СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Саво Цветковиќ (98) го напуштил фудбалот за да студира хемија - Професорите уживаа поголема почит дури и од партиските функционери
Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.
Денешните генерации обожаватели на фудбалот, особено оние од средношколските клупи, веројатно не слушнале за стрелецот на првиот гол за најголемиот фудбалски клуб Вардар, професорот Саво Цветковиќ (98). Но, најголем дел од нив, оние ученици од прва година гимназиско образование, сѐ уште учат од неговиот учебник по хемија.
За помладите генерации можеби е енигма зошто учебникот на професорот Саво Цветковиќ и по толку години е ненадминлив во изучувањето на хемијата, а за постарите генерации кои се сеќаваат на неговите фудбалски времиња, загатка е неговото откажување од фудбалската кариера по само два одиграни натпревари за ФК Вардар и продолжувањето со своето образование.
- Роден сум во Скопје во 1924 година во семејство со шест деца, од кои јас сум четврто. Гимназија учев пред и за време на Втората светска војна, која беше на бугарски јазик за време на окупацијата. Истовремено се занимавав и со фудбал и за тоа време бев доста успешен фудбалер. По ослободувањето на нашата земја, во 1946 година, беше формиран Природно-математичкиот факултет во Скопје, на кој јас се запишав во групата за хемија – почна да ја раскажува својата приказна професорот Цветковиќ.
Тој се присети дека условите на Природно-математичкиот факултет биле солидни за време во кое земјата сѐ уште закрепнувала од суровата војна.
- Уште од самиот почеток имавме опремени лаборатории и наставата се одвиваше на македонски јазик. За определени предмети, со цел да се постигне повисок квалитет на предавањата, предаваа професори од другите градови на тогашна Југославија. Во времето кога почнував да студирам, државата даваше стипендии и можности за образование. Јас лично не сум користел стипендија бидејќи немав таква потреба, имав други приходи, а работеше и мојата сопруга. Работа ги чекаше сите што завршуваа студии бидејќи во тоа време во земјата имаше недостиг на стручен кадар. – истакна тој.
По завршувањето на студиите станал професор на Педагошката академија „Цветан Димов“ и предавал таму одреден период. Потоа почнал да работи како професор во женската гимназија „Јосип Броз Тито“. Во исто време бил назначен за директор на Вечерното училиште, кое било отворено за да им овозможи на партиските кадри да го дооформат своето образование кои поради војната го пропуштиле редовното школување.
- Ако ме прашате каков беше односот ученик-професор, ќе ви кажам дека ние професорите уживавме голем авторитет и почит. Дури и големите функционери, кои го посетуваа вечерното училиште, во него се однесуваа како ученици и имаа голема почит кон предавачите и професорите - објасни Цветковиќ.
Во тој период Саво Цветковиќ имал и други партиски задачи поврзани со различни области со цел да помогне во развојот на економијата и државата, а извесен период бил и директор на фабриката за стакло во Скопје.
- Во меѓувреме се оженив со Фана Кочовска Цветковиќ, со која сме родители на две деца. По овој период бев назначен за директор на Републичкиот завод за унапредување на образованието, а потоа станав директор на Педагошката академија, каде што истовремено предавав хемија како професор – се присети професорот на својата сопруга, покојната Фана Кочовска Цветковиќ, која е прогласена за најмлад народен херој во поранешна Југославија.
Професорот докторирал на областа педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје, на тема која била револуционерна во тоа време, во 1979 година, за степенот на образовно-воспитната ефикасност на програмираната настава по хемија.
- Секогаш, во текот на целиот мој работен век како професор, и јас и моите колеги сме имале голем авторитет и голема почит од учениците. Можам да кажам и дека голем број мои ученички од женската гимназија го продолжија своето образование на студии по хемија и други природни области и станаа познати професори, веројатно поттикнати од моите предавања. И моите први професори беа голем авторитет за мене и јас имав голем респект кон нив - истакна Цветковиќ за односот професор-студент во тоа време.
Како фудбалер бил првотимец на ФК Граѓански, потоа на ФК Македонија, како и на ФК Вардар.
- Јас сум фудбалерот кој го постигна првиот гол за ФК Вардар. Сфатив дека фудбалот и студиите не можат да одат заедно и морав од нешто да се откажам. Се определив за студиите и им дадов предност пред спортот затоа што тогашниот спорт не може да се гледа со денешни очи, како можност за егзистенција и напредок – заврши професорот Саво Цветковиќ.
Фото: ФФМ