Како помина првиот училиштен ден - раскажуваат класна во „Орце Николов“ и ученик во прва година во „Здравко Цветковски“

Како помина првиот училиштен ден - раскажуваат класна во „Орце Николов“ и ученик во прва година во „Здравко Цветковски“

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Конекцијата беше одлична. Сите успеаја да се вклучат. Учениците се претставуваа, ги запознав со планот на учење од далечина, протоколот во училиштето, распоредот за траење на часовите. Рекоа дека се снаоѓаат со „Мајкрософт тимс“ и поставуваа прашања во врска со кодексот на однесување, распоредот на часови и сл. Главно, рекоа дека имале услови за работа, вели Сузана Тнокова-Кузмановска, наставничка во средното „Орце Николов“ во Скопје

Први октомври означува почеток за многу деца, наставници, студенти... Новиот начин на реализација на наставата збунува многумина, на децата им недостигаат другарите, наставниците. Можеби најзбунети се тие што почнуваат нова фаза во образовниот процес – првачињата, шестоодделенците, гимназијалците во прва година.

Сакавме да доловиме каков прв школски ден имаа една класна раководителка од скопска гимназија и ученик во прва година средно. Сузана Тнокова-Кузмановска е професорка по музичка уметност во гимназијата „Орце Николов“ од Скопје. Оваа година таа е класна раководителка на 34 ученици во прва година. За да направи подобар контакт со учениците, таа ги запознала во живо пред неколку дена, почитувајќи ги сите препорачани мерки за безбедна комуникација. 

Сузана Тноковска-Кузмановска

Ја прашавме како им помина денеска класниот час.


- Конекцијата беше одлична. Сите успеаја да се вклучат. И другите колеги не се пожалија. Учениците се претставуваа, ги запознав со планот на учење од далечина, протокол во училиштето, распоредот за траење на часовите. Во однос на начинот на работа со „Мајкрософт тимс“, рекоа дека можат да се снајдат, и нормално, поставуваа прашања во врска со кодексот на однесување, распоредот на часови и сл. Главно, рекоа дека имале услови за работа - рече Тнокова-Кузмановска.

Таа не крие дека моменталната состојба е стресна за сите, па и за неа.

- Онлајн-наставата нѐ прави сите малку нервозни бидејќи и ние и учениците, особено оние од прва година, посакувавме да имавме можност да се видиме и да поразговараме во живо. Тоа е најдобриот начин подобро да се запознаеме и, секако, побрзо и поуспешно да започнат со совладувањето на планираните програми по предметите предвидени за оваа учебна година - вели Тнокова-Кузмановска.
Таа објаснува дека тоа што во второто полугодие на минатата учебна година користела различни платформи за учење од далечина ѝ помогнало и сега да ја совлада националната платформа.

- Времето беше многу кратко, но наставниците се секогаш подготвени да одговорат на предизвиците и секако дека секој нов ден ќе учиме нови можности што ни ги нуди платформата. Во моментов се работи на подобрување на недостатоците на платформата што беа уочени при одржувањето на пробните часови изминативе три дена, па затоа учебната година ќе ја започнеме користејќи го „Мајкрософт тимс“. Во моментот кога националната платформа ќе биде целосно подготвена, ќе продолжиме со онлајн-настава користејќи ја неа - вели професорката.

Јаков Кузманоски

Многу сум нестрплив да започне учебната година, особено затоа што оваа година тргнувам во средно училиште, а исто така сум возбуден дека ќе запознаам нови другари, вели средношколецот Јаков Кузманоски, кој денеска го имаше својот прв училиштен онлајн-час. Како му помина првиот час на Јаков во ГУЦ „Здравко Цветковски“, кој ќе учи во гимназиско образование?

- Не ми е сеедно што не започнуваме со физичко присуство затоа што дружењето на овој начин ќе ни биде поинакво. Прилично добро се снајдов со платформата - ми изгледа интересна и мислам дека нема да имаме проблеми во следењето на часовите - вели Јаков.

Тој учи во клас со 16 ученици.

- Часот денеска ни помина супер, немаше проблеми од моја страна. Моментално не познавам никого од учениците, но се надевам дека ќе се дружам со сите - вели Јаков.

Поради пандемијата, ова е најневообичаен почеток на учебна година досега. Во најголем дел од средните училишта наставата ќе се одвива на далечина. Како ќе продолжи понатаму, зависи од епидемиолошката состојба со коронавирусот во земјава.