Како „Нетфликс“ победи во стриминг-војната?

Како „Нетфликс“ победи во стриминг-војната?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Поминаа 20 години откако „Нетфликс“ дебитира со својата платформа за видеостриминг во 2007 година, а компанијата успеа да го задржи - како што истакнува еден аналитичар на Вол стрит - своето непремостливо водство во војните за стриминг. И тоа водство станува сѐ поголемо.

И покрај тоа што се соочува со поголема конкуренција од кога било, „Нетфликс“ неодамна го објави својот најголем раст на бројот на претплатници. Гигантот за стриминг соопшти дека неговите платени членства се зголемиле за 19 милиони во четвртиот квартал од 2024 година, со што вкупните членства достигнале речиси 302 милиони на глобално ниво. Дополнително, неговите годишни приходи се зголемиле за 16 отсто, до 39 милијарди долари минатата година. Веста ги израдува инвеститорите, што резултира со тоа што акциите на „Нетфликс“ достигнаа историски максимум овој месец.

Се верува дека има уште многу простор да расте

Аналитичарот на „Вилијам Блер“ (мултинационална, независна, инвестициска банка и компанија за финансиски услуги), Ралф Шакарт, истакнал дека „Нетфликс“ сочинува помалку од 10 отсто од гледањето телевизија во сите земји во кои функционира, оставајќи ѝ на компанијата долга патека за раст бидејќи стримингот продолжува да продира на глобално ниво.

Тед Сарандос, извршен директор на „Нетфликс“, истакнал слична гледна точка кога потенцирал дека просечниот корисник гледа околу 2 часа на ден на „Нетфликс“. Но, „Нетфликс“ не само што сака повеќе гледачи, туку сака и неговите сегашни членови да гледаат повеќе, што ќе му помогне на сè уште младиот рекламен бизнис на компанијата да расте.

Иронично, бидејќи традиционалните медиумски компании - како „Варнер брос дискавер“, „Парамонт“ и „Дизни“ - даваат приоритет на развојот на нивниот бизнис со стриминг, „Нетфликс“ гледа на рекламите и настаните во живо, како и бизнис-моделите кои се обично поврзани со кабелска телевизија, како на клуч за неговиот иден раст.

„Нетфликс“ веќе соопшти дека половина од новите членства доаѓаат од планот базиран на реклами - во регионите каде што е достапен. Па така, „Нетфликс“ е насочен да ги зголеми приходите од реклами во наредните години преку пренесување повеќе настани во живо.

Компанијата имаше огромен успех неодамна со големи настани како пренесување на борбата Џејк Пол против Мајк Тајсон, која стана најстримуваниот спортски настан на „Нетфликс“ досега. На католичкиот Божиќ компанијата беше домаќин на најстримуваните НФЛ-игри во историјата, а „Бијонсе боул“ на Бијонсе помогна да се привлечат 50 милиони гледачи.

Платформата се насочува и кон пренесување уникатни настани од повеќе сфери и во 2025 година.

Извор: qz.com

Фото: Freepik