Реклама за еден ирски бар нѐ потсетува на она што е најважно во животот

Реклама за еден ирски бар нѐ потсетува на она што е најважно во животот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Младите живеат од надеж, а старите од спомени - ова е прекрасна француска изрека која со неколку едноставни збора совршено ја објаснува смислата на животот. Овие спомени се најголемиот извор на среќа за нашите родители, а особено за бабите и дедовците.

Кога светлата трепкаат по улиците и мирисот на варено вино се шири низ градските плоштади, треба да помислиме и на постарите лица кои се осамени за време на празничната сезона многу повеќе отколку во остатокот од годината.

Токму тоа го препозна еден бар во Северна Ирска и со мал буџет успеа да направи реклама за која зборува цел свет. Објавата на социјалните мрежи ја погледнаа стотици илјади луѓе и малкумина од нив можеа да останат рамнодушни и да ги задржат солзите.

Во рекламата се среќаваме со дедо кој со уморен чекор оди кон гробиштата, користејќи бастун. Во раката држи букет цвеќе кое го остава на гробот на неговата покојна сопруга. Шета сам низ улиците, гледајќи ги младите како ги извршуваат нивните секојдневни обврски без да сфатат колку е краток и минлив животот.

Кога ќе се најде пред ирскиот бар „Чарл“, дедото застанува, а младиот пар учтиво го пушта прв да влезе. Заљубениот пар седнува на шанкот, а дедото на масата. Откако нивното куче доаѓа да го поздрави, младите го прашуваат дедото дали може да седнат со него.

Колку му значел овој гест, може да се види по насмевката на дедото. Младиот пар не го чинеше ништо, но на дедото му значеше многу. Рекламата завршува со реченицата: Овде нема странци, само пријатели кои сѐ уште не сте ги запознале.
Извор: Zadovolnja.dnevnik.hr
Фото: Screenshot/YouTube