Достапен нов лек за пациентите со мултиплекс склероза

Достапен нов лек за пациентите со мултиплекс склероза

Подготвил: Н.Б.З.

Лектор: Ивана Кузманоска

Овој лек е ефикасна и комфорна терапија со која првпат пациентите со мултиплекс склероза не мора секојдневно или секоја недела да мислам на својата терапија. Тој се дава на шест месеци




Нова надеж за лицата со мултиплекс склероза-МС во земјава е пристапот до новиот иновативен, биолошки лек „окревус“ (Ocrevus) или „оцрелизумаб“. Се користи за лекување активни форми на релапсна мултиплекс склероза и е прв и единствен лек одобрен во светот за третман на лица во рана фаза на примарно прогресивна мултиплекс склероза.
„Окревус“ на фармацевтската компанија „Рош“ овозможува значителна супресија на сите маркери за активност на болеста и прогресија на инвалидноста, а воедно има поволен профил на односот помеѓу користа и ризикот за пациентите. Отпочната е постапката за негова набавка за тринаесет пациенти со МС.
Овој лек е ефикасна и комфорна терапија со која првпат пациентите со мултиплекс склероза не мора секојдневно или секоја недела да мислам на својата терапија. Тој се дава на шест месеци преку интравенска инфузија, без потреба од рутински тестови.
„Рош“ го промовира овој лек пред стручната јавност.
- „Окревус“ е веќе одобрен во повеќе од 60 земји во светот, како Северна Америка, Јужна Америка, Блиски Исток, Европа, Австралија, Швајцарија и други. До денес со него се лекувани повеќе од 40.000 пациенти - изјави д-р Александра Ивановска, директор на „Рош Македонија“.
Станува збор за прв и единствен лек одобрен за третман на лицата со релапсни форми на мултиплекс склероза и примарно прогресивна мултиплекс склероза. Благодарение на менаџментот и стручниот тим на Клиниката за неврологија во Скопје и здравствените власти, велат од компанијата, веќе е почната постапката за негова набавка за тринаесет пациенти со МС.
- Реализирана е и донација за уредување и опремување на соба за интравенска администрација на терапија, по највисоки стандарди, со што пациентите наскоро ќе добијат соодветни и квалитетни услови за примање на терапијата – додаваат од компанијата.
Од мултиплекс склероза боледуваат повеќе од 2,5 милиона лица во светот, додека во Македонија бројот е поголем од 1.200. За жал, од оваа болест најчесто заболува младата популација, на возраст од 20 до 40 години. Mултиплекс склероза е хронична и инвалидизирачка болест, со трајни последици врз здравјето, мобилноста и инклузијата на пациентите во секојдневните активности и работоспособноста, но и голем товар за нивните семејства и општеството во целина.

- На Клиниката за неврологија во моментот се лекуваат 409 пациенти со МС, од кои најголемиот дел, 372, се на третман со терапија од прва линија (интерферони), a 37 на терапија од втора линија. Веќе е отпочната постапката за набавка на лекот „окревус“. Врз основа на податоците од робусните клинички истражувања, лекот ветува дека ќе биде значајна третманска опција за нашите пациенти со активна релапсна форма на мултиплекс склероза и рана фаза на примарно прогресивна МС. Заложбата овој лек да биде достапен за сите лица со МС на кои им е потребен е и наша - изјави науч. сор. д-р Иван Барбов, невролог и директор на Универзитетска клиника за неврологија.
Д-р Игор Кузмановски, невролог на Клиниката, изјави дека станува збор за прв и единствен лек одобрен за третман на лицата со примарно прогресивна мултиплекс склероза, кој значително ја забавува прогресијата на инвалидноста и ги намалува знаците за активност на болеста во мозокот (MRI лезии) во споредба со плацебо во период на следење од 3 години.
Проф. д-р Томас Бергер, директор на Клиниката за невроимунологија и МС и заменик-претседавач на клиничкиот оддел за неврологија при Медицинскиот факултет во Инсбрук, Австрија, рече дека „окревус“ е моноклонално антитело кое специфично ги таргетира Б-клетките, кои играат клучна улога во патофизиологијата на МС.
- Иако клиничките студии покажаа дека значително ги намалува идните релапси, што е уште поважно, ја стопира прогресијата на болеста. Поради тоа, Европската агенција за лекови го одобри лекот во јануари 2018 година за третман на возрасни МС-пациенти со активни релапсни форми на МС, или првпат досега - третман на пациенти со рана примарна прогресивна МС – рече.