Укинувањето на роаминг во 6 држави значи и сурфање по македонски тарифи, велат од АЕК
Подготвил:
Никола Петровски
Од денеска и официјално се укинува роамингот помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, но што значи тоа за тие што ќе сакаат да користат интернет надвор од земјата? Од Агенција за електронски комуникации - АЕК велат дека тарифата за сурфање на интернет додека се престојува во овие земји каде што се укинува роамингот, ќе остане иста како и домашната. Тоа значи дека во зависност од тоа каков интернет-пакет имате со својот провајдер во Македонија, по таа тарифа ќе ви се наплаќа и сурфањто во земјите од Западен Балкан.
- Интернетот ќе се наплаќа по тарифа од пакетот што го имате тука. Ако имате пакетот од 20 гига интернет и вие го надминете, како што тука во Македонија би ви наплатиле дополнително, така и во овие земји со кои е склучен овој договор – велат од АЕК за „Факултети.мк“.
„Роаминг како дома“ започнува да се применува од денеска, согласно спогодбата која е потпишана од државите од Западен Балкан во 2019. Од 2019 до сега имаше скалесто намалување на цените на сите услуги во роаминг во останатите држави од Западен Балкан.
Со овој режим на наплата се опфатени сите услуги: говор, смс и интернет. При користењето на услугите во роаминг во државите на Западен Балкан ќе се има предвид и политиката на фер користење. Накратко, тоа би значело дека разговорите и користењето на интернетот би биле бесплатни согласно правилникот за фер користење кој може да го прочитате на овој ЛИНК.
Фото: Unsplash