Фотограф успеал да направи неверојатна снимка од вулканска ерупција, но притоа му се стопил дронот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
На Исланд има околу 130 вулкани. Повеќето од нив не се активни, но земјата неодамна доживеа ретка вулканска ерупција во југозападната област на полуостровот Рејкјанес.
На 20 март 2021 година почна да еруптира вулканот познат како Гелдингдадалур, кој и денес исфрла црвена жешка лава. Активниот вулкан во моментов се следи, но не се смета за закана за околните области. Многу луѓе се собираат на местото на настанот со цел да уживаат во спектакуларната глетка од безбедно растојание.
Но, фотографот Гарџар Олафс сакал да направи уникатна снимка, па премногу го приближил својот дрон.
Дронот на Олафс прелета директно над врвот на вулканот и направи снимки што ја прикажуваат огнената уста на вулканот. Но, тоа имало цена - екстремната топлина предизвикала топење на дронот.
- Го летав мојот дрон околу ерупцијата и помислив дека би било одлично да направам снимки одозгора. Полека го спуштив дронот до моментот кога можев да ја видам ерупцијата на лавата, а кога погледнав нагоре, веќе не можев да го видам дронот. Во суштина, со помош на дронот, бев во кратерот на вулканот - вели Олафс.
Кога сфатил дека неговиот дрон е прилично блиску до лавата, тој брзо го повлекол. За среќа, дронот сè уште работи, но светлото и сензорите беа оштетени од топлината. И покрај тоа, фотографот не жали.
- Би рекол дека вредеше за снимката што ја направив - вели тој.
Вулканот Гелдингадалир во моментов еруптира близу родниот град на Олафс, Рејкјанес, но тој никогаш не очекувал да види ваков настан.
- Деновиве доживуваме нешто историско на
Исланд, нешто што мислев дека никогаш нема да го доживеам во текот на животот, буквално во задниот двор на 15 минути од мојот дом. Засекогаш благодарен и горд на мојата земја - пишува тој на „Инстаграм“.
Фото: Instagram/Screenshot