Ректорот Јанкуловски: Одлуката да студирате на УКИМ е правилна. Нашите дипломи се препознатливи на меѓународниот пазар на трудот

Ректорот Јанкуловски: Одлуката да студирате на УКИМ е правилна. Нашите дипломи се препознатливи на меѓународниот пазар на трудот

Првиот академски час од 2018/2019 година за студентите кои се запишаа на Универзитертот „Св. Кирил и Методиј“ симболично беше означен на Филозофскиот факултет во Скопје.
Новата генерација студенти ја поздрави ректорот Никола Јанкуловски кој им порача дека е чест, но и голема обврска да се припаѓа на најстариот и најголемиот универзитет кој во оваа учебна година ќе одбележи 70 години постоење.

Работете вредно и посветете им се максимално на студиите зашто, рече ректорот, само така ќе успеете.

- Драги бруцоши, пазарот на знаење и пазарот на трудот се брутално сурови - бараат квалитет, бараат одличност и извонредност. Не признаваат ниту површност, ниту импровизација. УКИМ е познат и признат по својот квалитет. Одлуката да студирате на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е смела и правилна, бидејќи дипломите стекнaти на УКИМ се препознатливи и на меѓународниот пазар на трудот, рече ректорот Јанкуловски на свеченоста на која деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев им ги врачи индексите на првите десет рангирани запишани на овој факултет.


За запишување на некој од 23-те факултети на УКИМ со конкурсот беа слободни 11 661 место, од кои за редовни во државна квота 5913, редовни со кофинансирање на студиите 4 573 и за вонредни студенти 1175 места.
Во оваа академска година УКИМ понуди избор за запишување на 186 студиски програми од вкупно 193 акредитирани, а за втор циклус студии овозможен е избор од 231 студиска програма на едногодишните и двегодишнните магистерски и специјалистички студии.

Ректорот Јанкуловски посочи дека новина во оваа академска година е почетокот на Еразмус плус студентска пракса, со што на студентите им се овозможува да стажираат во компании во земјите на Европската Унија.
Академската година на универзитетите во земјава почнува со нов Закон за високо образование, кој по речиси една година подготовка и јавни расправи беше изгласан во мај и го замени стариот закон кој од 2008 година претрпе 21 измена. Меѓу новините што ги донесе законот е и новиот датум на почетокот на студиската година, наместо на 15 септември е на 1 октомври, како што почнуваше до пред десетина години.