Вештачката интелигенција сега може да создаде реплика на вашата личност

Вештачката интелигенција сега може да создаде реплика на вашата личност

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Замислете да седите со модел со вештачка интелигенција на двочасовно интервју. Пријателски глас ве води низ разговор за вашето детство, вашите спомени и вашата кариера, до вашите размислувања за имиграциската политика. Набрзо потоа виртуелната реплика од вас може да ги отелотвори вашите вредности и преференции со неверојатна точност.

Тоа сега е возможно, според новиот труд, создаден од тим кој вклучува истражувачи од „Стенфорд“ и „Гугл Дипмајнд“, кој е објавен на „арХив“ и сè уште не е рецензиран.

Воден од Џун Сунг Парк, докторанд по компјутерски науки од „Стенфорд“, тимот регрутирал 1.000 луѓе кои се разликувале по возраст, пол, раса, регион, образование и политичка идеологија. За учеството им биле исплатени и до 100 долари. Од интервјуата со нив тимот создал агенти-копии на тие поединци. Како тест за тоа колку добро копиите ги имитираат своите човечки колеги, учесниците направиле серија тестови на личноста, социјални анкети и логички игри, по двапати, со разлика од две недели - потоа агентите ги завршиле истите вежби. Резултатите биле 85% слични.

- Ако можете да имате еден куп мали „ВИ реплики“ да трчаат наоколу и да ги носат одлуките што би ги донеле вие - тоа, мислам, на крајот е иднината - вели Парк.

Во трудот, репликите се нарекуваат агенти за симулација, а поттикот за нивно создавање е да им се олесни на истражувачите од општествените науки и другите области да спроведат студии кои би биле скапи, непрактични или неетички ако се прават со вистински човечки субјекти. Ако можете да креирате модели со вештачка интелигенција кои се однесуваат како вистински луѓе, тогаш размислувањето е дека можете да ги искористите за да тестирате сè - од тоа колку добро се борат со дезинформациите до тоа какви однесувања предизвикуваат сообраќаен метеж.

Ваквите агенти за симулација се малку поинакви од агентите што доминираат во работата на водечките компании за вештачка интелигенција денес. Наречени агенти базирани на алатки, тоа се модели создадени да прават работи за вас, а не да разговараат со вас. На пример, тие може да внесуваат податоци, да ги вратат информациите што сте ги зачувале некаде или да резервираат патување за вас и да закажат состаноци. „Сејлсфорс“ објави свои агенти базирани на алатки во септември, проследено со „Антропик“ во октомври, а „Опен АИ“ планира да објави некои во јануари.

- Двата типа агенти се различни, но имаат заедничка основа. Истражувањето на агентите за симулација, како оние во овој труд, веројатно ќе доведе до посилни агенти за вештачка интелигенција во целина, вели Џон Хортон, вонреден професор по информатички технологии на Факултетот за менаџмент „Слоун“ на МИТ, кој основал компанија за спроведување истражувања користејќи вештачка интелигенција и симулирани учесници.

- Овој труд покажува како можете да направите еден вид хибрид: да користите вистински луѓе за да генерирате личности, кои потоа може да се користат програмски/во симулација на начини на кои не би можеле со вистински луѓе - изјавил тој.

За да изградат агент за вештачка интелигенција што добро ги реплицира луѓето, истражувачите избрале квалитативни интервјуа за да го направат токму тоа, вели Парк. Тој вели дека бил убеден оти интервјуата се најефикасниот начин да се дознае нешто за некого.

Овие интервјуа може да откријат информации кои се со помала веројатност да се појават на анкета.

- Замислете некој што имал рак, но конечно бил излекуван. Тоа се многу уникатни информации за вас кои кажуваат многу за тоа како би можеле да се однесувате и да размислувате за работите - рекол тој.

Сепак, интервјуата не се единствената опција. Компаниите што нудат да направат „дигитални близнаци“ од корисници, како што е „Тавус“, можат да им одредат на нивните модели со вештачка интелигенција да внесуваат е-пошта на клиентите или други податоци. Потребен е прилично голем сет на податоци за да се реплицира нечија личност на тој начин, но овој нов труд предлага поефикасен пат.

Извор: technologyreview.com

Фото: Freepik