Уникатната битолска архитектура и старите приказни за Хаџи Коста, Патче, Ататурк, Замаули... преку мобилната туристичка апликација на Зоран Ѓоргиев

Уникатната битолска архитектура и старите приказни за Хаџи Коста, Патче, Ататурк, Замаули... преку мобилната туристичка апликација на Зоран Ѓоргиев

Подготвил: Жанета Здравкоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ѓоргиев се надева дека по завршувањето на светската пандемија на Ковид-19, бесплатната апликација ќе придонесе да се зголеми туризмот во Битола

Куќите на доктор Панче Васков, кој бесплатно ги прегледувал работниците, а придонел за сузбивање на маларијата и туберкулозата; на Хаџи Коста градена од врвни виенски мајстори, чии сопственици први во градот возеле автомобил „форд“ Т-модел; стоковната куќа на еснафот Славко Патче, каде што имало од игла до локомотива; објектот на Бебека каде што живеел еден од првите битолски гинеколози - Михајло Замаули; домот на Османли познат по ентериерот, па на најбогатиот битолски трговец Иконому, кој давал заем дури и на турската војска... Овие објекти кои ги краси раскошна архитектура, а во себе кријат интересни приказни за животот на градските фамилии, како туристичка понуда можат да се сретнат само во уникатната мобилна апликација Bitola Tour Guide, која го става градот на мапата на дигиталнa туристичка понуда. Ова е прва ваква апликација во Македонија.

„Сакам да направам добро дело за Битола“

Сакајќи да направи нешто добро за родниот град, да ги зачува приказните за фамилиите што го дадоа градскиот белег, како и нивните објекти со староградска неокласична архитектура која им пркоси на новите зданија, дигиталната апликација ја создаде и ја финансира битолчанецот Зоран Ѓоргиев.



- Битола не за џабе е опеана во над 500 песни. Градот претрпел многу убави и неубави работи, војнички чизми од сите светски армии. Ова за мене е историска можност да направам нешто за мојот град и да му се оддолжам бидејќи навистина сум горд што сум битолчанец. Да дадам мал придонес и за следните генерации да продолжат да го негуваат ова, а не само да мислат на нивниот ситен личен интерес кој еден ден ќе се потроши и ќе остане празнина. Големиот Ајри Демировски нè учеше дека Битола е прекрасна и со сите свои убавини предизвикува блаженство на душата - вели Ѓоргиев.

Досега туристичката понуда на Битола е многу слаба. Најчесто се нуди прошетка низ Широк Сокак, посета на Безистенот, Хераклеја и понекогаш на Пелистер. Испечатени се само неколку туристички водичи, а ова е прва мобилна апликација од ваков тип која на дланка ја има душата на градот. Бесплатна е и секој може да ја преземе на телефон. Досега има над 800 корисници. Ѓоргиев се надева дека по завршувањето на светската пандемија на Ковид-19, ќе придонесе да се зголеми туризмот во Битола.



Достапни 70 локации, дел од нив приказни и објекти на стари битолски фамилии

- Преку апликацијата моментално се достапни 70 објекти, културно-историски споменици и знаменити места. Секој што би го посетил нашиот град веднаш би ги добил основните информации сосе ГПС-поврзување за точно лоцирање на објектот. На пример, да биде запознаен на кое место учел академија најголемиот турски реформатор Мустафа Кемал Ататурк, во кој парк се дружел со турските офицери, каде живеела неговата забранета љубов Елени Каринте и каде му било омиленото место за пиење кафе... Со новата надградба деновиве доаѓаме до 100-ина локации - додава Ѓоргиев.

Употребата на апликацијата е лесна. Со само неколку клика доаѓате до сето она што би можело да ве интересира и буквално ја добивате Битола на дланка. По одбраната категорија и разлистеното инфо, има мало иконче кое е поставено за да ве однесе на точната локација и преку „Гугл мапс“ можете лесно да ја лоцирате. Апликацијата има англиска и македонска поддршка и е лесно разбирлива.


Насловната слика е од познатиот илустратор од Битола - Михајло Димитриевски- Тхе Мичо

Содржи неколку категории. „Градска прошетка“ за туристите нуди посета до објектите на познатите битолски градски фамилии Данабаш, Дарковци, Балабан, Скантели, Топаловски, Спанаќовци и многу, многу други. Тука е вклопен и делот со црквите и манастирите. Има и категорија „Што да се посети“ - античко, еврејско и отоманско наследство.

- Во делот за еврејско наследство се неколку објекти каде што пред и за време на Втората светска војна живееле еврејски фамилии. Голем дел од нив беа интернирани во Треблинка, па во соработка со Архивот на Битола, некои сведоштва на стари битолчани и оставени записи се обидуваме да ги реконструираме и да оддадеме  мала почит кон нив и нивниот придонес во развојот на нашиот град. Имаме поддршка од нивните потомци, од кои повеќето живеат во Израел, организирани во заедница под раководство на Јаел Уна и внуката на познатиот д-р Абраванел, Рашел Шели Драмер, а голем дел се раштркани низ Чиле, како и познатата латино-пејачка Сара Ароести од Америка - вели Ѓоргиев.



Ја има и Битола која веќе ја нема

Категоријата „Стара Битола“ вклучува објекти кои веќе ги нема, како хотелот „Босна“, Камениот мост и река Курделес, најстарата џамија во Битола - Ески џамија, Пекмез пазар, старата Влашка црква и многу други.
Има категорија на хотели, ресторани и кафе-барови, важни локации и националниот парк Пелистер.

- Желба ни е буквално цела Баба Планина да биде на дланка, достапна за секого. Да бидат претставени значајни места кои можат да се посетат, од Туристичкиот инфо-центар, до хотел „Молика“, Копанки, Јоргов Камен, Црвени стени, Широка, обележани патеки на мапа за секој посетител да ги пронајде рововите, бункерите и земјанките од Првата светска војна, историската патека, Голема и Мала Ливада, познатите врвовите Пелистер, Стив, видиковците и трасата до нив и слично - велат иницијаторите на апликацијата.

Истражувале шест години, а користеле и белешки на битолски хроничари

Дел од текстовите се истражувања и белешки на познатите битолски хроничари: Димитар Димитриевски-Такец, Ѓорги Цолев-Џоџа, Александар Стерјовски, Петар Ставрев, писателката Марина Апостоловска, за конзулатите - Никола Миновски. Еден дел се истражувања на иноваторите на Bitola Tour Guide, а доста и од самите битолчани што им раскажувале, сакајќи да остават трага за нивните големи фамилии. Податоците се собирани во период од околу 6 години.



Идејата и финансирањето се на Зоран Ѓоргиев, изработката на младата битолска компанија за софтверско инженерство Melstech, каде што се Милан Петровски и Данаил Рунчевски. Користен е таканаречен битолски фонт изработен од Ласко Ѓуровски и Ангела Христовска, насловната слика е од познатиот илустратор од Битола - Михајло Димитриевски-Тхе Мичо. Фотографиите се битолски, текстовите од битолчани или како што велат иноваторите: „Сѐ ни е со БТ регистрација“.