да бидам - сè повеќе има интерес и од другите ученици на кои ромскиот јазик не им е мајчин, вели Мартина

Запознавањето нова култура, начин на живот и јазик поинаков од нејзиниот отсекогаш ѝ било предизвик на Мартина Наумовска. Баш поради тоа и се решила да се запознае со ромскиот јазик, како јазик на заедница која е составен дел од нас и си има своја историја, култура и традиции. Мартина сè уште е единствениот дипломиран студент кој ги има завршено четирите семестри по ромистика на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Таа таму се стекнала со дипломата по македонски јазик и јужнословенски јазици, односно отсек македонски јазик и книжевност - наставна насока.
Сепак, отсекот по ромистика брзо се укинал, така што Мартина е дел од првите тројца студенти што ги посетувале тие предавања и смета дека треба оваа катедра да се врати.

Според неа, интересот за изучување на ромскиот јазик е поголем од кога било и не би требало да остане само на маргините на основното образование.

- Од лично искуство, од досегашното мое работење како наставник и од големиот број ученици што го избираат и следат предметот Јазик и култура на Ромите, можам да кажам дека интересот е голем. Секое дете уште поцврсто стои на свои нозе и има поголема самодоверба изучувајќи ги својот јазик, традиција и историја во училиштата. Катедрата по ромистика, како што нагласив и претходно, верувам и се надевам дека наскоро ќе го добие своето место на еден од наставничките факултети и дека оттаму ќе излегуваат нови кадри со нови идеи и сигурни реализации. Децата заслужуваат да го уживаат тоа право - вели Мартина.

Љубовта кон јазиците ја наследила од татко си

Мартина од мала го закачила „јазичниот вирус“, пред сè, инспирирана од нејзиниот татко, кој е со долгогодишно искуство како професор по македонски јазик. Сепак, таа отсекогаш сакала да открива нови култури, така што откако првин се решила детално да го изучи мајчиниот јазик, сакала да се запознае и со ромскиот.



- Основното образование го завршив во ОУ ,,Кузман Јосифоски-Питу“ во Кичево, а подоцна моето образование го продолжив во гимназијата „Мирко Милески“ , исто така, во Кичево. Уште во раните години на моето основно образование почнав да пројавувам желба за пишаниот збор, а самото тоа го повлече интересот и за изучување на јазиците. Не поминуваше ниеден литературен конкурс, а јас да не бидам првопријавена и секако да освојам награда. Често знам да кажам дека овој интерес кон јазиците го носам во своите гени како наследство од татко ми, кој е со долгогодишно искуство како професор по мајчин јазик и љубител на пишаниот збор. Исто така, мислам и дека не можеш да пројавиш интерес за изучување други јазици доколку најпрво не ја негуваш љубовта кој својот мајчин јазик - додава Мартина.

Сите се чудеа кога го одбрав ромскиот јазик


Љубовта кон ромскиот јазик кај Мартина се родила уште додека била во основното училиште во родното Кичево. Тогаш била воведена настава на мајчин јазик за учениците од помалите етнички заедници, а неа тоа многу ја заинтересирало и необично ѝ звучело, така што целата приказна почнала уште тогаш.

- Јас бев ученик кој отсекогаш знаеше дека еден ден ќе стои од другата страна на училницата, дека ќе им се обраќам на ученици кои ќе седат онаму каде што јас седев. Го следев тој пат и знаев дека ќе успеам. Знаев дека мајчиниот јазик ќе биде предметот што ќе го предавам. Па така и беше. Се запишав на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ во Скопје. Имавме право да одбереме уште еден јазик под Ц, кој можеме да го изучуваме. Јас сакав јазикот што ќе го изберам да биде предизвик за мене. Избрав ромски јазик. На сите околу мене им беше чудно и несфатливо зошто баш од сите јазици го избрав ромскиот. Но тоа не беше воопшто важно. Сепак, јазиците рушат бариери - вели таа.

На почетокот бевме само тројца


На почетокот од формирањето на отсекот по ромистика немало голем интерес, така што Мартина и уште неколкумина студенти премиерно ги почнале студиите на овој јазик кај нас. Сепак, на крајот Мартина останала единствената што целосно го завршила двогодишниот семестар по ромски јазик. Таа смета дека многу наскоро ромскиот јазик ќе си го добие заслуженото место на еден од наставничките факултети и оттаму ќе излегуваат нови кадри со нови идеи и сигурни реализации.

- На почетокот од првиот семестар бевме запишани само тројца студенти што го имавме избрано овој јазик, а групата ја водеше почитуваниот професор д-р Љатиф Демир. Немаше голема заинтересираност затоа што беше прва година откако ромскиот јазик влезе како составен дел на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Иако на почетокот бевме неколку студенти, на крајот јас бев единствената што ги заврши двогодишните студии по ромистика. Двогодишните студии опфаќаа следење на наставата по јазик, историја и култура на Ромите, а со самото тоа неизоставен дел беа и колоквиумите и испитите што беа во рамките на овој предмет - вели Мартина.



Има голем интерес за ромскиот јазик

Но што е следно за Мартина? Предавањето е во нејзините гени и таа веќе го прави тоа. Таа предава ромски јазик во основно училиште, на деца од трето до шесто одделение. Сепак, нејзината мисија е ромскиот јазик повторно да добие катедра, а со тоа и да излезат повеќе кадри.

- Мојата цел уште на почетокот беше јасна. Сега дури се чувствувам и повикана да одговорам на прашања засегнати за ромскиот јазик. Сега веќе се отвораат многу теми за кои треба да се даде конкретен одговор, како за ромскиот јазик како мајчин јазик и правото на Ромите да го избираат и да се определуваат за изучувањето мајчин јазик на наставничките факултети во нашата држава, така и за јазикот воопшто. Не велам дека двогодишни студии се доволен период за да се опфати една научна област, но јас сум уверена дека со многу труд и работа тие двегодишни студии можат да се реализираат во четиригодишни студии. Јас веќе петта година го предавам предметот јазик и култура на Ромите, на учениците од трето до шесто одделение, и искрена да бидам - сè повеќе има интерес и од другите ученици на кои ромскиот јазик не им е мајчин. Цел ми е да се дознае дека постоеше и се изучуваше јазикот на Ромите на универзитетско ниво и дека се правеа напори, но не успеа, што не значи дека не треба да се продолжи – кажува Мартина.