Кога бев студент со Горан Михајловски: Нѐ викнаа во УДБА поради насловна со човек без нога што им личел на Тито

Кога бев студент со Горан Михајловски: Нѐ викнаа во УДБА поради насловна со човек без нога што им личел на Тито

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Како дописник на весникот „Младост“ од Белград објавував теми за првите приватни журки кога се откупуваа клупчиња, па се делеа карти, па се двоеше скопската елита... Известував и од концертот на групата „Видеосекс“ со Ања Рупел. Му реков на фотографот да не доаѓа со мене, демек сам ќе сликам, за да имам шанса да ѝ се доближам на Рупел, ептен ми се бендисуваше, се смее Михајловски раскажувајќи ја неговата студентска приказна во рубриката што Факултети.мк ја реализира заедно со „Пивара Скопје“


Михајловски завршил во гимназијата „Никола Карев“

Уште од млад многу сакал да патува, но и да пишува, па новинарството му било добар спој на двете нешта. И по повеќе од 35 години во професијата, Горан Михајловски го има истиот жар за новинарството како и кога бил студент. Почнал во „Студентски збор“, каде што стигнал до заменик-главен уредник и каде што најмногу научил за новинарството, па потоа продолжил во редакцијата на „Вечер“. Врвот на кариерата го достигна во „Вест“, а во последните четири години заедно со својот тим го создава порталот САКАМДАКАЖАМ.МК.

Спој на пишување и патувањa

Михајловски вели дека новинарството го избрал не зашто премногу го сакал, туку му се видела како примамлива професија оти не можел да се види себеси затворен во канцеларија. Се запишал на Студиите по новинарство во Скопје во 1982 година. Веднаш по запишувањето морал да замине за Белград да отслужи воен рок.



„Студентски збор“ ни беше вистинско школо за новинарство

- По воената обука работев во редакцијата на двонеделникот „Војник“, официјално гласило на тогашната Белградска армиска област на ЈНА. Таму првпат го почувствував мирисот на печатницата. Магазинот се печатеше во печатницата на „Борба“ и ние моравме да одиме на дежурство. Еден ден во посета на редакцијата дојде чичко ми Ламбе Михајловски, кој беше генерал во тогашната ЈНА. Ме извади од касарна и ме однесе во специјализирана продавница во центарот на Белград, каде што ми ја купи и првата машина за пишување. Таа машина и сега си ја чувам во редакцијата како украс. Штом се вратив во Скопје, паралелно со студирањето почнав хонорарно да работам во тогашниот „Студентски збор“ и многу брзо се снајдов. Почнав со прикаски од студентски домови, па при крај на студиите стигнав до заменик-главен и одговорен уредник и пишував политички уводници. Повеќе научив новинарство во „Студентски збор“ отколку на факултет - вели Михајловски.

Од семејството имал поддршка за изборот за студирање. Вели: „Брат ми (актерот Јовица Михајловски) ми го 'проби патот' оти смени два факултета додека да се најде на ФДУ“. Така што родителите не сакале со Горан да ја направат истата грешка - да му наметнуваат избор за студирање како што му правеле на Јовица и се помириле со тоа дека ќе учи за новинар.

„Студентски збор“ – вистинско школо за новинарство

Чивијата за новинарство брзо му влегла. „Студентски збор“ се печател во печатницата на „Нова Македонија“. Тогаш дежурствата во печатница биле задолжителни за новинарите, последен потпис пред излегување од печатница морал да даде дежурен новинар и Михајловски на тие денови се сеќава со носталгија. Вели: „Многу ми недостига мирисот на печатница“.


Горан (трет од десно) со колегите од новинарство

- „Студентски збор“ беше редакција со сите нишани – новинари што пишуваа за политика, за студенти, за култура, вистинска редакција од десетина луѓе. Биљана Секуловска, Зоран Костов, Жанета Скерлев, Мице Јанкулоски, Томе Груевски прво беше уредник, па потоа стана и директор на „Студентски збор“, сите тие беа дел од тимот. Имавме поголема слобода за пишување отколку „сериозните медиуми“. Третиравме теми за студентскиот стандард, правевме репортажи од студентските домови, објавувавме интервјуа со политичари. Сѐ што во тоа време се толкуваше како либерален став можеше да се најде во „Студентски збор“. Добивавме некој месечен хонорар, дневници за службени патувања, па во тоа време како студентарија живеевме комотно, не моравме да бараме пари од дома за пијачка, можевме да излегуваме со свои пари, па дури и заштедувавме за некое одморче. Тогаш со брат ми делевме едно старо „фиќо“, па тие хонорари ми доаѓаа тамам за да си го полнам со бензин наместо да одам со автобус - се потсетува Михајловски.

Во текот на студиите, во 1986 година на факултетот, надвор од „Студентски збор“, студентите по новинарство издале фанзин што го нарекле „Феникс“, од кој излегле само два броја. Се сеќава дека имале голем проблем кога објавиле интервју со Коле Чашуле со наслов „Народ што имал два Илиндена, ќе има и трет“.


Михајловски со првата машина за пишување и регистрацијата од „фиќото“ што го возел додека студирал

- На насловната страница со тој наслов ставивме фотографија од човек без нога, што алудираше на Тито. Другиот ден на сите што бевме потпишани како реакција ни се јавија од полиција, еден по еден нѐ викаа во УДБА на сослушување. Се сеќавам дека во редакцијата тогаш беа Витомир Долински, Зоран Димитровски, Марина Костова, Валентина Велевска, веќе покојна, и си раскажувавме кој како поминал во полиција - се смее главниот уредник на САКАМДАКАЖАМ.МК.
Друг младински магазин тогаш бил „Млад борец“ во кој уредник бил Никола Младенов, основачот на „Фокус“. Горан и Никола заедно учеле во гимназијата „Никола Карев“. Иако не биле конкуренција, во смисла на сегашен вид конкуренција на пазарот, Горан признава дека Никола Младенов тогаш правел многу полиберален и похрабар младински весник.

Бифето на Филолошки – омилено место

Со колегите многу се дружеле, а некои од тие пријателства и денес се негуваат. Горан и Биљана Секуловска другаруваат секојдневно, Марина Костова е заменик-главен уредник на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК.

- Со Југослава Дуковска, Гордана Дувњак, Санта Аргирова, Емилија Лазаревска, Југослав Костовски, Тони Зографски, Александар Мучев, Силвана Бркуљан се гледаме одвреме-навреме како генерациска средба. Еднаш годишно правиме вечера во чест на нашата покојна колешка и другарка Јулијана Неделковска, која беше иницијатор на ваквите средби - вели Михајловски.


Изјава од првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров

Сите биле добри студенти, компактна група од 20-ина луѓе и функционирале како клас во средно.
- Бидејќи бевме на интердисциплинарни студии, шетавме на сите факултети и најчесто се собиравме на Филолошкиот факултет, таму бифето ни беше најубаво. Навечер излегувавме во „Мусандра“, „Огниште“, се собиравме по приватни клупчиња, „63-ка“ на Бит-пазар, „Алпино“ кај Зелено пазарче, се возевме на некои журки на Теферич, во тогашниот хотел „Панорама“ или на езерото Треска. Летно време знаевме да одиме во Англија за да работиме сезонски. Неколкумина од нашата генерација си подработувавме на црно во Лондон. Тогаш беше едноставно со југословенскиот пасош, не ни бараа визи - вели Горан.

Што се однесува до учењето, Горан вели дека се трудел да има добри оценки, ама не му се случило да преполага за повисок просек.


Горан Михајловски и Биљана Секуловска

- Мислам дека професорот Денко Малески ми прогледа низ прсти. Ми рече: „Ова ти е оценка како за уметничко лизгање - технички имаш 5-ка, а за уметнички впечаток – 10, затоа еве ти седумка“. Кај Димитар Мицајков паѓав 100 пати, како и сите други мои колеги. Предметот македонски јазик ми беше најздодевен. Не сакав да учам оти имаше многу теорија. Полагавме писмено и усно. Се сеќавам дека во втора година со колешката Мејрем Сали, која е новинарка во Турција, наместо да учиме, поминавме повеќе време подготвувајќи ливчиња за препишување. Ама не се снајдовме и на крај најбезобразно си извадиме скрипти, оти се полагаше во голем амфитеатар. Дојде редот да полагаме усно. Професорот нѐ седна двајцата и ни даде нешто смешно лесно да преведеме од српски на македонски, колку да се мајтапи со нас, па ни рече: „Браво, добро го направивте ова!“ и ни пиша една огромна петка. И додаде: „Не ви е срам, ај што сте препишувале, ама сте препишале погрешна лекција!?“, се смее нашиот соговорник.

На предавања кај Марјановиќ иако немавме предмет кај него

Мy било интересно и лесно поминал на полагање кај професорите Томислав Чокревски, Никола Кљусев, Таки Фити... Со колегите оделе на предавања кај проф. Ѓорѓе Марјановиќ, кој иако не им предавал на новинарите, туку само на правниците, сакале да го слушаат затоа што предавал многу интересно.


Михајловски си ги чува новинарските акредитации

- Сите сакавме да ги слушаме забавните предавања на професорот Марјановиќ - се сеќава Михајловски и додава уште неколку професори кај кои со задоволство оделе на предавања оти биле слободни да дискутираат - Димитар Мирчев, Ферид Мухиќ, Кирил Темков, Денко Малески...
Уште додека студирал знаел дека факултетот му треба само за да добие диплома, оти новинарството најдобро се учи во редакција. Парадоксално е, ама како се пишува вест најмногу научиле од предметот англиски јазик кој го предавал проф. Зоран Анчевски.

- Тој ни донесе книги од Англија за новинари и ние всушност учевме да правиме вести на англиски. И новинарството повеќе го учевме преку тој предмет. Многу колеги работеа по медиумите уште додека студиравме, вратите секаде ни беа отворени. Новинарството не е нешто што се учи само од книга. Новинарството се учи кога ќе го почувствуваш притисокот, кога ќе те притисне времето оти има краен рок, кога брзаш прв да објавиш, кога се мачиш да земеш изјава, да отидеш на терен... На пример, јас како дете што е растено во Скопје, да не бев новинар во „Студентски збор“, никогаш не би имал шанса да почувствувам како живееле студентите од другите места. Така запознав и многу студенти што живееја во студентските домови или во приватни станови. На пример, на тогашната студентската активистка Ѓулистана Марковска ѝ правев интервју во домот „Гоце Делчев“. Смрзнавме оти греењето не работеше. Таа сега е лекарка, а беше и пратеничка - се потсетува Михајловски.



Студентските маки и тогаш биле слични на денешните. Горан раскажува дека го пратиле да направи репортажа како живеат идните лекари во бараките на тогашниот студентски дом „Медицинар“. Репортажата требало да биде инспиративна оти студиите по медицина се меѓу најтешките. Наместо со позитивна репортажа, Горан во редакција се вратил вџашен.

- Се сеќавам дека направив две-три продолженија со ужасни слики од бараките и веднаш потоа ми се јавија студенти да продолжам со приказната и во студентските бараки во „Стив Наумов“. Таму беше уште пострашно - вели Михајловски.
Не знае дали по овие репортажи нешто се сменило, ама се сеќава дека потоа добил задача да прави репортажа за студентскиот дом во Битола, за да го поправи впечатокот.
- Бев во Битола, направив репортажа. Убави беа собите, Битолскиот универзитет тогаш беше нов, па и домот беше среден - вели Горан, кој и денеска се чувствува убаво ако со новинарството може некому да му помогне или барем да иницира некоја промена.

„Вечер“ – прво професионално вработување

Михајловски кратко време пробал да работи и на телевизија, ама брзо сфатил дека тоа не е негов медиум. Бил дел од тимот на емисијата „Здраво, млади“ на ТВ Скопје, заедно со Катерина Блажевска, Санта Аргирова, Зоран Димитровски, а уредник им бил Иван Андреевски.



- Правевме теми за млади, во принцип имавме многу голема слобода и емисијата беше освежување во програмата. Потоа ми дојде лесно кога го имав моето прво професионално вработување во „Вечер“ во 1989 година, кој беше многу послободарски весник од „Нова Македонија“. Имав среќа, главен уредник ми беше Златко Блајер, а заменик - Александар Ивановски. Тие беа многу либерални и јас им дојдов како свежа сила. Првата голема задача беше кога ме пратија да известувам од Конгресот на младината во Порторож, Словенија, што беше најава за распадот на Југославија - се сеќава Михајловски.

- Се сеќавам дека еднаш напишав текст со драматичен наслов – „ГЕКА против ЦЕКА“, оти тогаш се скараа Градскиот комитет со Централниот комитет. Таков наслов беше невообичаен за тоа време. Уредниците прво се двоумеа, ама ми го оставија насловот, по што имаше многубројни реакции - вели тој.
Главниот уредник на САКАМДАКАЖАМ.МК признава дека може да пишува на секаква тема, само не се чувствува кадарен да пишува за култура и уметност. Вели дека бил и дел од тимот што го правел билтенот на почетоците на Скопски џез-фестивал во 1983 година.



- Како студент, ми беше интересно оти покривав и забавни настани како дописник на весникот „Младост“ од Белград. Таму објавував теми за тогашните први приватни журки кога се откупуваа клупчиња, па се делеа карти, па се двоеше скопската елита, кој може, кој не може да влезе... Известував од концерт на „Идоли“, на пример, кој помина многу лошо оти откажа озвучувањето во салата „Работнички“. Известував и од концертот на групата „Видеосекс“ со Ања Рупел во Дом на млади „25 Мај“ (денес МКЦ). Му реков на фотографот да не доаѓа со мене, демек сам ќе сликам, за да имам шанса да ѝ се доближам на Ања Рупел, ептен ми се бендисуваше - се потсетува Горан.

По завршувањето на факултетот тој бил главен уредник на ревијата на првата македонска авиокомпанија „Палер Македонија“, која излегувала тројазично, на македонски, албански и на англиски јазик. Оттогаш му е и пасијата кон авионите – неговата канцеларија повеќе личи на туристичка агенција со дваесетина модели на авиони отколку на редакција.

Најблагодарен на Златко Блајер и на Александар Ивановски

Тој им е особено благодарен на уредниците Александар Ивановски и на Златко Блајер за знаењето што му го предале и за шансата што му ја дале во „Вечер“. Блајер во него го препознал потенцијалот да го пушта во проблематични теми, а Ивановски бил човекот кој на некој начин ја открил колумната „Сакам да кажам“, која првпат излезе на 12 јануари 1991 година.

- Му се допаѓаше моето пишување. Ми даде еднаш да напишам коментар за сабота, па потоа и за наредната сабота, па за третата сабота и така испадна дека морам да пишувам секоја сабота, иако не секогаш имав што да кажам. Многу спонтано дојде и името „Сакам да кажам“, оти ја користев и таа реченица во пишувањето - се потсетува Михајловски.

Неколку години Михајловски го предавал предметот Уредување во медиумите на Факултетот за новинарство во Скопје.

- Сакам да работам со млади луѓе, секогаш учиш од помладите. Но, искрено, бев поразен од лежерноста со која студентите се однесуваа кон новинарството и од нивната општа неписменост. Ми велеа: „Па професоре, ние не учиме за лектори, ние учиме за новинари“. Што да им правиш? Да ги паднеш, а тие веќе дошле до трета година? Тоа е поразително и, за жал, ете тоа се гледа и во медиумите.



Михајловски вели дека во над 30-годишната новинарска кариера единствената криза ја имал во моментот кога германската медиумска компанија ВАЦ, која беше сопственик и на „Вест“, му ги продаде весниците на бизнисменот Орце Камчев, во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

- Кога ни беше газда Орце Камчев, ми идеше да се откажам од новинарството. И како главен уредник и како новинар, секојдневно трпев огромни притисоци и беше ужасно тешко да се одржи професионалниот интегритет. Подоцна разбрав дека во тоа време сум бил и прислушуван веќе 2,5 години. Добро е човек постојано да се сеќава на ова за да не се повтори. Којзнае кога новинарството ќе се оправи од последиците на тоа ужасно време - вели Михајловски.

Тој вели дека сѐ уште има голема жар за новинарството, дека уште го држи ентузијазмот и не му е проблем да отрча до место на настанот кога се случува нешто важно.

- Кога се случи несреќата во Ласкарци, оти живеам најблизу, отрчав до „8 Септември“, застанав пред Ургентниот центар, сликав, се распрашував, им испраќав слики на колегите што дежураа. Во друга пригода, близу до мојот дом имаше ноќно пукање меѓу две банди. Јас бев излезен и со цел памет им се јавив на моите малолетни деца да се симнат долу, да видат што се случило и да ми пратат фотографии за брзо да ги објавам. Можете да замислите како реагираше жена ми? - се смее Михајловски.

Тој вели дека темите ги наоѓа во секојдневните дружби и на различни настани. Слободното време го минува со пријатели чии професии немаат никаква врска со новинарството. Вели дека тоа го одмара, иако за вистински новинар нема работно време. Многу често и големи теми излегле од муабетите со нив на пијачка и дружба.
- Луѓето не можат да препознаат дали во тоа што ми го раскажуваат има вест, или не. А мене ми е тоа работа - вели Михајловски.