Филмот чие снимање уби речиси половина од актерите што играле во него

Филмот чие снимање уби речиси половина од актерите што играле во него

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во Холивуд улогите не им се доделуваат секогаш на најдобрите кандидати, туку се земаат предвид повеќе фактори. Некогаш ѕвездата е толку популарна што ја добива улогата без разлика дали одговара за неа, додека во други случаи актерот има толкава страст за одредена улога што го користи целото влијание за да ја добие.

Се чини дека вториот пример важи за „Освојувачот“ (The Conqueror), историски филм за монголскиот воин и императорот Џингис-хан. Продуцент на филмот бил Хауард Хјуз, а актерот кој се изборил да ја добие главната улога во филмот бил Мерион Морисон, познат по неговото уметничко име Џон Вејн. Нема сомнение дека Вејн бил добар актер, но сепак не бил Монголец и затоа не бил најдобар избор за улогата.

Филмот се смета за еден од најлошите на сите времиња, но колку и да бил болен за гледање, филмот бил поболен за оние што работеле на него. Голем дел од филмот бил снимен на место во близина на Сент Џорџ во американската сојузна држава Јута, на 220 километри од местото на кое се тестирало нуклеарно оружје.


Три години пред снимањето на тоа место биле детонирани 11 нуклеарни бомби за тестирање. Регионот бил контаминиран, а ветрот носел големи количества радиоактивна прашина на локацијата каде што се снимал филмот.

Продуцентот Хјуз бил свесен за ова, но владата го осигурала дека тоа не претставува опасност за јавното здравје. Снимањето траело 13 недели, а во рамките на снимањето Хјуз пренел 60 тони почва од Сент Џорџ до студио во Холивуд за потребите на филмот.

Резултатите биле предвидливи и трагични. Во следните 25 години, 91 лице од вкупно 220 што работеле на филмот (41%) заболеле од рак, а 46 починале од оваа болест, вклучувајќи ги и режисерот Дик Пауел и ѕвездите Сузан Хејворд, Агнес Мурхед, Ли Ван Клиф, па дури и Вејн.

Автор: Џилс Месие
Извор: todayifoundout.com
Насловна фотографија: Screenshot/Youtube