Среќно, студенти - нема ново студентско организирање, правобранител, агенција за квалитет... Можевме подобро, велат професори

Среќно, студенти - нема ново студентско организирање, правобранител, агенција за квалитет... Можевме подобро, велат професори

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако Законот за високо образование важи од мај 2018 година, речиси ниту една одредба не функционира во практика

Без ново студентско раководно тело, студентски правобранител, Агенција за квалитет во високото образование, Национален совет за високото образование и научноистражувачката дејност и без одбор за акредитација и за евалуација на високото образование денеска почнува новата академска година. Иако Законот за високо образование важи од мај 2018 година, речиси ниту една одредба не функционира во практика.

Академската фела е разочарана

Денеска на најстариот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во академската 2019/20 година првпат започнуваат со студии околу 7.000 студенти запишани во сите три циклуси. Околу 32.820 студенти има во повисоките години на прв циклус студии, 1.145 студенти на втор циклус студии и 886 студенти на трет циклус студии.
Но, слично како и на другите државни универзитети, новата студиска година ќе почне без нов студентски правобранител, без новоизбрани членови на универзитетското студентско собрание, без негов претседател.
Државните универзитети до летово буквално не можеа легално да работат бидејќи речиси една година нивните нови статути, сменети поради усогласеност со новиот Закон, беа заглавени во собраниска процедура. Но, сега кога се изгласани, не постои реална пречка за ставање во функција на новиот Закон.
Што најитно треба да се направи, прашавме неколку универзитетски професори. Разочараноста кај академската фела поради нефункционалното високо образование е голема.



Институтот за хемија на ПМФ работи со само 18 професори

Проректорот за наука на УКИМ, професорот Владимир Петрушевски, вака ни одговори кога го прашавме кој е впечатокот за новата академска година: „Можеше да биде подобро. Посакувавме да биде подобро и можеше“...
Според него, од формална гледна точка најитно треба да се изберат претседатели на сенатите онаму каде што не се избрани.

- Новиот Закон тука е јасен, треба да се спроведе. На пример, на УКИМ, Сенатот сѐ уште го води ректорот, а тоа не би требало да е така. Нема ништо ново и во врска со студентското организирање. Ако студентите сами не се соберат, би требало ректорот да ги повика и да се распишат избори. Но, ниту тука не мрднува работата. Ние ги критикувавме претходните власти за Советот за развој и финансирање на високото образование, ама некако оваа Влада како да тргнала по стапките на претходните. Тоа е лошо - вели Петрушевски.


Проректорот Петрушевски/ Фото:УКИМ

Професорот, исто така, објаснува дека УКИМ има проблем со невработувањето на нов кадар. Тој вели дека е неопходно да се дозволи вработување на млад кадар, а како пример ја наведува состојбата на матичниот Институт за хемија.
- Состојбата со нов кадар е очајна. Јас не знам дали ние ќе може воопшто да држиме настава. Имаме само 18 професори, а имавме 47 во оптимумот. Отишле во пензија, починале, дале отказ, нема ниту еден нововработен. Вака е неодржливо, не може да функционира. Законски нема никаква пречка за нови вработувања, освен ако Владата не решила дека треба да штеди таму каде што не треба да штеди - вели Петрушевски.

Како се мери квалитет?

Според новиот Закон за високо образование, студентите треба да функционираат во т.н. студентски собранија. Универзитетското студентско собрание, како и органите на универзитетското студентско собрание и начинот на нивниот избор се уредуваат со Статутот на универзитетот. Универзитетското студентско собрание има надлежност да избира студентски претставници во Сенатот и другите органи и тела на универзитетот, донесува план и програма за својата работа, предлага студентски правобранител, а претседателот се избира од редот на претставниците именувани во универзитетското студентско собрание. Факултетското студентско собрание е тело на факултетот во кое членуваат претставници на студентите.
Студентскиот правобранител, пак, се избира од Сенатот на Универзитетот, со мнозинство гласови на членовите на Сенатот на предлог на универзитетското студентско собрание.

Како се мери квалитетот во високото образование, како се спроведуваат реформи се логични прашања ако се знае дека во практика сѐ уште не функционираат и неколку институции и одбори кои одамна требаше да бидат избрани согласно Законот.
Универзитетската професорка Маја Стевановиќ од УКИМ вели дека најитно е потребно да се распишат избори за студентски претставници. И таа како и Петрушевски потенцира дека Сенатот на УКИМ сѐ уште го води ректорот.
- Потребно е да се избере нов претседател на Сенат, а всушност неизбирањето беше причина поради која се доцнеше и со усвојувањето на Статутот. Едноставно, ректорот не ја става оваа точка на дневен ред. Образложи дека до крајот на неговиот мандат нема да се избира нов претседател - вели Стевановиќ.



Таа исто така вели дека е потребно да се конституира и интеруниверзитетската конференција согласно Закон и таа да ги избере претставниците во Националниот совет за финансирање, одборот за акредитација и одборот за акредитација.
Не е формиран ниту Националниот совет за високото образование и научноистражувачката дејност, кој треба да обезбеди оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научноистражувачката дејност во Македонија. Националниот совет е составен од 15 члена кои ги избира Собранието.

Не е формирана ниту Агенцијата за квалитет во високото образование, чии органи се Одборот за акредитација на високото образование и Одборот за евалуација на високото образование.
- Овие тела не само што требаше веќе да бидат формирани туку требаше и да ги имаат изработено актите што треба да ги постават критериумите за финансирање на високото образование и науката и стратегиите, критериумите за настава. Ние буквално не сме мрднати напред - вели Стевановиќ.