Кристијан Ристески утревечер ќе пее во чест на вујко му: „Имавме многу наши тајни места, сите се во Крушево“

Кристијан Ристески утревечер ќе пее во чест на вујко му: „Имавме многу наши тајни места, сите се во Крушево“

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Сега е 20-годишно момче и студира на Универзитетот за аудио-визуелни уметности - ЕСРА, а сиве овие години посветено и со многу голема љубов учел за музиката и се градел како музичар

Целиот Балкан беше одушевен кога Кристијан, внукот кој Тоше толку многу го споменуваше, пропеа пред 10-ина години. Во него како да го гледаа Тоше. Песната „My Little One“ ја снимиле заедно во демо-верзија, но беше доработена и постхумно објавена во 2009 година. Тогаш целиот регион го запозна Кристијан. Но, тој јавно оттогаш не објави ништо.
Кристијан не запеа повторно.


Кристијан Ристески

Сега е 20-годишно момче и студира на Универзитетот за аудио-визуелни уметности - ЕСРА, а сите овие години посветено и со многу голема љубов учел за музиката и се градел како музичар.

- Најмногу сакам пеење и свирење на гитара. Пробувам и компонирање, но сум прилично нов во тоа. Во секој случај и тоа ме привлекува – вели Кристијан за Факултети.мк.
На ЕСРА е трета година, учи соло-пеење, гитара, клавир, но и продукција.
- Студиите се супер, имаме доста практична настава, нонстоп вежбаме. Многу сум задоволен. Мала група сме, му се посветува внимание на секој студент, а тоа ми се допаѓа најмногу.

Кристијан живее типичен студентски живот на релација Скопје-Крушево. Вели дека не бил повлечен од музиката.
- По промоцијата на онаа песна што ја снимивме со вујко ми и која беше промовирана постхумно, сите велат дека сум се повлекол. Но јас цело време сум ѝ посветен на музиката, но не јавно.


Кристијан ќе ја промовира новата песна „We are blood“ на 2 ноември, кога ќе се одржи концертот во чест на Тоше и промоција на неговиот најнов албум „Secret place“.
- Оваа песна ја снимив на моето патување во Лондон каде што Енди Рајт го доработуваше новиот албум на вујко ми. Во текстот сум многу замешан. Тоа е лична приказна, наменета и посветена на вујко ми. Голема помош за снимање на песната имав од Петра Црнетиќ.
- Снимавме во истото студио каде што снимаше вујко ми, тоа е перфектно. Ме зачуди нивната опуштеност при работата, природно си течеше целиот процес, без многу брзање.

Кристијан ни призна дека е возбуден поради промоцијата, но и дека нема трема каква што имал кога бил мал. Открива дека знае да копа „низ“ материјалите што ги остави Тоше.


Кристијан на промоција на книгата посветена на Тоше што ја напиша Соња Алексоска-Неделковска

- Ги имам слушано сите демо-песни на вујко ми, кои не се обработени. Дури ми се подраги, има многу демо-снимки само со гитара или клавир. Од новите песни што ќе се најдат на албумот најомилена ми е „Secret place“. Тоа е совршена песна, број еден, според мене. Најдобра на вујко ми досега.
Кристијан нема посебни планови за иднината. Вели дека едноставно ја сака музиката и ќе остави времето да покаже што понатаму.
Неизбежни се и прашањата за Тоше. Во текот на целото интервју ниту еднаш не го кажа со име. „Вујко ми“, тоа е Тоше за Кристијан.
- Го чувствувам исто како и порано. Никогаш не може да се преболи некој близок. Човек учи да живее со болката. Тука се неговите песни, спотови и чувствувам како да е тука.

Во песната што ќе ја пее на концертот во еден дел се вели: „Те барам на нашите тајни места“. Го прашуваме кои се тие?
- Со вујко ми имавме многу наши тајни места. Возевме велосипеди често заедно, спортувавме. Сите наши тајни места всушност се во Крушево. Имаме едно тајно место горе на скијачките терени, па на Мечкин Камен. Сите ме потсетуваат на него и ги посетувам. Затоа и го ставив тој стих во песната – вели Кристијан.



На концертот во чест на Тоше, на 2 ноември во „ВИП арена Борис Трајковски“, ќе биде промовиран албумот „Secret Place“, со новите, досега необјавени песни од Тоше Проески. Ќе настапат многу македонски и балкански пејачи, како Борис Новковиќ, Владо Калембер, Каролина Гочева, Бојан Маровиќ, Тијана Дапчевиќ, Ања Рупел, Тамара Тодевска, Даниел Кајмакоски, групата „Фрајле“, Наум Петрески, бугарската пејачка Клавдија, Борис Режак, Антонија Гиговска, Александар Тарабунов.
Организатор е Фондацијата „Тоше Проески“, а средствата се наменети за Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје.