Прв академски час на ФЕИТ: Избирајќи ги овие студии, влегувате во тајните на сето она на што се потпира современиот свет
Вие сте донеле храбра и мудра одлука за да се запишете на најдобриот, според многу параметри, факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Храбра, зашто не се плашите од предизвици, што е одлика на секој инженер. Избирајќи ги студиите на Факултетот за електротехника и информациски технологии, всушност, влегувате во тајните на сето она на што се потпира современиот свет - рече денес продеканката за настава на ФЕИТ, проф. д-р Соња Геговска-Зајкова, на првиот академски ден во ФЕИТ.
Деканот, проф.д-р Димитар Ташковски, и директорот на АД ЕЛЕМ-Електрани на Македонија, проф. д-р Драган Миновски, денеска им посакаа срдечно добредојде во големото семејство на инженери на новите студенти – бруцоши во учебната 2018/2019 година.
За деканот Tашковски, овој ден претставува почеток на ново поглавје во животот на студентите, во кое ќе стекнат знаење и вештини кои подоцна ќе ги применуваат на своите работни места.
Деканот Димитар Ташковски им се обрати на бруцошите
- Со денешниот влез во академскиот свет вие го направивте вистинскиот избор, одбирајќи го ФЕИТ, факултетот со препознатливи студиски програми споредливи со најпрестижните факултети во европскиот образовен простор... Одговорноста што ни ја додели државата пред 59 години е и наша мисија: од вас, студентите, пред сè, да создадеме личности, професионалци и интелектуалци кои без проблем ќе можат да се вклучат во општествениот живот. Во последните неколку години образованието и истражувањето во областа на електротехниката и информациските технологии имаат значајна улога во развојот на општеството. Примената на информациските технологии расте многу брзо во речиси сите области - медицина, транспорт, земјоделство, животна средина... Нема сомневање дека нашата мисија се прошири и сега треба да едуцираме студенти кои ќе се посветат на развојот на новото ИТ-општество. Затоа и акцентот го ставаме на истражувачкото образование - порача Ташковски.
Од ФЕИТ произлегоа многу успешни генерации инженери. На првиот час пред новите студенти се обрати генералниот директор на АД ЕЛЕМ-Електрани на Македонија, Драган Миновски.
- Јас сум еден од оние што како млади завршени високообразовани луѓе отидоа да се дошколуваат надвор и кои имаа можност да останат надвор, но се вратија. Се вратив и јас и денес, со моето семејство живееме и работиме тука... Зошто ви го кажувам ова? Мојата порака до вас, како академски граѓани кои зачекорувате во образовниот процес од кој ќе произлезете како професионалци, е да размислувате да се вградите во модернизацијата на нашата држава, во изградбата на едно модерно општество, кое ќе биде дел од европското. Да, отидете и на Запад, видете искуства, научете, споредете... но, запаметете дека сите заедно можеме нашата татковина да ја однесеме на Запад, односно тој развиен Запад за кој толку многу зборуваме и го посакуваме да го донесеме тука, дома. А за тоа треба ние самите да бидеме дома и тоа да го постигнеме - порача Миновски.
На првиот академски час беа доделени 10 стипендии од УКИМ на најдобро рангираните средношколци, пет стипендии од Институтот за електроника при Факултетот, три стипендии од МАКО СИГРЕ и девет стипендии од ФЕИТ за студентите што освоиле прво место на државни или меѓународни натпревари. На ФЕИТ годинава се запишаа околу 300 нови студенти.