Аида Петровска, награден просветен работник: Добриот наставник ги сака своите ученици, ги почитува, го цени нивниот труд и е праведен

Аида Петровска, награден просветен работник: Добриот наставник ги сака своите ученици, ги почитува, го цени нивниот труд и е праведен

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Денес, како никогаш досега, имаме потреба оваа професија да ја направиме попривлечна, поплатена, помалку стресна и да создадеме млади, способни кадри кои ќе ги поучуваат и воспитуваат идните поколенија




Аида Петровска, наставничка во ООУ „Димитар Миладинов“, во еден ден се закити со две признанија - просветен работник на годината на Град Скопје и на Општина Центар. Амбициозна наставничка која знае како да ги мотивира своите ученици да ги сакаат природните науки, особено физиката. Со години има свои блогови со тестови, вежбанки, едукативни постери, нејзин јутјуб-канал.

- Радоста е немерлива кога во ист ден, по ист повод, добиете две признанија од својата фела. Секое признание има големо значење, а особено ова признание од Сојузот на просветни работници на Град Скопје, како и на Општина Центар, кое се доделува по повод 24 Мај - Денот на словенските просветители. Поводот на признанијата им дава немерлива возвишена вредност и за мене претставува голема чест и обврска. Сите признанија од колеги се доказ дека вашиот труд се забележува и дека вашите дела зборуваат за вас – вели Петровска.
 
Што го прави еден наставник добар?

- Добар е оној наставник што умее да ги мотивира учениците да учат за знаење, наставник отворен за нови идеи и предизвици, соработлив, комуникативен, трудољубив и праведен. Самиот треба да има натпреварувачки дух, секојдневно да поставува предизвици пред своите ученици, да ги разбуди љубопитноста и потребата за докажување. Наставникот треба да влева доверба, да е искрен, чесен и стабилен. Да ги поттикнува учениците и тие да ги негуваат истите особини. Да станат чесни, искрени, хумани, вредни, стабилни личности. Накратко, добар наставник ги сака своите ученици, ги почитува, го цени нивниот труд и е праведен.


Kако ги мотивирате учениците да ја засакаат физиката?

- Со физиката осмоодделенците се запознаваат преку предизвици кои подоцна прераснуваат во мотивација. Преку вложениот напор доаѓаат до успех во решавањето проблеми, а плодовите од решените проблеми мотивираат да истражуваат каде да ги постават границите и кои знаења се соодветни за нивната возраст. Лесните предизвици не се привлечни за никого, потребни се посложени предизвици во кои секој ќе се најде и на повеќе начини ќе може да даде свој придонес. Почетоците се резервирани за развивање креативност и самоевалуација за подоцна да прераснат во јакнење на стратегии и развивање натпреварувачки дух. Во сите фази се неминовни компјутерите, кои сѐ почесто ги заменуваме со телефони.

На пример, во септември учиме и се подготвуваме за мерење на обиколката на планетата Земја (Ератостенов експеримент), ноември ни е резервиран за „Месец на наука“ и ни е еден од поомилените месеци во годината, декември си се самодокажуваме, а од февруари до мај има натпревари на ниво на општина, регион, држава, тука се и „Денови на електротехниката“ – градски натпревар, еден од поомилените на сите наставници и ученици. Учествуваме на многу меѓународни натпревари, проекти и манифестации, а сите тие активности ги вклопуваме во редовната програма и воннаставните активности, што е дополнителен мотив за учениците и за наставникот. Се стремиме нашата држава Македонија да ја претставиме што подобро и секогаш да имаме завидни резултати.


Се стремиме да не сме само присутни, туку да го покажеме наученото. Би ги истакнала „STEM discovery week” кога организираме училишни фестивали на наука и изработуваме постери, зад нас се многу eTwinning проекти на разни теми, иако со eTwining програмата започнавме во ноември 2017 год.
Значајни се и интернет-олимпијадите организирани од рускиот Телеком, како и долгогодишната соработка со Романија. Денес работиме заедно со пријателите од Индија и од Италија. Сѐ е добро испланирано и сите ученици даваат свој придонес во реализацијата на сите активности и тоа според афинитетите. Сите активности во и надвор од наставата мотивираат. Важна е и привлечноста на предметот, а физиката е таква, допадлива и барем со една тема го привлекува вниманието на секој ученик. Мотивира и заедничката грижа за материјалот, ресурсите, изработката на тестовите и наставните ливчиња.

Учествувате ли на натпревари, настани поврзани со оваа наука?

- Да, секоја година учествуваме на сите натпревари, како за ученици така и за наставници. Најголем дострел ни беше првото место на федерално ниво, кога бевме дел од СФРЈ, потоа втори места на олимпијади организирани од Софискиот универзитет, честопати сме први на државно ниво, а од оваа учебна година ќе ги набројам само позначајните натпревари и награди – на државниот натпревар по физика: во категоријата експерименти: Матеј Куновски (прва награда), Искра Николовска, Анастасија Алексова, Ира Делевска, Ива Бојаџиева, Марко Ракиќевиќ (трета награда). Во категоријата задачи Матеј Јовчевски освои второ место, а освои и прва награда на натпреварот по физика и математика за стипендија во „Јахја Кемал“. На „Кинофест“ во организација на гимназијата „Алгоритам“ освоивме трето место.
Како наставник-натпреварувач би ги издвоила следниве награди: од оваа учебна година – Microsoft 365 challenge, во декември минатата година. Сите десетмина наставници бевме наградени, а јас добив трето место. Во 2016 Друштвото на физичарите ме избра во најуспешните наставници по физика, додека во 2015 бев избрана за најООР наставник, поради голем број отворени образовни ресурси. Во моето долгогодишно искуство се здобив со многу други награди и признанија.

Петровска со ученикот на генерацијата Матеј Јовчевски

Какво е местото на наставникот во нашето општество?

- Кај нас наставникот е наставник во и надвор од училиштето. Неговото звање трае по 24 часа на ден и е доживотно, а според вложувањето, најмалку е вреднувано. Но, и покрај сите тешкотии, да се биде наставник е една од најубавите професии. Местото на наставникот во нашето општество е на многу ниско ниво и стана непривлечна професија поради огромно вложување, а никаков бенефит. Веќе се дефицитарни наставниците по природните науки. Најголем број од матурантите се одлучуваат своето образование да го продолжат на факултетите по општествено-хуманистичките или политичките науки, уметност, менаџмент и слично, ги одбегнуваат природните науки, кои се сѐ помалку атрактивни, а по завршувањето многумина го одбегнуваат образованието како опција за вработување.


Само вљубениците во просветната работа, вооружени со трпение, креативност, љубов и фантазија, се фаќаат на просветното оро и го играат докрај, до пензионирање. Денес, како никогаш досега, имаме потреба оваа професија да ја направиме попривлечна, поплатена, помалку стресна и да создадеме млади, способни кадри кои ќе ги поучуваат и воспитуваат идните поколенија.