Ако не создадеме соодветни средни училишта за децата со аутизам, грижата за нив ќе остане на семејствата, на државата и на сите нас, вели Јасмина Трошанска, специјален едукатор и рехабилитатор

Ако не создадеме соодветни средни училишта за децата со аутизам, грижата за нив ќе остане на семејствата, на државата и на сите нас, вели Јасмина Трошанска, специјален едукатор и рехабилитатор

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога ќе споменеме деца со посебни потреби и пристапност во училиште, веднаш се мисли на пристапна рампа, лифт за лицата со тешкотии во движењето, книги на Брајово писмо, апарат за слушање итн. Но, никој не споменува акомодација и адаптација за децата со аутизам, истакнува Јасмина Трошанска

Во периодот на пубертет и адолесценција децата постепено преминуваат во светот на возрасните. Во овој период е и запишувањето во средно училиште. Сето ова е стресно за сите деца и за сите родители. Но, кога станува збор за децата со аутизам, тие имаат дополнителна тешкотија, а тоа е аутизмот, кој дополнително го усложнува и така сложениот период, посочува доц. д-р Јасмина Трошанска, претседател на Здружението за унапредување на квалитетот на животот на лицата со аутистичен спектар на нарушување „Сина светулка“, специјален едукатор и рехабилитатор.

- Средното образование е задолжително кај нас, што од една страна е добро бидејќи сите деца ќе завршат средно образование, но, од друга страна, постојат голем број прашања поради кои родителите на децата се загрижени, а и сите ние треба да бидеме. Првото прашање е како да се избере средно училиште кое ќе го посетува детето со аутизам? И тука имаме потпрашање: Дали кај нас има соодветно училиште за деца или млади со аутизам? Потоа следува ново потпрашање: Што значи соодветно училиште за деца и млади со аутизам? итн.
Сите овие прашања ќе нѐ наведат на проблемите со средното образование за децата со аутизам во нашата држава. Но, јас нема да зборувам за проблемите, туку за тоа што треба да направиме со цел да се подобриме во оваа сфера – истакна Јасмина Трошанска.



Визуелни ученици


Целта на средното образование е да го подготви детето за понатамошниот пат во животот, за стекнување вештини за работа, избор на професија и вработување.

- Постојат деца/лица кои се во спектарот на аутизам, но на „десната страна“ од спектарот високо функционални, кои кај нас остануваат недијагностицирани и најчесто посетуваат редовни или приватни средни училишта, поминуваат низ редовниот систем на образование и најчесто се успешни личности во своите професии. Иако дел од нив често се соочуваат со булинг во училиштата. На другата страна од спектарот се децата со аутизам кои се помалку функционални. Овие деца, иако имаат некои свои „јаки страни“, како што е добрата меморија или музички и ликовни способности, често не можат да ги развиваат бидејќи методскиот пристап и во основните и во средните училишта е несоодветен. Кога ќе споменеме деца со посебни потреби и пристапност во училиште, веднаш се мисли на пристапна рампа, лифт за лицата со тешкотии во движењето, книги на Брајово писмо, апарат за слушање итн. Но, никој не споменува акомодација и адаптација за децата со аутизам – истакнува Јасмина Трошанска.

Децата со аутизам се визуелни ученици, вели таа.



- Тоа мора да го сфатиме и да го промениме во свеста на сите што работат со нив и во свеста на родителите. Можете да ја прочитате книгата „Thinking in Pictures” од Темпл Грандин и сѐ ќе ви стане јасно. Од најмала возраст, кај секое дете задолжително треба да се развијат вештини за комуникација, преку предмети, преку слики, преку симболи, сѐ додека не се развие говор или додека говорот не се стави во функција на комуникација. Кај нас дури и професионалците не прават разлика помеѓу комуникација, говор и јазик, за жал. Значи, задолжителна визуелна поддршка во работата со нив, од визуелен распоред, соодветно уредување на просторот, одредување соодветно место за седење итн. Во секое училиште мора да постои место каде што доколку се почувствува премногу вознемирено, детето, младото лице ќе може да се изолира со цел да се смири. На конференциите на кои присуствував, во Единбург, Ница, во Краков минатата година, каде што беа присутни голем број возрасни со аутизам, постоеше соба за смирување, со придушено светло, тивка музика и убави мириси. Во училиштата мора да се размислува во таа насока – категорична е нашата соговорничка.

Забележуваат детали, а не целата слика

Честопати децата и адолесцентите со аутизам имаат проблем со процесирањето на информациите, особено доколку им ги соопштувате вербално, а не визуелно.

- Иако имате намера да им кажете нешто убаво, можете да ги вознемирите. Често тие го гледаат дрвото, но не ја гледаат шумата. Забележуваат детали, а не целата слика и можат погрешно да ве разберат. Имаат ниско ниво на мотивација, не се мотивирани да прават што било, не сакаат да спортуваат или да работат нешто кое за нив не е значајно и важно. Често не ги разбираат непишаните социјални правила, не читаат меѓу редови и можат да не ги разбираат своите соученици, дури и кога тие сакаат да им кажат нешто убаво или, пак, кога им се потсмеваат.
Кога преминуваат во средно училиште, треба да се внимава на нивото на анксиозност (поради сите претходно наведени предизвици на аутизмот), да се внимава на социјалните компетенции, способноста за адаптација во нова средина и дали детето/младата личност има коморбидитети (други здравствени проблеми). Истражувањата покажуваат дека голем дел од адолесцентите со НСА (нарушување од спектарот на аутизам) се анксиозни и под стрес, можат да имаат идеи за самоубиство, да бидат малтретирани (булинг), да се самоповредуваат, проблеми со спиењето, гојазност и кризи во однесувањето. Сето ова предизвикува голем стрес во семејството - ни објаснува Јасмина Трошанска.



Да се свртиме кон јаките страни на децата со аутизам

Средното училиште треба да развие вештини за работа и да му помогне на младото лице да се вработи. Како и секое младо лице, и лицата со аутизам можат да работат.

- Образованието мора да се промени. Имав можност да посетам училиште во Велика Британија и да видам одблиску како се подготвуваат младите лица за работа во ресторан, за работа во текстилната индустрија, во супермаркет, во маркетинг-компании, во земјоделството и занаетчиството. Деца што имаат значајни тешкотии успеваат да стекнат вештини и да се вработат на соодветно работно место. Повеќе информации за ова училиште можете да погледнете на линкот https://northgateacademy.org.uk/the-bee-hive/cafe/. Мораме да напоменеме дека ова е посебно училиште. Многу нешта кои ќе помислите дека се возможни само на филм, верувајте, навистина постојат. И да, ние не сме толку богата држава, но не е се во средствата, туку најмногу е во трпението во работата со овие деца, соодветни цели во работата и во верувањето дека можеме да успееме. Препорачувам да се свртиме кон јаките страни на децата со аутизам, да создадеме соодветни средни училишта за нив бидејќи доколку не ги оспособиме за работа и самостоен живот, грижата ќе остане на семејствата, на државата и на сите нас – вели Трошанска.



Таа преку здружението „Сина светулка“ работи на проектот „Labor Inclusion for People with Autism” (http://lipsproject.eu/ )

- Во периодот што следува ќе вршиме истражување на законите за вработување во четири европски држави и подготвеноста на работодавците да примат лица со аутизам во своите компании. Се надевам дека во иднина ќе влијаеме да се промени свеста кај луѓето и ќе постои систем кој навистина ќе ги користи потенцијалите на лицата со аутизам - вели Трошанска.

Фото: приватна архива