Првиот мозочен чип базиран на графен вграден кај пациент со рак

Првиот мозочен чип базиран на графен вграден кај пациент со рак

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Каталонската компанија „Инбрејн невроелектроникс“ е специјализирана за развој на терапии базирани на интерфејсот „мозок-компјутер“. Овој пионер на нервните технологии базирани на графен ја објави и првата процедура за кортикален интерфејс кај пациенти со тумор на мозокот. Технологијата БЦИ на „Инбрејн“ може да направи разлика помеѓу здравото и канцерогеното мозочно ткиво со микрометарска прецизност.

Нова ера на БЦИ-технологијата

Ова, всушност, значи дека БЦИ-технологиите базирани на графен можат да функционираат надвор од декодирањето и преведувањето на мозочните сигнали и да станат сигурна алатка за употреба во прецизната хирургија и невротехнологијата. Студијата, која беше поддржана од Универзитетот во Манчестер и проектот на Европската комисија, беше спроведена во кралската болница „Салфорд“, во близина на Манчестер.

- Оваа постапка отвора нова ера на БЦИ-технологии и го отвора патот за невронско декодирање во терапевтскиот третман - ја опишуваат истражувачите нивната платформа, која ги користи исклучителните својства на графенот, материјал кој се состои од еден слој атоми на јаглерод. Овој најтенок познат материјал е посилен од челикот и поседува уникатна комбинација на електронски и механички својства, што го прават идеален за невротехнолошки иновации.

Револуционерен уред


- Ја снимаме мозочната активност во областите каде што традиционалните метали и материјали се борат со верноста на сигналот. Ова е клучно за извршување високо прецизни ресекции, притоа зачувувајќи ги функционалните способности на пациентот како движење, говор или сознание - објаснуваат неврохирурзите кои ја извршија првата процедура.

Интеграцијата на графенот и вештачката интелигенција со напредната полуспроводничка технологија овозможува нова генерација на минимално инвазивни БЦИ-терапии, дизајнирани за персонализиран третман на невролошки нарушувања.

Платформата за интелигентно мрежно декодирање и модулација (БЦИ-Тх) базирана на графен на „Инбрејн“ веќе е опишана од Американската агенција за храна и лекови како пробивен уред за рехабилитација на Паркинсонова болест, епилепсија и мозочен удар. Имено, интегрирањето на БЦИ декодирањето со високопрецизна невромодулација наводно ги враќа изгубените функции, ги ублажува симптомите и овозможува персонализиран третман со подобри резултати и помалку несакани ефекти.

Извор: bug.hr

Фото: InBrain Neuroelectronics