Фестивал за ворлд, џез и современа музика во Велес како контраудар на невкусот
Подготвил:
Никола Петровски
Здружението „Арт генератор“ тргна во контранапад на невкусот со организација на фестивал на ворлд, џез и современа музика од 4 до 10 септември во Велес. Овој фестивал ќе се одржи на повеќе локации низ Велес. На 4 септември во 20 часот е предвидена фестивалска вечер на Спомен-костурницата, на 8 септември со почеток во 21 часот во градска пивница „Паб“, на 9 и 10 со почеток во 20 часот се најавени два концерта во големата сала на театарот „Јордан Хаџи-Константинов - Џинот и по концертите се предвидени перформанси на паркингот на самиот театар. Програмата може да ја погледнете
овде.
- Идејата беше да направиме фестивал на кој би била пласирана квалитетна оригинална музика и да вклучиме и други видови уметност (видеопроекции, театарски перформанс, проекции на масло и вода). Главни виновници се Борче Пејчев, Славчо Коцев, Сашко Костов и Фаик Мефаилоски и многу драги пријатели кои помогнаа во организацијата на самиот фестивал - соопшти Славчо Коцев, еден од организаторите.

Најавени се експерименталниот дарк-фолк бенд „Перија“, Дина Јашари со својот бенд, како и добро познатите „Летачки пекинезери“, во чии композиции како ритмичка експресија секогаш е присутен свингот. Ќе настапат и наградуваниот состав „Такси конзилиум“ и мултиинструменталистот Сашко Костов, кој првпат по 12 години ќе настапи со неговиот бенд. Тука е и групата „Бопхедс“, која паралелно работи и како едукатор, поставувајќи нови стандарди на македонската џез-сцена.
- Целта на овој настан е да се култивира младата популација, да се зададе контраудар на невкусот и неквалитетот и секако во план е овој настан да прерасне во традиција и да се одржува секоја година. Жанровски покриените вечери со џез и ворлд музика се точно определени, додека вечерта со современа музика е од отворен тип и може да настапуваат артисти од многу жанрови - додава Коцев.