Голем проект: Безусловна основна плата од 1.200 евра за цела Европска Унија?

Голем проект: Безусловна основна плата од 1.200 евра за цела Европска Унија?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Што би било кога никој не би морал да се грижи за своите приходи? Во последните неколку недели тоа прашање си го поставувала Марва Фатафта.

- Мислам дека така едноставно би исчезнале многу стравови и стресот - вели таа.

Марва се преселила во Германија како палестинска мигрантка и денес живее и работи во Берлин. Вработена е во организацијата „Аксес нау“, која се занимава со дигиталните, лични права.

- Рано ми стана јасно дека за мене слобода е кога сум финансиски независна. Порано сакав да заработувам за живот од уметноста, но брзо ми стана јасно дека од тоа нема да имам редовни приходи, па се откажав од тој сон.

Марва е една од околу 2 милиона жители на Германија што се пријавиле да учествуваат во истражувачкиот проект за основна плата. За разлика од Финска, каде што истовремено сличен проект били инициран од државниот завод за вработување, германскиот завод не бил заинтересиран за такви експерименти. Затоа, зад овој проект стои германскиот Институт за економски истражувања и фондацијата на здружението „Мојата основна плата“. Парите доаѓаат од донации и досега има доволно за 122 учесници.

Од почетокот на следната година, цели три години, тие треба да добиваат по 1.200 евра месечно, без никакви услови. На овој начин сакаат да видат какви последици би донеле овие приходи за учесниците и нивната позиција во општеството.

- Ова истражување е огромна шанса да се спроведат сите теоретски дискусии за безусловната основна плата во општествената реалност. Сакаме да утврдиме дали исплатата на таквата безусловна плата на долг рок ќе доведе до статистички значајна промена во однесувањето и чувствата - вели Јирген Шуп, раководител на истражувањето.

Начелото е едноставно: секој добива месечна плата без оглед што прави. За разлика од системот за социјална помош, износот секогаш останува ист и не постојат услови за примателите. Тоа значи дека тие можат да заработуваат и настрана.

Колкава треба да биде таа основна плата? Истражувачите во Германија се одлучиле за сума што е значително поголема од онаа во финскиот експеримент и која сама по себе може да овозможи живот во кој ништо нема да недостига. Тоа се некаде околу 1.200 евра, како што е предвидено со истражувањето.

Постојат големи дискусии за тоа каде би собрала пари државата со кои на сите би можело да им се обезбеди таква основна плата. Во суштина, социјалното трошење е една од најголемите ставки во државните буџети и нема мали трошоци за институциите што се занимаваат со тоа – така што дел од тие пари завршуваат во џебовите на службениците, а не на оние на кои им се потребни. Во секој случај, сето тоа би било тешко да се направи без зголемување на данокот, без оглед дали станува збор за данок на наследство, данок на финансиска трансакција или данок на доход на оние што работат. А тоа е причината што голем број луѓе се против ваквата основна плата.

pari
Фото: Freepik

Словенија била прва


Сепак, идејата за основна плата се дискутира во многу земји на Европската Унија. Формирана е и граѓанска иницијатива што сака Европската комисија да ја разгледа оваа идеја, односно да предложи нацрт основна плата за целата Европска Унија.

Иницијативата ќе се најде на масата на Европската комисија само доколку во рок од една година се соберат потписи на 1 милион граѓани на ЕУ со право на глас.

По два месеца од почнувањето на иницијативата, целта е далеку: до крајот на овој месец се собрани околу 72.000 потписи, а одѕивот беше различен. Првата земја што собра неопходен минимум на потписи е Словенија. Со оглед на нејзината популација, нејзе ѝ беа потребни 5.640 потписи.

- Таму работата ја прифати млада, динамична група што преку социјалните мрежи допре до голем број млади луѓе - објаснува Роналд Блашке, кој ја координира кампањата во Германија.

Спротивно на тоа, во Полска или на Малта за основната плата воопшто нема јавна дебата.

- Таму нема граѓански иницијативи, ниту големи здруженија, како што се католичките организации на вработените во Германија, кои на некој начин се занимаваат со оваа тема - вели Блашке.

Од друга страна, во Франција има поддржувачи на оваа форма на социјална грижа од различни кругови.

- Од движења за животната средина, преку социјални иницијативи, до либерални мислители - вели германскиот координатор. Не може да се смета на поддршка од актуелниот француски претседател Емануел Макрон, но може да се види дека расправата во Франција е многу поширока отколку во другите земји.

Швајцарците веќе се изјаснија: „Не доаѓа предвид“

Швајцарија е првата земја што отиде чекор подалеку: таму се одржа референдум за безусловна основна плата за сите граѓани, но пропадна. Речиси 77 отсто од Швајцарците ја отфрлија идејата дека секој треба да добие плата без оглед дали работел или не работел.

Поттик за работа или поттик за мрзливост?

И експериментот во Финска во суштина не даде недвосмислени резултати: тој беше завршен и не беше продолжен, а заклучокот беше дека таквата основна плата практично нема никакво влијание врз намалувањето на стапката на невработеност. Но, тоа покажа нешто друго: луѓето што учествувале во експериментот живееле многу полесно и имале многу подобра ментална состојба. Многумина почнале да работат работа што инаку не би им се исплатила. И, всушност, работеле и малку понапорно: во просек, работеле шест дена во годината повеќе од останатата контролна група.

Марва продолжува да фантазира за основната плата. Но, вели дека дури и да биде избрана, нема да престане да работи.

- Ја сакам мојата работа, не е тоа прашање. Но таквиот приход ќе обезбеди и материјална сигурност. Би било убаво кога луѓето би ги донеле своите бизнис-одлуки од позитивно чувство, а не од страв поради парите - вели таа.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Freepik