Виртуелното милениче што го освои светот: 28 години од создавањето на „Тамагочи“
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Миленичето „Тамагочи“, мала дигитална играчка од Јапонија што го освои светот во 1996 година, оваа година слави 28-годишнина. Од првото појавување до денес, овој виртуелен миленик претрпе трансформации, приспособувајќи се на технолошките трендови, но ја задржа суштината што го направи глобален феномен.
Кога компанијата „Бандаи“ го лансира „Пет Тамагочи“ во 1996 година, никој не можеше да предвиди дека оваа мала играчка ќе го промени светот на дигиталната забава и ќе стане симбол на цела генерација.
Инспирацијата за „Тамагочи“ произлезе од едноставен концепт – домашно милениче кое може да биде со вас каде и да одите, без компликации и обврски што доаѓаат со вистинските миленици.
Почетоци
Миленичето „Тамагочи“ е дело на Аки Маита, вработен во „Бандаи“, кој сакал да создаде уред што на луѓето ќе им овозможи да се грижат за виртуелно милениче. Првата верзија беше лансирана на крајот на 1996 година во Јапонија, а веќе во 1997 година „Тамагочи“ стигна на глобалниот пазар и стана вистински хит. Уредот во облик на јајце доаѓа со мал екран на кој се наоѓа миленичето, додека трите копчиња овозможуваа интеракција со него.
Главната идеја беше едноставна: миленичето да расте и да се развива врз основа на вниманието што му го давате. Миленичето требаше да се нахрани, да се исчисти, да се забавува и да се внимава на него за да не умре.
Карактеристики на играта
Првото милениче беше едноставно, но револуционерно за своето време. Постоеја три основни функции: хранење, играње и следење на расположението на миленичето. Ако го заборавевте, тоа се разболуваше и „умираше“. Оваа уникатна комбинација на дигитална забава и одговорност ги освои срцата на милиони корисници.
Неколку години подоцна „Тамагочи“ доживеа подобрувања. Верзијата од 2004 година, „Тамагочи плус“, им овозможи на уредите да се поврзат преку инфраред, давајќи им на милениците можност за дружење, размена на податоци и пари. Оваа функционалност дополнително ја зголеми популарноста на играчката, воведувајќи елементи на социјалните мрежи.
Најновата верзија, „Тамагочи смарт“, лансирана по повод 25-годишнината во 2021 година, вклучува екран на допир, дизајн што може да се носи како паметен часовник и дополнителни функционалности. Овие иновации ја задржаа основната идеја, но ја адаптираа на современите технологии и потребите на денешните корисници.
Глобална популарност
„Тамагочи“ не беше само производ, туку и културен феномен. При врвот на популарноста во 90-тите години, повеќе од 82 милиони примероци беа продадени низ светот. Училиштата дури мораа да ја забранат оваа играчка бидејќи децата постојано ги проверуваа своите миленици за време на часовите.
„Тамагочи“ стана дел од поп-културата појавувајќи се во филмови, серии и реклами. Неговото влијание се протега надвор од самата играчка - миленичето стана симбол на технолошка носталгија и поврзаност со детството за многу возрасни низ светот.
Иако интересот се намали кон крајот на 90-тите години, „Бандаи“ успешно го оживеа брендот преку нови верзии и иновации. „Тамаготчи“ сè уште има база на лојални обожаватели, а модернизираните верзии на играчката привлекуваат нова генерација корисници.
Извор:
Web-mind.rs
Фото: Unsplash