Дали класичната литература е подобра од современата?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Многу луѓе денес не можат да одлучат дали да читаат класична литература или не. Од една страна, се чини дека е застарена, но од друга страна, може да всади високи идеали кои наводно веќе не постојат во современата литература.
Писателите што творат во модерното време се обвинуваат за површни дејства, неубедливи врски, плитки дијалози итн. Проблемот е што овие наводи се темелат на книги што сите ги знаат, како „Педесет нијанси сиво“, „Самрак“, „Игрите на гладните“ и други бестселери. Но, современата литература не е ограничена само на овие книги.
Дали класичната литература навистина заслужува почит, а современата литература презир?
Класичната литература не ѝ го обезбедува на модерната личност она што ѝ е потребно
Со ретки исклучоци, ние и нашите родители ги учевме истите книжевни дела. Но, времињата се променија - сега интересите на луѓето се разликуваат од оние што ги имале луѓето пред неколку децении.
Класиците почнуваат да изгледаат досадни затоа што не ја знаеме реалноста опишана во нив. Понекогаш ни е тешко да разбереме за што станува збор бидејќи немаме такво искуство. Сепак, современата литература ја опишува реалноста во која живееме, поради што многу луѓе избираат да ја читаат.
Се разбира, постојат вечни теми како што е односот помеѓу родителите и децата, романсата, патриотизмот, љубовта кон природата, животните итн. Сепак, дури и овие работи се менуваат. На нашите родители не им се обраќаме со господине/госпоѓо, не пееме серенади под прозорците, а мачките и кучињата станаа членови на нашето семејство.
Денес жените се главните купувачи на книги. Целна публика на класиците биле мажи
Се смета дека жените се главните читатели на фикцијата. Според статистичките податоци, мажите претпочитаат научни жанрови и помалку читаат. Причината за ова е различниот став на мажите и жените кон литературата. На пример, жените ги доживуваат
книгите како начин да избегаат од реалноста, додека мажите ги читаат како прирачник за составување мебел.
Бидејќи книгите имаат тенденција да нè инспирираат и поддржуваат, не изненадува тоа што многу луѓе претпочитаат модерна литература пред класиците:
- Главниот лик во класичните романи е обично маж.
- Дури и ако е жена, таа е прикажана како додаток на мажот и зависи од него за сè.
- Практично нема силни женски ликови во класичните дела.
Прилично е тешко да се размислува за овие класични приказни како форма на совет или начин да се избега од реалноста. Современите книги, напротив, ни нудат изобилство од силни женски ликови, како што е дистопискиот роман „Приказната на робинката“ од Маргарет Атвуд или „Зулеиха“ од Гузел Јакина.
Класичните романи и приказни обично се пишуваат на комплициран јазик, додека современите дела се едноставни
Од една страна, јазикот на класичната литература е многу тежок. Се сеќавате на речениците во книгите на Лев Толстој кои беа долги цела страница? Но, овие текстови се тешки за читање од уште една причина: содржат многу зборови чие значење повеќе не можеме да го разбереме. Тоа се имињата на предметите и професиите што повеќе не постојат и зборови што биле модерни во времето на создавањето на книгата, а кои на крајот исчезнале.
Од друга страна, јазикот на класиците е многу богат. Тука ќе наидете на рафинирана синтакса и разни метафори што речиси никогаш нема да ги најдете во модерната литература. Покрај тоа, класичната литература може да го подобри вашиот речник, што е голема предност и може да ви помогне во критичкото размислување.
Прекрасни романи се објавуваат и во модерните времиња. И во минатото имало лоши романи, но тие едноставно биле заборавени
Дали современата литература е навистина толку лоша како што мислат сите? Всушност, зависи од тоа што ќе прочитате. Ако меѓу илјадници романи објавени оваа година наидете на 2 или 3 книги со слаба содржина и квалитет, тоа не значи дека другите се исти.
Проблемот е во тоа што е тешко да се најде добра книга во илјадници книги. Обично избираме книга заснована на препораки. За жал, овие препораки се даваат за книги чии автори се погрижиле да бидат рекламирани. Но, постојат одлични писатели кои немаат пари да го направат тоа.
Во минатото пазарот со книги бил многу помал, но дури и во тоа време имало слаби романи и приказни. Тие не го издржале тестот на времето и биле заборавени. Затоа се чини дека целата класична литература е рафинирана и квалитетна, додека современата литература е лоша.
Извор:
Brightside.me
Фото: Freepik