ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Кој е најстариот факултет во Македонија?

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Кој е најстариот факултет во Македонија?

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Со девет професори, 33 студенти, во зградата на познатата османска Идадија – учителската школа во тогаш западната периферија на Скопје, на 16 декември 1920 година почнал со работа првиот факултет во Македонија, тогаш дел од Кралството на СХС. Станува збор за Филозофскиот факултет во Скопје, кој е основан со кралски указ на 2 февруари 1920 година. На 1 ноември 1920 бил распишан конкурс за прием на студенти по книжевност, лингвистика, историја, филозофија и педагогија. 

Кочо Рацин во одбрана на факултетот

Деканот на Филозофскиот факултет, проф.д-р Ратко Дуев, ни открива дел од најинтересните факти за оваа најстара високообразовна институција во земјава. 

- Бројот на студенти во втората учебна година станал 69, а факултетот бил преместен во сопствена зграда. Првите дипломирани студенти биле промовирани во средината на 20-тите години. До средината на 30-тите години на факултетот студирале околу 180 студенти годишно. Во учебната 1930/31 година на факултетот работеле 21 професор. Иако Филозофскиот факултет бил замислен како тврдина на режимската политика на југот, Факултетот во втората половина на 20-тите и особено во 30-тите години сè повеќе се оттргнувал од воспоставената државна контрола. Во декември 1924 година, и покрај строгата контрола на власта, но и во атмосфера на политичка летаргија што владеела во Македонија, студентите од Скопје се солидаризирале со колегите од Љубљана и Загреб и стапиле во штрајк за одбрана на автономијата на универзитетските професори. Обидите за основање на културно-просветното друштво „Вардар“ не наишле на разбирање кај факултетската управа, иако во Загреб и во Белград постоеле такви здруженија - објаснува Дуев.

Тој додава дека немањето доволна контрола врз Филозофскиот факултет од страна на власта, и покрај постојаното потенцирање за неговата национална важност, придонело во одредени политички кругови во Белград да се размислува за негово укинување.  

Ратко Дуев

Поетот Кочо Рацин, како секретар на Културно-уметничкото друштво „Абрашевиќ“, застанал против намерите за укинување на Филозофскиот факултет во Скопје заедно со студентите и професорите на факултетот. Голем дел од професорите и голем број студенти активно се вклучиле во борбата против фашизмот и против окупацијата на Македонија, потсетува деканот. 

- Притоа, повеќе од 40 студенти и еден професор ги загубиле своите животи, а голем дел од нив биле депортирани по логорите и затворите на тогашна Југославија. Најголемиот дел од студентите и дел од професорите од Филозофскиот факултет, по војната, активно ќе се вклучат во обновата на факултетот. Некои од нив стануваат мошне значајни личности за нашата наука, култура и образование, како: Кирил Пенушлиски, Блаже Конески, Јордан Попјорданов, Јован Трифуновски, Томо Томовски, Десанка Миљовска, Александар Апостолов, Анѓел Динев, Благоја Корубин, Никола Сотировски и други.


Д-р Михаил Д. Петрушевски - прв декан на возобновениот Филозофски факултет


Во 1946 со закон на Владата на НР Македонија е возобновен Филозофскиот факултет, како прва единица на првиот македонски универзитет, по оној најстариот на Плаошник, на св. Климент, во IX век. На голема свеченост во Македонскиот народен театар на 29 ноември 1946 (Денот на републиката) првиот декан д-р Михаил Д. Петрушевски го прогласува отворањето: 

„Ве поздравувам во името на новоизбраното професорско тело и го објавувам отворањето на новооснованиот Македонски државен универзитет... македонскиот народ го прославува големиот празник со достојно дело...“ Со Филозофскиот факултет започнува сè: значајниот библиотечен фонд создаден пред војната при факултетот бил преземен во Народната библиотека, преименувана во Народна универзитетска библиотека.

Во 1946/47 година Филозофскиот факултет ја започнал наставата со 1 редовен, 7 вонредни професори, 1 доцент, 4 лектори, 16 универзитетски предавачи, од кои 13 без докторат и 6 асистенти. Биле запишани 469 студенти, како прв факултет во слободната македонска држава во кој наставата се одвивала на македонски јазик. 

Факултетот почнал да работи со научните групи: Филозофија, Педагогија, Историја, Историја на уметност, Славистика, Јужнословенска литература, Класични јазици, Група за македонски јазик, Романистика, Географија, Биологија, Хемија, Физика и Математика. Во 1946 г. Филозофскиот факултет бил сместен во повеќе различни згради. Деканатот се наоѓал во просториите на Народната библиотека, додека предавањата биле организирани во повеќе други институции во Скопје (Поштенскиот дом, Природонаучниот музеј).