Веб-страницата на „Мајкрософт“ ги заменува новинарите со вештачка интелигенција

Веб-страницата на „Мајкрософт“ ги заменува новинарите со вештачка интелигенција

Подготвил: Тамара Гроздановски

Десетици новинари што работат на веб-страницата на „Мајкрософт“ ќе бидат заменети со вештачка интелигенција и автоматизиран систем ќе одлучува кои статии ќе бидат објавени.

На вработените што ги одржувале страниците за вести на Ем-ес-ен на „Мајкрософт“, како и неговиот прелистувач „Еџ“, им било кажано дека повеќе нема да бидат потребни затоа што роботи ќе ја преземаат нивната работа.

Им било кажано дека одлуката на „Мајкрософт“ била донесена како дел од глобалното префрлање од луѓето во корист на автоматизираните ажурирања за вести.

- Постојано читам за тоа како автоматизацијата и вештачката интелигенција ќе ги преземат нашите работни места и сега тоа станува реалност - вештачката интелигенција навистина ми ја зеде работата - вели еден од вработените.

Тој додаде дека одлуката да се заменат луѓето со софтвер е прилично ризична бидејќи постојниот персонал бил внимателен и се придржувал кон строгите уреднички упатства според кои на корисниците не смеело да им се претставува насилна или несоодветна содржина при отворање на прелистувачот, особено на помладите корисници.

1
Фото: Screenshot
Фото: Unsplash

Тимот што работел на веб-страницата на „Мајкрософт“ не објавувал оригинални приказни, но извршувал уредничка контрола, избирајќи приказни создадени од други новински организации и уредувајќи содржини и наслови што соодветно одговараат на форматот.

Рачното управување со вестите обезбедило насловите да се јасни и соодветни за форматот, притоа поттикнувајќи ширење на политички мислења и избегнување недоверливи приказни, истакнувајќи интересни наслови од помали веб-страници.

Некои од новинарите што сега се соочуваат со технолошки вишок имаат долгогодишно искуство во индустријата. Тие сега се соочени со сериозен предизвик да најдат работа на друго место, сега кога целата индустрија сака да ги намали трошоците. И други тимови се очекува да бидат погодени од одлуката на „Мајкрософт“.

- Во процес сме на откажување на тимот на „Мајкрософт“ и се обидуваме да направиме сè што можеме за да ги поддржиме засегнатите лица. Горди сме на работата со „Мајкрософт“ и знаеме дека испорачавме висококвалитетна услуга - вели портпаролот на компанијата Пи-еј медија, компанија што ги имаше вработено новинарите.

- Како и сите компании, редовно ја оценуваме нашата работа. Ова може да резултира во зголемена инвестиција на некои места и повторно распоредување во други. Овие одлуки не се резултат на сегашната пандемија - вели портпаролот на „Мајкрософт“.

Многу технолошки компании експериментираат со употреба на вештачка интелигенција во новинарство, иако напорите за автоматизирање на пишувањето статии не се широко усвоени.

Извор: The Guardian