Нарушување наречено деперсонализација: Што знаеме за оваа мистериозна состојба?

Нарушување наречено деперсонализација: Што знаеме за оваа мистериозна состојба?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

- Ќе помислиш дека сум луд. Едноставно, сè изгледа како сон. Знам дека не сонувам. Мислам, знам дека сум тука, но истовремено не сум сигурен. Никој не разбира што мислам - вели 18-годишниот Калум.

Ова е типично за мојата работа. Не само затоа што сум професионалец за ментално здравје, туку затоа што сум специјализиран за дисоцијација и деперсонализација.

Калум, седејќи во фотелјата на мојата терапевтска соба, ги исполнува дијагностичките критериуми за нарушување наречено деперсоналзиација: нарушување што збунува на толку многу начини.

Бидејќи неговите главни симптоми се длабоко чувство на одвоеност и нереалност, нарушувањето ги збунува оние што ги доживуваат.

Вообичаените описи се „заглавување како во меур“, „заробеност зад стакло“ и „гледање на светот оддалеку“. Исто така, луѓето опишуваат чувство на непознатост, како нивните мисли и сеќавања да му припаѓаат на друг.

Затоа, не е изненадувачки што луѓето што се соочуваат со ова нарушување поминуваат часови размислувајќи што би можело да ги предизвика овие чудни сензации, зошто се повторуваат и што можат да направат за да ги спречат. Некои дури и го скенирале мозокот за да видат да не имаат тумор што им прави проблеми. Исто така, често луѓето објаснуваат дека по користењето марихуана, никогаш не се вратиле целосно во реалноста.

Зошто е толку тешко да се најде некој што ќе ги разбере луѓето што го имаат ова нарушување?

Најочигледниот одговор е недостиг на јазикот што го имаме за искуствата на деперсонализација и дереализација.

Недоволно свест или обука

Но, покомплициран одговор е дека мнозинството професионалци за ментално здравје немаат обука за дисоцијативни нарушувања. Како резултат на тоа, лекарите честопати ги пропуштаат или погрешно ги разбираат симптомите на луѓето со ова нарушување. Во меѓувреме, луѓето може да подлежат на (неуспешни) третмани за депресија или анксиозност, или нивните симптоми да бидат отфрлени како дел од различно нарушување што исто така може да го имаат.

Затоа, кога ќе го погледнам Калум, имам длабока емпатија со неговото чувство дека светот не разбира низ што поминува. Но, имам и реална надеж дека работите ќе изгледаат посветло наскоро.

Автор: Ема Чернис
Извор: Science Alert
Фото: Freepik