Објавувајќи анализи и истражувања за проблемите во нашето образование, култура, здравство, животна средина, сообраќајна не(култура), безработицата, целиме кон тоа многу нешта да се подобрат
Успеавме да ги најдеме најуспешните Македонци „скриени“ во научни лаборатории, познати универзитети, светски компании каде што го остваруваат својот сон. Ги наjдовме и дома. Објавувајќи анализи и истражувања за проблемите во нашето образование, култура, здравство, животна средина, сообраќајна не(култура), безработицата, целиме кон тоа многу нешта да се подобрат. Некогаш успеваме во тоа, некогаш помалку, но сигурни сме дека ја алармираме јавноста за нив и заеднички се бориме за подобро утре за сите нас.
Ова е листата со најчитаните текстови на Факултети.мк за 2019 година. Вие најмногу ги читавте, споделувавте, ги коментиравте. Новата година нека ни биде многу поуспешна на сите и се читаме и во 2020!
Авантуристите Џоко Шуклев од Стојаково и Ѓорѓи Николов од Гевгелија тргнаа од Македонија со своето „рено 4“, а целта им беше со него да стигнат до Пекинг. Заглавија на оваа граница зашто немале договорено туристичка агенција и кинески возач со кој би се движеле на територијата на Кина. Кинеските гранични власти не попуштија пред молбите да влезат со олдтајмерот, па возачкиот тандем беше принуден во Пекинг да пристигне со авион.
Реното на Шуклев и Николов
И враќањето си донесе тешкотии, неколку технички проблеми и скршнување кон Полска за да се извозат планираните 23.000 километри. Потоа Шуклев и Николов возеа јужно - по течението на реката Дунав, па преку Бугарија, Грција и преку граничниот премин Дојран стасаа во Македонија.
Се вратија во Македонија откако поминаа 23.000 километри со олдтајмерот „рено 4“. Факултети.мк ги следеше авантуристите во текот на патувањето, ни пишуваа кога ќе наидеа на проблеми, а споделуваа и прекрасни видеа и фотографии со нашата публика.
Ова е вториот најчитан текст за оваа година. Веста за инстаграм-групата „Најлудите школски видеа“, која ексклузивно ја објавивме, а на која македонски ученици споделуваа видеа во кои кршат и уништуваат училиштен инвентар, ја шокира македонската јавност. Веднаш по објавувањето на овој текст админите ја избришаа групата, но останаа отворени прашањата во кои училишта се случуваше вандализмот и дали некој е казнет за ова? Да се откријат и казнат сторителите повикаа невладини организации. Министерот за образование и наука Арбер Адеми изјави дека виновниците треба да се пронајдат и казнат, но МОН се огради од случајот и остави тоа да го решаваат директорите и општините. Факултети.мк веќе две недели се обидува од Министерството за внатрешни работи да добие одговор што покажа нивната истрага за случајот, но портпаролите не одговараат на нашите повици, ниту на нашите прашања доставени по електронска пошта.
Видеата ја шокираа јавноста
Оваа колумна беше објавена на отворањето на 43. сесија на Комитетот за светско наследство на Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации, на почетокот на јули. Иако веќе беше официјално најавено поместувањето на Охрид на светската листа на културно наследство во опасност, по силни лобирања на нашата делегација беше одлучено на властите да им се даде уште една шанса од шест месеци да ги спроведат препораките за заштита на Охридскиот Регион.
Фото: Стојан Стојановски
Во меѓувреме, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за култура на хартија изработија План за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион 2019-2028 и Нацрт-извештај за стратегиска оцена на животната средина за План за управување со природно и културно наследство во Охридскиот Регион. Во практика, во Охрид беа урнати или отстранети само најистурените нелегални проширувања на угостителските објекти кои беа влезени во езерото. Не е урната ниту една цврста дивоградба.
Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, најгласните активисти кои веќе пет години се посветени на заштита и унапредување на исклучителната универзална вредност на единствениот УНЕСКО-регион во Македонија, поднесоа забелешки на стотина страници на изработените планови на надлежните. УНЕСКО за статусот на Охрид ќе одлучува во февруари.
Сигурно сите се сеќавате на историската посета на папата Франциск, на 6 и 7 мај, во Скопје. Имаше посебни правила за движење на автомобили и пешаци иако дента беше неработен ден за администрацијата во Скопје. Низ централното градско подрачје можеше да се помине само со лична карта или пасош, некои улици и булевари беа затворени, а центарци не можеа да ги користат своите возила во зоната „Голем ринг“. Најубаво им беше на велосипедистите! Тие можеа да се движат насекаде, па повеќето граѓани и ја послушаа препораката на Владата – на работа да се оди со велосипед.
Во овој текст дадовме детали како и каде може да се движите низ Скопје при посетата на папата и ја објавивме интерактивната мапа која ја објави координативното тело за организирање на посетата на папата.
Папата Франциск/ Фото: Википедија
Ерблин Браими студирал на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје на насоката Мир, дипломирал со просек 10 и бил прогласен за еден од најуспешните студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Една година подоцна тој се пријавил на оглас на Министерството за внатрешни работи за една од 39. позиции - извршител со завршен Факултет од областа на безбедноста.
Ерблин Браими
Тој вели дека иако ги исполнувал сите потребни услови, со 240 ЕКТС кредити, со документ за неосудуваност, за познавање странски јазик и со над десет дипломи за учество на семинари надвор од државата, не добил вработување. Од МВР одговорија: бодирањето на кандидатите не се врши според просекот што секој кандидат поединечно го имал и го стекнал во своето образование и не е предуслов за засновање работен однос во Министерството за внатрешни работи.
Истражувавме и зошто е толку тешко да се земе возачка дозвола во Македонија. Не го следат сообраќајот на ретровизорите, не вклучуваат трепкачи кога треба, доцна се престројуваат во соодветната коловозна лента, нагло притискаат на кочницата иако нема потреба за тоа, го стартуваат моторот на возилото додека тој работи, забораваат да стават ремен, тргнуваат со крената рачна сопирачка, неприспособена брзина, се само дел од грешките што ги прават кандидатите на возачкиот испит, а ни ги кажаа инструктори.
Практичниот дел од возачкиот испит, популарно познат како „градска“, е најголем проблем за кандидатите што полагаат, покажуваа податоците на Министерството за внатрешни работи.
Од МВР ни одговорија дека е мал бројот на кандидати што од прва го поминуваат возачкиот испит. Затоа е потребно да се преиспитаат квалитетот, доследноста и начинот на спроведување на наставните единици од наставниот план и програма за оспособување на кандидатите за возачи.
7.
25-годишен гениј од Битола во Амстердам менаџира една милијарда евра за мултинационалниот гигант „Данон“
Дваесет и петгодишниот битолчанец Александар Здравковски, кој магистрирал Економија и бизнис на „Еразмус Универзитетот“ во Ротердам, моментално работи во Амстердам, во глобалниот финансиски оддел на мултинационалниот гигант „Данон“ (Danone) и менаџира портфолио од трошоци за производство во вредност од повеќе од една милијарда евра.
Александар Здравковски
Универзитетот во Ротердам каде што магистрирал, според Шангајската ранг-листа, е помеѓу петте најдобри универзитети во светот за бизнис-администрација и во топ-10 универзитети во Европа за економија.
Toj сега работи во Амстердам, во француската мултинационална корпорација „Данон“, која е најголемата компанија во светот што произведува свежи млечни производи со приходи од 24,7 милијарди евра во 2017 година и има вработено повеќе од сто илјади луѓе низ целиот свет. Ова неговото патување од Македонија до врвот на меѓународниот бизнис-свет е исто така едно од најчитаните.
Македонија има многу млади умови кои животот го посветуваат на науката, но за жал таму некаде „расфрлани“ по светот. Една од нив е и Ивона Василеска, со потекло од Прилеп, родена во Струга, а образована во Русија. Факултет и магистерски студии од областа на атомска и нуклеарна физика завршила во Москва, како првенец на генерација, а сега е на докторски студии во Словенија. Таа е и соработник на ИТЕР, светска организација од Франција посветена на искористување на плазмата како нов вид енергија.
Ивона Василеска
Василеска ни раскажа дека отсекогаш ја привлекувале природните науки и уште од најмали нозе била премногу љубопитна за природните појави, како настанале, зошто се случуваат... Кога во седмо одделение првпат се запознала со физиката, си рекла дека тоа е она вистинското со кое ќе се занимава професионално.
9.
„Јас не заминав“: Тамара Георгиевска дипломира со просек 10 на ТМФ. Остана во Македонија поради добрата работа
Тамара ја запознавме на еден од најубавите денови во нејзиниот живот, на Технолошко-металуршкиот факултет каде што ја примаше наградата за најдобар студент. Нејзината приказна ја сместивме во рубриката „Јас не заминав“ откако ни откри дека била одлучена да замине на последипломски во Германија, но се премислила кога добила понуда за работа во „Алкалоид“. Тамара е добитник и на годинашната награда „Инженерски прстен“.
Тамара Георгиевска
Таа ни откри дека никогаш немала цел да дипломира со просек 10.
- Едноставно се случи, со многу голем влог, предаденост на тоа што го учев и најважно го сакав тоа што го учев од сѐ срце. Во семејството имам неколку инженери, па веројатно и тоа влијаеше - ни изјави Георгиевска.
Речиси две години бевме трпеливи за да се најдеме на половина пат со владиката Пимен за да ни ја сподели неговата студентска приказна. Чекањето вредеше, добивме топла човечка приказна која го прикажува отецот во поинакво светло.
Теологијата не му била прв избор на владиката Пимен европски. Верувале или не, откако завршил во ресенската гимназија (тогаш како Сотир Илиевски), прво студирал на Машинскиот факултет во Битола, одлука што ја донел случајно. Отец Пимен многу повеќе ги сакал уметностите отколку која било техничка наука. Но, студирањето во Битола му било поедноставно.
Извор: Википедија
- Беше паметно да се запишам на факултет за да можам да продолжам да ја земам пензијата на моите починати родители. Студирав две години редовно на Машинскиот, бев во војска во ЈНА и кога се вратив, намерно запишав квадрат за да се одморам, а и да се посветам на она што сакав да го правам со љубов – да свирам, да цртам. Се сеќавам, еден ден седевме со другарите на кафе, некој спомена дека треба да пријавиме испити, а јас им соопштив дека се откажувам и дека ќе го сменам факултетот. Прво како на шега реков дека ќе се запишам на Теолошки. Другарите, познавајќи ги моите афинитети, ми изреагираа дека не сум за таму и ми ги предложија Ликовна академија или, пак, Драмскиот факултет. Тие ми беа последните искушенија. Се мислев дали да ги послушам, тоа ми беа другари од детството и ме познаваа многу добро - се потсетува отец Пимен.