Во понеделник - првичните резултати од државната матура. Ќе бидат објавени и тестовите што се полагаа
Во понеделник, вторник и среда матурантите незадоволни од резултатот ќе може да поднесат приговори. Приговор чини 1.500 денари
Во понеделник Државниот испитен центар - ДИЦ ќе ги објави резултатите од екстерните испити од државната матура. Првичните резултати ќе бидат објавени и во училиштата, но учениците ќе може да ги видат и онлајн. Учиниците, на интернет, објаснува Елизабета Наумовска, директорка на ДИЦ, ќе може да ги видат само своите резултати.
Во понеделник, исто така, на страната
www.matura.gov.mk ќе бидат поставени екстерните тестови кои ги полагаа матурантите.
Во понеделник, вторник и среда тие ќе можат да поднесат приговор доколку не се задоволни од реаултатите.
За секој приговор се плаќа по 1.500 денари. Наумовска вели дека сумата е така определена за да нема поднесување приговори без основа.
- Мора да се приговара основано, а не неосновано. Затоа и се плаќа, за да се спречи тоа. Приговорите се решаваат во рок од два до три дена, по што се објавуваат конечните резултати, за да можат учениците потоа да си ги добијат дипломите кои им се потребни за упис на факултет – додава таа.
За оние кои нема да приговараат првичните резултати ќе бидат и конечни. Останатите за резултатите ќе се информираат на 12 јули, објаснуваат од ДИЦ.
Матура полагаа околу 15.300 матуранти.