Почна академската година на УКЛО - Централното одбележување се одржа на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид
Почетокот на новата академска година пригодно е означен на сите единици на УКЛО, а централното одбележување се одржа на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски, присуствуваше на првиот академски час што се одржа во еден исклучителен и несекојдневен амбиент, во дворот на црквата „Св. Софија“. Во својата порака упатена до сите 1.100 нови студенти тој истакна дека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, со сета свесност и одговорност за новото „нормално“ време што сите го живееме и силно чувствуваме, останува посветен на своите студенти и вложува максимални напори за да понуди соодветни алтернативи и повеќе модалитети за непречено одвивање на процесот на учење. „Денес, знаењето, повеќе од кога било, е императив и најважен ресурс кој го дели светот на богати и сиромашни, на развиени и неразвиени. А нашиот подмладок, студентите, се на онаа возраст кога треба интензивно да стекнуваат знаење и вештини и така да бидат авангардниот дел што го движи нашето општество и светот воопшто.“
Изборот за одржување на централниот настан на ФТУ не е случаен. Духовната и традициска поврзаност со првиот Словенски универзитет годинава е надополнета со одбележувањето на јубилејните педесет години од постоењето на ФТУ. Деканот на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, проф. д-р Цветко Андреески, нагласува: „На студентите им се обезбедува квалитетно образование со кое се јакнат интелектуалните и професионални капацитети во услови на силна глобална конкуренција што се остварува со вклученост на сите вработени. Бидејќи Факултетот остварува креативни партнерства со економијата, јавниот сектор и други граѓански и општествени собитија, на студентите им се нуди можност да се профилираат како активни и креативни чинители во согласност со принципите на етиката и социјалната одговорност кои во овие современи и видоизменети услови на живеење се исклучително важни и почитувани“.
Во амбиент на отворено, срдечно добредојде за новата генерација студенти се одржа и на Факултетот за безбедност – Скопје, настан на кој присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. Од името на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ се обрати проректорот, проф. д-р Марјан Ѓуровски. Тој нагласи дека со Стратегијата за реализација на наставата во услови на пандемија која преку еден хибриден модел на пристап и во најголемиот дел онлајн-работење ќе се одговори успешно на совладувањето на наставните содржини и практики и притоа ќе се заштити здравјето на студентите и на вработените. Укажано е дека пандемијата го нагласува значењето на високото образование и насушната потреба од некои професии во државата - доктор, информатичар, како и припадници на полицијата, армијата, разузнавачката заедница и др.
Претходно, проф. д-р Сашо Коруновски и претставници од раководството на УКЛО на дисперзираните студии од Правниот факултет во Битола, заедно со деканот проф. д-р Горан Илиќ, направија обиколка на комплетно реновираните простории. Станува збор за адаптација и реконструкција на илјада квадратни метри, со што се обезбедени соодветни и достоинствени услови за студентите и кадарот. Благодарение на поддршката од УКЛО, првпат се изградени амфитеатар, кабинети и канцеларии за наставниците и асистентите и во периодот што следува ќе се врши комплетирање на опремата и нужните помагала за обезбедување стандардни предуслови за студирање и севкупните работни и наставно-научни активности на Правниот факултет, оценува деканот.
Инаку, УКЛО пред почетокот на академската година изработи Стратегија за реализација на наставно-образовниот процес во услови на пандемија на коронавирус за академската 2020/2021, документ што нуди разработени концепти во функција на опциите за реализација на наставно-образовниот процес, сообразени на спецификите на одделните високообразовни институции. Покрај Стратегијата, УКЛО усвои и Кодекс за комуникација при учење на далечина, со почитување на академските слободи, права и обврски.
(Комерцијален текст)