На 34 високообразовни установи и установи вршители на високообразовна дејност може да се добие диплома во Македонија

На 34 високообразовни установи и установи вршители на високообразовна дејност може да се добие диплома во Македонија

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Секоја студиска програма што поседува Решение за акредитација и Решение за почеток со работа од високообразовна установа која е запишана во Регистарот на ВОУ што го води МОН има право да издаде дипломи, кои се признаени во државата и надвор од неа, информира директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование, Агим Рушити

Приватниот научен институт – Академија за естетска стоматологија во Скопје е основан во 2018 година како научноистражувачка установа акредитирана од страна на Министерството за образование и наука -МОН и e запишан во Регистарот на научноистражувачки установи што го води МОН. Тоа е една од акредитираните студиски програми на кои може да се добие диплома во Македонија.
Институтот е формиран согласно одредбите на Законот за високо образование, што му дава право покрај научноистражувачка дејност, да врши и високообразовна дејност од втор, магистерски и трет циклус на докторски студии.

Одборот за акредитација и евалуација на високото образование и Агенцијата за квалитет во високото образование се надлежни органи за акредитација на студиски програми.

Постојат триесетина високообразовни установи и установи како вршители на високообразовна дејност во Македонија. Поделени се во неколку сектори, и тоа јавни високообразовни установи, како Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола, Универзитетот во Тетово, „Гоце Делчев“ во Штип, Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, Универзитет „Мајка Тереза“ ...

Тука се и приватните, меѓу кои Eвропски универзитет, Американ колеџ, „Визион“ - Гостивар,Универзитет за туризам и менаџмент, Универзитет за аудиовизуелна уметност, Европска филмска, театарска и танцова академија - ЕФТА, Меѓународен славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе, МИТ Универзитет и други.

И неколку самостојни виши стручни школи се акредитирани од страна на Одборот за акредитација на високото образование, орган на Агенцијата за квалитет во високото образование, меѓу кои Факултетот за бизнис-економија Скопје, Бизнис-академија Смилевски - БАС Скопје, „Еуро колеџ“ Куманово, Висока школа за новинарство и односи со јавноста Скопје, „Бреинстер Некст“ Скопје, Училиште за мода со Фашион десигн институт - Тетово, Интернационален институт за мода „Изет Цури“...



Тука се и јавни самостојни научни институти, приватни самостојни научни институти, високообразовни установи на верски заедници, странска високообразовна установа која врши високообразовна дејност на територијата на Македонија.

На вкупно 34 факултети, универзитети и виши школи може да се добие диплома во Македонија.

- Високообразовна дејност, односно дејноста на високото образование, согласно Законот за високото образование, се врши на следните високообразовни установи: универзитет, факултет, уметничка академија и висока стручна школа кои се во состав на универзитет (кои се сметат како единици на универзитет) и самостојна висока стручна школа - ни сподели Агим Рушити, директор на Агенцијата за квалитет во високото образование.

Универзитетот и самостојната висока стручна школа се самостојни високообразовни установи. Високообразовните установи можат да бидат јавни, приватно-јавни непрофитни установи и приватни непрофитни установи. Универзитетот и самостојната висока стручна школа имаат својство на правно лице. Единиците на универзитетот имаат права и обврски, определени со Законот за високото образование, актот за основање на универзитетот и статутот на универзитетот, објаснува директорот Рушити.

- Решение за акредитација на студиска програма се донесува од страна на одбор за акредитација на високото образование, врз основа на почитување на одредбите на Законот за високото образование, односно Уредба за нормативи и стандарди за основање на ВОУ и за вршење ВОД, Правилник за стандардите и нормативите за основање високообразовни установи и за вршење високообразовна дејност, Правилник за методологијата, стандардите и постапката за акредитација на високообразовни установи и за акредитација на студиските програми, кои може да се прочитаат на следниот линк А.К.В.О. | Агенција за квалитет во високото образование - информира Рушити.



Секоја студиска програма што поседува Решение за акредитација и Решение за почеток со работа од високообразовна установа која е запишана во Регистарот на ВОУ што го води МОН, има право да издаде дипломи, кои се признаени во државата и надвор од неа - дополнува директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование.

Фото: приватна архива