Прв час на ФИНКИ: Меѓу вас се идните технолошки лидери, креатори на чуда со кои нашата земја ќе се гордее
Големата сала на Македонската филхармонија денеска беше претесна за да ги собере сите бруцоши на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство на нивниот прв свечен академски час. Видно радосни, по малку и збунети, беа новите 1.062 студенти, најмногу што досега примил ФИНКИ. Добија корисни совети од вредните говорници, професори и некогашни успешни студенти. Деканот Иван Чорбев им ги додели првите индекси на осумте стипендисти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а им ги врачија индексите и на седуммина студенти што најдобро се рангираа при уписите.
Деканот Чорбев им ги врачува индексите
Го направивте вистинскиот чекор со тоа што го избравте ФИНКИ, факултетот кој е водечки во регионот, им порача Чорбев.
- Оваа есен имаме 1.062 нови студенти. Во услови кога бројот на матурантите се симна на околу 15.500, ова е огромен успех за нас. Денес овде се една четвртина од запишаните студенти на УКИМ. Една третина од вас имаат над 90 поени при рангирањето, а 2/3 над 80 отсто. Вие сте кремот на македонската младина, најдобрите матуранти од оваа генерација. Убеден сум дека во овие редови седат идните технолошки лидери, креатори на нови чуда на 21 век со кои нашата земја ќе се гордее - рече Чорбев.
Тој ги пофали професорите што работат на овој факултет и нагласи дека една од основните цели на ФИНКИ е на студентите да им овозможи реално знаење употребливо во науката, а особено во индустријата и во општеството.
Преполна салата на Филхармонијата
- Тимот на професори ви е гаранција дека ќе имате врвно образование. Тие, иако се свесни дека нивните дипломци се со плати веројатно поголеми од нивните, сепак, со љубов ја работaт една од најблагородните професии. Ние ги гледаме успесите на нашите студенти, се восхитуваме како што уметникот се восхитува на своите дела. Само што нашите дела создаваат нови дела. Нашата цел е да едуцираме студенти кои ќе бидат храбри да отворат свои бизниси, да направат свои апликации, да развијат идеи кои ќе бидат конкурентни во глобални рамки. Студентите на ФИНКИ се способни луѓе. Меѓу многуте сум сретнал рокери, диџеи, сликари, поети... Студиите се време кога е потребно да истражувате, да посетите театар, опера, филхармонија, да се изградите како личности. Ќе мора да учите и да се посветите, ние сме тука за да создадеме услови, да ве поттурнеме, ама знаењето треба да го стекнете сами. Следните четири години нема да бидат лесни, за некого може ќе бидат пет, шест, седум. Пречки ќе има, но не заборавајте дека многу луѓе пред вас го поминале ова. Мојата наставничка по македонски во основно ни велеше: „Тешко – да, невозможно – не“. Ви се заблагодарувам што го вклучивте ФИНКИ во вашиот живот и со нетрпение го очекувам мојот прв час со вас - им порача Чорбев.
На младите им се обрати и Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Тој нагласи дека младите треба да ѝ дадат шанса на државата, а и таа ним и дека заминувањето не треба да им биде единствената опција.
- Стотина стартап-компании веќе користат средства од државата и развиваат помалку или повеќе успешни проекти. Дел од нив се дипломци токму на овој факултет - посочи Деспотовски.
Особено инспиративен говор имаше Горјан Јовановски, дипломец на ФИНКИ, познат по тоа што ја создаде апликацијата „Мој воздух“. Тој е на мастер-студии во Амстердам. На студентите им даде три важни совети:
Горјан Јовановски
- Посветете се на учењето и соработувајте со вашите колеги и професори! Ќе има многу за учење, ама ФИНКИ ќе ви нуди многу практично учење. Во моите четири години немаше класично учење, бубање, туку навистина многу практично знаење кое може да го примените и дури учите и подоцна. Професорите на овој факултет ви се пријатели.
- Работете на проекти додека студирате! За време на студиите работев на повеќе проекти. Кога учите на факултет, тоа е солидна основа за многу сфери во информатиката, но секако останува на вас да продолжите да добивате дополнително знаење во практична смисла. По четири години начинот на кој ќе можете да се издвоите е да имате богато портфолио во вашата дополнителна работа. Студирате информатика, која ви дозволува да работите многу додека учите.
- Зачленете се во студентските организации - тоа се прекрасни места за запознавање колеги, за унапредување на меките вештини, за дружба и прекрасни можности.
Томе Ефтимов
На студентите им се обрати и Томе Ефтимов, кој лани беше прогласен за најдобар млад научник, а денес е на докторски студии на „Стенфорд“.
- Во 2007 година се запишав на Електротехничкиот факултет, а на магистерски на ФИНКИ и никогаш не замислував дека еден ден ќе бидам дел од „Стенфорд“. Ова стана реалност. Студирањето ќе ви личи како да се возите на ролеркостер. Ако никогаш не се качите на него, нема да го спознаете ова искуство. Успесите ќе бидат последица на огромен број падови. И сето тоа ќе биде проследено со солзи, но во едно бидете сигурни - само храбрите луѓе плачат. Не заборавајте, никогаш не е важно колку бавно се движите сѐ додека не се откажувате од целта. Бидете тоа што сте, а не нешто што сака некој друг. Верувајте во себе и своите можности. Само така тие соништа ќе станат убаво јаве. По завршувањето на ова патување голем дел ќе завршат во оваа индустрија - рече Ефтимов.
Извршниот директор на МАСИТ, Анита Никова, им ги врачи индексите на најдобро рангираните на ФИНКИ
Анита Никова, извршен директор на МАСИТ (Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии), низ факти од ИТ-секторот им објасни на студентите зошто не згрешиле во изборот за студирање.
- Дури и да заминете во странство, најважно е да се вратите дома и да го имплементирате наученото дома. Бидете граѓани на светот, а живејте дома. Имаме 14.500 вработени во ИТ-индустријата, која бележи раст од 7 отсто од 2017 до 2018 година. Просечната плата изнесува 60.000 ден во мај - рече таа.