Дарио Стојановски чува над сто тарантули: „Некои гости толку се фасцинирани, што не можам да ги избркам од дома“

Дарио Стојановски чува над сто тарантули: „Некои гости толку се фасцинирани, што не можам да ги избркам од дома“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Бидејќи не секогаш сакаат да соработуваат со мене, ме научија на разбирање и трпение. Бидејќи не секогаш се активни, ме научија на смиреност и благосостојба. Бидејќи, за жал, не секогаш сите преживуваат, ме научија на присутност и благодарност, вели Дарио

Дарио Стојановски уште од дете имал силна и необична пасија или, како што вели тој, опсесија да се грижи за необични миленичиња и животинчиња. Денес тој не може да си го замисли денот без неговите чудни миленичиња, чиј број е сериозно голем. Дома има можеби стотина тарантули, од кои повеќето се бебиња.

-Главна опсесија во детските години ми беше потрагата, истражувањето и набљудувањето на необичните и страшни мали животинки, како што се пајаците, инсектите, стоногалките итн. Со текот на времето дознав дека постои цела заедница на луѓе што ги чуваат овие животинки како домашни миленици. Набрзо по ова сознание добив желба да ја набавам својата прва тарантула и да навлезам подлабоко во хобито на егзотични миленици - ни истакна Дарио Стојановски.



Грижата за нив е 5 минути неделно


Како што ни споделува тој, нивната нега е прилично едноставна и за една тарантула, како индивидуално животно, не одзема повеќе од 5 минути внимание секоја недела.

-Станува збор за храна, вода, основно чистење на терариумот итн. Секако, тие 5 минути можат да се претворат во цел ден работа за луѓе што ги чуваат во поголем број. Но, реално гледано, повеќето луѓе ќе имаат не повеќе од неколку тарантули како свои миленици, што всушност значи мала обврска во текот на целата недела - вели Дарио.



На нашето прашање како изгледа еден ден со милениче тарантула, тој ни раскажа:
-Рутина и секојдневие, нешто на кое се навикнуваме и нешто чиј статус на чудно, ретко и несекојдневно хоби станува најнормалната работа во светот (барем за нас, негувателите на овие животинки). Имено, самите тарантули не се најактивните животни и често се кријат во своите дувла. Не секогаш ги гледам на отворено, но кога се надвор, тоа претставува вистинска гозба за моите очи - дополнува Дарио.

Сите тарантули се облигаторни карнивори, што значи за да се прехранат, мора да јадат други помали животинки, како што се глувчиња, жаби, гуштери, бубачки итн. Главен дел од нивната исхрана во природа се инсектите, па својствено на тоа - тарантулите како домашни миленици главно ги хранат со лебарки, штурци, скакулци, црви итн., информира тој.



Ниту ги препознаваат ниту се приврзуваат за своите сопственици


- Тарантулите не се како секојдневните миленици - кучиња, мачиња, зајчиња и друго... Ниту ги препознаваат ниту се приврзуваат за своите сопственици. Станува збор за животни кои главно ги чуваме за да ја набљудуваме нивната фасцинантна природа. Да набљудуваме како изгледаат, како ловат, како се хранат, како се движат, како ги создаваат своите дувла, како копаат, како плетат пајажина, како се однесуваат во своите терариуми итн. Иако можеби е необично хоби, сепак многумина наоѓаме едно неописливо задоволство во сето тоа - раскажува Стојановски.

Веројатно на прсти може да се избројат луѓето што во Македонија се занимаваат со ова.

- Малкумина се тие што можат да се пронајдат во вакво нешто, што е сосема во ред. Сите сме различни и нормално е сите да имаме различни интереси. Тарантулите бараат конзистентност во давање внимание, поточно самата грижа и нега, како и разбирање за самите животни. Исто така, честопати едвај чекаме да ни пораснат бебињата и сакаме веднаш да имаме голем пајак за набљудување и сликање. Сето ова е процес за кој треба време и трпение - токму она што многу од нас, особено почетниците, го немаме - споделува нашиот соговорник Дарио.



На прашањето дали луѓето се плашат да му дојдат на гости, Дарио вели:

- Среќен сум што досега не сум имал случај некој да плаши до толку што да не сака да дојде на гости. Сосема разбирливо, оние на кои им е прво искуство со тарантули честопати пристапуваат со резерва и претпазливост. Но, дури и луѓето на кои не им се најомилени овие суштества, во најмала рака имаат почит кон нив. Спротивно тоа, се среќаваат и луѓе кои се фасцинираат од тарантулите, па не можам да ги избркам од дома.

Какви видови тарантули за миленици постојат?

Општо, тарантула си е тарантула - голем влакнест пајак, но најсоодветни тарантули за почетници се оние од Северна, Централна и Јужна Америка бидејќи се посмирени видови, објаснува Дарио.



- Ги има на сите континенти, освен Антарктикот, и живеат во тропските и суптропските предели на светот. Денес се откриени повеќе од 1.000 видови и сите имаат свои специфичности. Некои се полесни за чување, некои се помали, некои поголеми, некои со повпечатливи бои и шари, некои се потемпераментни, некои со поголем апетит, некои посрамежливи (се кријат во своите дувла) итн. Најсоодветни тарантули за почетници се оние од новиот свет, поточно од Северна, Централна и Јужна Америка. Имено, станува збор за посмирени видови, кои не се кријат толку често во своите дувла и чија силина на отров е често споредена со онаа на оса и пчела - вели Дарио.



Од неговото хоби произлегла идејата да почне да изработува терариуми. Најчесто за себе, но по потреба и за други. Битни елементи за терариумите се: вентилација, соодветна големина, соодветна внатрешна температура и влага, соодветна опременост на терариумот зависно од видот (неговото потекло и природно живеалиште), како и чистотата на самите компоненти што се користат во терариумот (земја, дрва, гранки, кори, лисја, мов, растенија итн.).



- Иако низ сите овие години научив многу факти за тарантулите и пајаците, сепак би сакал да го свртам прашањето и да одговорам на тоа што сум научил од самите тарантули како едни фасцинантни суштества. Бидејќи не се најубавите суштества (според многумина), ме научија да не судам според надворешниот изглед. Бидејќи не секогаш сакаат да соработуваат со мене, ме научија на разбирање и трпение. Бидејќи не секогаш се активни, ме научија на смиреност и благосостојба. Бидејќи во природа имаат далеку од лесен живот, ме научија на приспособливост и истрајност. Бидејќи, за жал, не секогаш сите преживуваат, ме научија на присутност и благодарност.

Фото: приватна архива