Лутењето половина час дневно е добро за здравјето
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Иако обично се обидуваме да ги избегнеме стресот и ситуациите кои можат да нѐ налутат, експертите дојдоа до интересно откритие.
Имено, лутењето барем
половина час дневно не само што е корисно затоа што го ублажува стресот, туку и ја подобрува кардиоваскуларната и респираторната активност.
Taка тврдат истражувачите од Универзитетот во Мексико, според чие мислење, лутењето половина час дневно може да биде добро за здравјето на луѓето, особено за мозокот. Но, зошто е така?
Кога се лутиме, постои неврохемиски импулс кој ги стимулира мозочните бранови. Кога нервниот систем се напрега, се забрзуваат чукањето на срцето и дишењето. Исто така, за време на фазата на лутина има зголемено производство на допамин, хормон кој го стимулира мозокот и произведува еден вид возбуда во невроните, но и норепинефрин, хормон кој ги зголемува крвниот притисок и отчукувањата на срцето.
Гневот го активира нашиот мозок, како и некои од нашите внатрешни органи, па не е толку лош како што мислиме.
Сепак, научниците објаснуваат дека умереноста е многу важна во овој случај, а според нивното мислење, не треба да се лутиме повеќе од 30 минути дневно. Во спротивно, може да се јави контраефект и да има штетно влијание врз нашето здравје.
На пример, во ситуации кога има гнев или каков било вид возбуда, телото произведува кортизол, познат и како хормон на стрес, кој има многу негативни последици доколку се претера.
Експертите предупредуваат дека придонесува за побрзо дебелеење, ослабен имунитет, проблеми со спиењето, висок крвен притисок и холестерол.