Што значи исклучувањето на Охрид од светската листа на УНЕСКО?

Што значи исклучувањето на Охрид од светската листа на УНЕСКО?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Уште летово да видиме како ќе се уриваат темелите на сите дивоградби во заштитената зона, како ќе се казнува за секоја нелегално уловена пастрмка, ќе се санкционира секој предлог за пресушување на Студенчишко Блато...

Македонија, Мексико и Бангладеш неделава ќе бидат во светскиот фокус како неодговорни земји што своето културно и природно наследство го запуштија и уништија до тој степен, што ќе бидат тргнати од светската листа на културно наследство на УНЕСКО. Сите ќе бидат поместени на светската листа со локалитети во опасност. Македонија ќе го изгуби единствениот локалитет – Охридскиот Регион, заштитен како природно и културно наследство од светско цивилизациско значење. Во светот има само 38 вакви.

Во Баку, Азербејџан, вчера почна 43. сесија на Комитетот за светско наследство на Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации, која ќе трае до 10 јули. На една од работните седници ќе биде предложено Охрид и неговата околина, заедно со шумите во Сундарбан, Бангладеш и островите на Калифорнискиот голфски залив во Мексико, да бидат ставени на светската листа со локалитети во опасност. Само Охридскиот Регион има статус на двојна заштита (и како природно и како културно наследство), додека останатите два локалитета се заштитени само како природно богатство.

Што значи тоа за Македонија? Значи дека буквално секоја власт од осамостојувањето до денес не го почитувала, се изживувала, го силувала местото по кое нè препознава светот. Ги кршела сите закони, ја загадувала природата и ендемските видови, копала, ставала темели, градела кај што не треба. Врз мозаици, базилики кои 2.000 години се зачувале самите. Ние успеавме за 30 години (во 21 век) да уништиме скоро сè.

Со години наназад ниедна власт, централна или локална, ресорно министерство или Национална комисија на УНЕСКО, надлежни тела за Охрид и неговата состојба не направи ништо за неговата заштита. Се правеа тела, национални и погранични, правилници, анализи и дебати, но во пракса реално не се направи ништо. Никој не ги зеде предвид предупредувањата од редовните инспекциски надзори од телата на УНЕСКО, а камоли сериозно да се зафати со поправање на грешките. Ниту некој надлежен се охрабри гласно да каже, да алармира дека правецот во кој се менаџира Охридскиот Регион не е погрешен, туку погубен.

Единствените што успеаја да ѝ го привлечат вниманието на јавноста во последно време се активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“. Група млади луѓе, свесни и за природното и за културното богатство на Охридскиот Регион. За жал, институциите и власта ги слушнаа повиците за ЅОЅ дури пред еден месец, кога Центарот за светско наследство го објави извештајот со нацрт-одлуката и препораката Охридскиот Регион да се стави на листата со светско наследство во опасност.

Во целата хронологија и актуелната сесија во Баку има една силна симболика. Пред 10 години, на 33. сесија на Комитетот за светско наследство во Севилја, Шпанија, Долината на Елба во Дрезден беше избришана од светската листа на наследство. Германците решија да изградат нов мост во срцето на културниот пејзаж. Локалитетот имаше „шанса“ и неколку години беше на листата со локалитети во опасност, пред да биде сосема исклучен.
- Германија не успеа да ја одржи „извонредната универзална вредност“ на локалитетот - пишуваше тогаш во соопштението на УНЕСКО.


Фото: Стојан Стојановски

На истата сесија Баку беше избришан од светската листа со културно наследство во опасност и се врати на листата со светско наследство. Тогаш Комитетот ги поздрави властите на Азербејџан за подобрувањата во заштитата на обѕиданиот стар град. Локалитетот, кој беше оштетен за време на земјотресот во ноември 2000 година, беше ставен на листата во опасност три години подоцна. Подобрувањата во менаџирањето оттогаш придонесоа локалитетот да ја осигури извонредната универзална вредност поради која беше ставен на листата на УНЕСКО.

За Охрид не е сè изгубено. Но, треба сите да бидеме свесни дека наредните години ќе бидат исклучително тешки. Промените треба да почнат уште додека трае сесијата во Баку. Лесно беше да се откорнат бесмислено засадените палми во природниот микросистем на крајбрежјето. Уште летово да видиме како ќе се уриваат темелите на сите дивоградби во заштитената зона, како ќе се казнува за секоја нелегално уловена пастрмка, ќе се санкционира секој предлог за пресушување на Студенчишко Блато... А надзорот да го вршат токму активистите од „Охрид ЅОЅ“. Зашто Охрид не е на баба ти, Охрид му припаѓа на светот.