Кристијан Саламовски, студент по ветеринарна медицина, ги истражува сличностите на ракот кај луѓето и кај животните во својот научен труд
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Канцерот е болест која слично влијае и врз луѓето и врз животните, а животинските модели играат клучна улога во истражувањето на болеста и во откривањето нови третмани за лекување, истакнува Саламовски.
Ракот е болест која ги надминува границите на видовите, пишува во своето студентско научно истражување Кристијан Саламовски, студент на Ветеринарниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола. Неговиот труд „Компаративна онкологија - преглед на сличностите помеѓу животинскиот и човечкиот рак“, изработен под менторство на деканот од Ветеринарниот факултет, проф. д-р Никола Караболовски, е еден од шесте студентски труда што ги исполнија потребните критериуми за да бидат објавени во универзитетското списание „Нови хоризонти“.
- Овој труд има цел да ги претстави и спореди сличностите помеѓу ракот на животните и ракот на луѓето, со фокус на тоа како овие паралели можат да го информираат и подобрат разбирањето на третманот на ракот кај луѓето. Ракот е болест која слично влијае и врз луѓето и врз животните. Животинските модели играат клучна улога во истражувањето на ракот, обезбедувајќи вредни сознанија за биохемиските и физиолошките процеси на појавата и развојот на болеста - вели Саламовски.
Караболовски: Покажавме колку е слична билогијата на неоплазматските заболувања кај едните и другите
Студентот во трудот посочува дека компаративната онкологија, или мост меѓу видовите, како што често се нарекува, ги проучува природните видови на рак кај животните како модели за човечка болест. Специфичните форми на природно настанат рак кај животните е сличен како оној кај луѓето, па животинските модели се користат во клиничките испитувања за да се проценат терапевтските ефекти на различните клинички интервенции. Тие се незаменливи во истражувањето на ракот, помагајќи да се симулира појавата, развојот и механизмите за малигна трансформација на туморите.
- Преку овој труд се обидовме пионерски да покажеме колку се значајни животинските модели во истражувањето на малигните заболувања помеѓу хуманата и ветеринарната медицина. Од една страна, мора да признаеме имаме ситуации каде што треба да се издвојат многу средства во хуманата медицина зашто тоа се многу скапи истражувања, но од друга страна, тие истражувања секогаш се вршат врз животни со посебни добиени дозволи, легално и полесно се изведуваат тие истражувања на животински модели. Покажавме колку е слична билогијата на неоплазматските заболувања и кај животните и кај луѓето - вели менторот Караболовски.
Ракот кај кучињата е сличен како оној кај луѓето
Во трудот се посочува дека одредени видови рак, како што е остеосаркомот, се неверојатно слични меѓу кучињата и луѓето, и микроскопски и молекуларно. Кучешкиот рак често се нарекува огледало на човечкиот рак. Кучињата се вредни модели за истражување на ракот поради нивната висока генетска сличност со луѓето - приближно 95 отсто.
Овој пристап не само што им овозможува на кучињата пристап до најсовремени третмани за рак, туку исто така помага да се осигуриме дека на луѓето им се даваат третмани со поголема веројатност да успеат.
- Во однос на третманот, многу исти лекови, вклучително и хемотерапија и зрачење, се користат за лекување и на животните и на луѓето. Примарните разлики лежат во дозата и зачестеноста на третманот, при што животните обично добиваат помали дози за да се намалат токсичноста и несаканите ефекти. Клиничките испитувања играат клучна улога во развивањето нови третмани - пишува студентот во трудот.
Компаративната онкологија е во подем
Глувците се најчесто користените животински модели во истражувањето на ракот поради нивната висока адаптација на различни средини и генетска варијабилност. Тие можат да бидат генетски конструирани за да развијат тумори како оние кај луѓето, обезбедувајќи платформа за проучување на растот и ширењето на туморите. На пример, моделите на ксенотрансплантација (PDX) добиени од пациентот, каде што клетките на ракот од туморот на пациентот се имплантираат во глувчето, станаа жариште за истражување бидејќи ја задржуваат микросредината на примарниот тумор и основните карактеристики на клетките.
- Колку и да се прават истражувања во хуманата медицина, животните дефинитивно се многу потребни. И животните и луѓето си требаат едни на други. Тие се многу слични. Сега има и генетски модифицирани органи, се пресадуваат од животни на луѓе, па одредено време и живеат. Темите од компаративната онкологија се во тренд, во нив има голем потенцијал, дефинитивно сѐ повеќе ќе се истражува и во иднина - додава Саламовски.
Следно ќе ја истражуваат кучешката тенија
Деканот Караболовски, кој воедно е и ментор на трудот, додава дека сѐ повеќе студенти од Ветеринарниот факултет се заинтересирани за научни истражувања. Така, тој за следната научна студентска конференција најави дека ќе истражуваат горлива тема за човековото здравје, а тоа е кучешката тенија, која ја има во нашето поднебје.
- Се поврзува прво со бездомните животни, кучињата и мачките, второ е поврзана со хигиенските навики на луѓето и трето со нивото на свест на сопствениците кои чуваат домашни миленици за прочистувањето од паразити. Планот е да направиме истражување заедно со хируршкото одделение при болницата, статистика колку операции се таму извршени од кучешка тенија. И да покажеме во јавноста колку опасна болест е таа, а едно мало невнимание од изедена недоволно миена салата или јагода може некому да му го упропасти животот - додава Караболовски.
Фото: приватна архива