И покрај тоа што имаат ординација во Шуто Оризари, Ромките не се заинтересирани за матичен гинеколог и за прегледи
И покрај моите амбиции, бесплатните прегледи, летоци што се делат за едукација... со моменталната бројка на пациенти финансиски не знам уште колку би можела да опстои мојата амбуланта, истакнува гинекологот Ламбе, единствен гинеколог во Шуто Оризари
Д-р Ламбе Крстески е единствен матичен гинеколог во Шуто Оризари, каде што повеќе од 10 години немаше матичен гинеколог. Пред две години тој ја отвори ординацијата ПЗУ „Мајка Б&M“ и работи како матичен гинеколог во оваа општина, а неговиот тим го сочинува и медицинската сестра Зера Аметова.
Во отворената приватна амбуланта може да дојдат сите жени во Општина Шуто Оризари, може да добијат здравствена превентивна услуга кај матичен гинеколог. Во моментов има 2.500 жени, според податоци од Министерството за здравство, што имаат здравствено осигурување, но, најголем број од нив го немаат остварено правото за избирање матичен гинеколог. Тој апелира сите тие жени да си го остварат своето право за избирање матичен гинеколог во општината, каде што прегледите се комплетно бесплатни - споделува Ламбе.
Одѕивот за избор на матичен гинеколог е многу слаб
На прашањето што го поттикна да отвори ординација токму во Шуто Оризари, тој сподели:
- Пред 7 години, поточно во 2016 година од Министерство за здравство пуштија приватни кофинансирани специјализации за гинеколози на ниво на Македонија кои ќе работат како матични гинеколози во општините каде што има дефицит, а меѓу нив беше и Општината Шуто Оризари, па јас се пријавив и ја добив специјализацијата. Кај мене побуди интерес фактот дека во општината има голем број жени во репродуктивна фаза, а на големо се зборуваше дека тие жени се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат - споделува гинекологот Ламбе.
Со оглед на фактот дека две години работи и ги нуди своите услуги во Шуто Оризари, Ромките се информирани дека имаат гинеколог во нивната општина, сепак не сите избираат матичен лекар и не одат на редовни прегледи.
- Жените се информирани! Отворањето на ординацијата беше медиумски покриено и во присуство на министерот за здравство и нивни претставници, како и градоначалникот на Општината. Постојано се делат летоци, голем удел имаат и невладините организации кои излегуваат на терен и ги информираат жените за нашата амбуланта. И покрај сѐ, одѕивот за избор на матичен гинеколог е многу слаб зашто жените доаѓаат само кога имаат некој проблем или кога се бремени, а не на превентивни гинеколошки прегледи - споделува Крстески.
На гинеколог само кога се мора
Неговото искуство покажало дека жените избираат матичен гинеколог само кога имаат ургентна состојба.
- Многу тешко прават превентивни скрининг-прегледи и многу е мал процентот на жени што се согласуваат да направат ПАП-тест. Јас ја отворив амбулантата со многу позитивни очекувања, со надеж дека овие жени конечно ќе добијат матичен гинеколог во својата општина и нема да талкаат повеќе, но не било толку едноставно, тие бараат, како што би рекле, за да не најдат. Да не се повторувам, одѕивот е многу слаб и покрај моите амбиции, бесплатните прегледи, летоците што се делат за едукација... со моменталната бројка на пациенти финансиски не знам уште колку би можела да опстои мојата амбуланта - соопштува Крстески.
Тој постојано апелира да се пријават кај него во ординација, да го изберат за свој матичен гинеколог и да препуштат тој и неговиот тим да се грижат за нивното здравје.
- За да се подобри здравјето на една жена, пред сѐ, таа треба да има избрано свој матичен гинеколог, да прави редовни превентивни прегледи, а не да се јавува само кога има некој проблем. Затоа упатувам апел до сите жени во Општината да дојдат и да отворат свој здравствен картон и редовно да одговараат на нашите покани за превентивни прегледи - подвлекува гинекологот Крстески.
Фото: приватна архива