Виетнам нема ниту еден смртен случај од Ковид-19. Како успеа во тоа?

Виетнам нема ниту еден смртен случај од Ковид-19. Како успеа во тоа?

Подготвил: Тамара Гроздановски

За скептиците, официјалните бројки на Виетнам можеби се чинат премногу добри за да бидат вистинити. Но, Гај Твајитс, лекар за заразни болести, кој работи во една од главните болници назначени од виетнамската влада за лекување пациенти од Ковид-19, вели дека бројките одговараат на реалноста на теренот.

- Ги посетувам одделенијата секој ден, ги знам случаите, знам дека нема смртни случаи - вели Твајитс, кој исто така е раководител на одделот за клинички истражувања при Универзитетот „Оксфорд“ во градот Хо Ши Мин.

- Ако има непријавено или неконтролирано пренесување на болеста во заедницата, тогаш ќе видиме случаи во нашата болница, луѓе кои ќе доаѓаат со инфекции на градниот кош, што можеби не се дијагностицирани - но тоа никогаш не се случило - рече тој.

Како Виетнам навидум го закочи глобалниот тренд и во голема мера ги избегна смртните случаи од Ковид-19? Одговорот, според експертите за јавно здравје, лежи во комбинација на фактори, од брзата реакција на владата, раниот одговор за да се спречи нејзиното ширење, до ригорозно следење на контактите и карантини и ефикасна комуникација со јавноста.

Рано дејствување

Виетнам почна да се подготвува за вирусот неколку недели пред да се открие првиот случај. Во тоа време кинеските власти и Светската здравствена организација тврдеа дека нема јасни докази за пренесување од човек на човек, но Виетнам не сакаше да ризикува.

- Не чекавме насоки од СЗО. Ги искористивме податоците што ги собравме однадвор и однатре за да одлучиме рано да преземеме акција - вели Фам Куанг Таи, заменик-шеф на одделот за контрола на инфекции при Националниот институт за хигиена и епидемиологија во Ханој.

До почетокот на јануари веќе било воведено мерење на температурата на патниците што од Вухан пристигнувале на меѓународниот аеродром во Ханој. Патниците што имале температура биле изолирани и внимателно набљудувани.

1
Фото: Pixabay

До средината на јануари заменик-премиерот Ву Дук Дам им нареди на владините агенции да преземат драстични мерки за да се спречи ширењето на болеста во Виетнам - зајакнување на медицинскиот карантин на границите, аеродромите и пристаништата.

На 23 јануари Виетнам ги потврди своите први два случаи на коронавирус - кинески државјанин кој живеел во Виетнам и неговиот татко, кој дошол од Вухан за да го посети својот син. Следниот ден авионските власти во Виетнам ги откажале сите летови до и од Вухан.

Додека земјата го славеше празникот на лунарната Нова година, нејзиниот премиер Нгуен Ксуан Фук му објави војна на вирусот.

- Борбата против оваа епидемија е како борба против непријателот - рече тој на итна средба на Комунистичката партија на 27 јануари. Три дена подоцна тој формира национален управен комитет за контрола на епидемијата - истиот ден кога СЗО го прогласи коронавирусот за светска здравствена закана.

На 1 февруари Виетнам прогласи национална епидемија - со само шест потврдени случаи регистрирани низ целата земја. Сите летови меѓу Виетнам и Кина беа стопирани, проследено со прекинување на визите за кинеските граѓани наредниот ден.

Во текот на месецот патните ограничувања, карантините и визните суспензии се проширија бидејќи коронавирусот се ширеше преку Кина во земји како Јужна Кореја, Иран и Италија. Кон крајот на март Виетнам го забрани влезот на сите странци.

Исто така, земјата презеде мерки за заклучување. На 12 февруари таа затвори цела рурална заедница со 10.000 луѓе северно од Ханој во период од 20 дена, иако имало само седум заразени од коронавирус - првото големо заклучување надвор од Кина. На училиштата и универзитетите, кои требаше да се отворат повторно во февруари, им беше наредено да останат затворени, со повторно отворање во мај.

Твајитс рече дека брзината на одговорот на Виетнам е главната причина за успехот.

- Нивното дејствување кон крајот на јануари и почетокот на февруари беше еден чекор пред другите земји. И тоа беше многу корисно, така што тие можеа да ја задржат контролата - вели тој.

Прецизно следење на контактите

Раните дејствувања ефикасно го спречија преносот во заедницата и ги задржаа потврдените случаи на Виетнам на само 16 до 13 февруари. За три недели немаше нови инфекции - сè додека не се случи вториот бран во март, донесен од Виетнамците што се вратија од странство.

Властите ги пронаоѓаа контактите со потврдени пациенти со коронавирус и ги ставаа во задолжителен двонеделен карантин.

- Имаме многу силен систем: 63 провинциски центри за контрола на болести, повеќе од 700 центри за контрола на болести на окружно ниво и повеќе од 11.000 здравствени центри за хигиена и епидемиологија. Сите тие придонесоа за следење на контактите - вели доктор Фам од Националниот институт за хигиена и епидемиологија.

Потврден случај на пациент со коронавирус на здравствените власти треба да им даде исцрпна листа со сите луѓе со кои се сретнал во изминатите 14 дена. Весниците и телевизијата се користат за известувања и објави за да се информира јавноста за тоа кога и каде бил некој пациент, повикувајќи ги луѓето да одат да се тестираат ако и тие биле таму тој период.

2
Фото: Pixabay

Кога болницата „Бах Маи“ во Ханој, една од најголемите болници во Виетнам, стана жариште на коронавирусот со десетици случаи во март, властите го заклучија објектот. Преку следење на контактите пронашле речиси 100.000 луѓе поврзани со болницата, вклучително и медицински лица, пациенти, посетители и нивни блиски контакти, вели Фам.

- Следејќи ги контактите, ги лоциравме речиси сите и ги замоливме да останат дома во самоизолација, а доколку имаа некакви симптоми, требаше да ги посетат здравствените центри за бесплатно тестирање - вели Фам.

Исто така, властите тестирале повеќе од 15.000 луѓе поврзани со болниците, вклучително и 1.000 здравствени работници.

Напорите за пронаоѓање на контактите во Виетнам беа толку прецизни, што се одвиваа не само на директните контакти на заразено лице, туку и на индиректни контакти.

- Ова е еден од уникатните делови на нивниот одговор. Мислам дека ниту една земја не направила карантин на такво ниво - вели Твајитс.

Сите директни контакти беа ставени во владин карантин во здравствените центри, хотелите или воените логори. На некои индиректни контакти им било наредено да се изолираат дома.

Од 1 мај околу 70.000 луѓе беа ставени во карантин, додека околу 140.000 беа подложени на изолација дома или во хотели, се вели во истражувањето за контролните мерки на Виетнам за Ковид-19 спроведено од 20 виетнамски здравствени експерти.

Истражувањето открило дека од првите 270 пациенти на Ковид-19 во земјата, 43 отсто биле асимптоматски случаи - и тоа ја потенцирало вредноста на строгото следење на контактите и карантинот. Ако властите не бараа луѓе со инфекции, вирусот можеше тивко да се шири во заедниците неколку дена пред да биде откриен.

Комуникација со јавноста и пропаганда

Од самиот почеток виетнамската влада јасно комуницираше со јавноста за епидемијата.

Беа создадени веб-страници, телефонски линии и апликации за да се информира јавноста за најновите ситуации со пандемијата, како и за давање медицински совети. Министерството за здравство редовно испраќаше потсетници до граѓаните преку СМС-пораки.

Фам вели дека во прилично зафатен ден, националните телефонски линии примиле 20.000 повици, а тука не се опфатени стотиците телефонски линии од провинциите.

Беше мобилизиран и масивниот пропаганден апарат на земјата, со што се зголеми свеста на граѓаните за пандемијата. Се користеа звучници, улични постери, весниците и социјалните медиуми. Кон крајот на февруари министерството за здравство објави интересно музичко видео засновано на виетнамскиот поп-хит за да ги научи луѓето како правилно да ги мијат рацете и други хигиенски мерки. Позната како „Песна за миење на рацете“, таа веднаш стана вирална, привлекувајќи повеќе од 48 милиони прегледи на „Јутјуб“.

Твајитс вели дека големото искуство на Виетнам во справување со заразни болести, како епидемијата САРС од 2002 до 2003 години и птичјиот грип, им помогнаа на владата и јавноста подобро да се подготват за пандемијата со Ковид-19.

- Населението ја знае опасноста од заразните болести многу повеќе од богатите земји или земјите што не се соочуваат често со зарази - Европа, Велика Британија и САД - вели Твајитс.

- Луѓето знаат дека овие работи треба да бидат сериозно сфатени и ги почитуваат насоките на владата за тоа како да се спречи ширењето на заразата - додава тој.

Извор: CNN