Патот од Киев до Скопје траеше два дена, а за мене цела вечност - сведоштво на Горан Мирчиќ

Патот од Киев до Скопје траеше два дена, а за мене цела вечност - сведоштво на Горан Мирчиќ

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Украинците даваат голем отпор, нешто што Русите не го очекуваа. Во секој случај, среќен сум што на крајот успеав да се извлечам од целата таа ситуација. Се слушам со колегите, кажуваат страшни работи. Постојано има сирени, експлодираат бомби, секојдневно гранатираат објекти, вели Горан

Горан Мирчиќ е скопјанец кој веќе една година работи за компанијата „Кока-Кола“ во Киев. За Факултети.мк го раскажува патешествието низ кое поминал, а кое почнало утрото на 24 февруари, кога одекнале првите експлозии во главниот град на Украина. Видно уморен од шокот, за кој вели дека не бил очекуван, тој сè уште се обидува да си дојде на себе по голготата низ која поминал патувајќи кон земјава.

За тоа дали се насетувал ваков развој на настаните во Киев, како се однесувале луѓето, но и за патувањето со автомобил до дома, зборуваме со Мирчиќ во ова интервју.


Горан (во средина) со колегите

Дали насетуваше што ќе се случи во Киев? Каков беше животот до пред да се слушнат сирените за тревога? Имаше ли нешто што укажуваше дека може да имаат ваков тек на настаните?

- Постојано имаше некакви тензии, меѓутоа, тие тензични ситуации луѓето не ги сфаќаа сериозно бидејќи веќе ја поминаа војната во 2014 година. Имаше војни во Домбас и во Луганск, кои се на 800 километри оддалеченост. Тоа е речиси колку што е оддалечено Скопје од Будимпешта, и токму поради тоа, луѓето во Киев не беа загрижени, сè си функционираше, работеа маркетите, рестораните, клубовите. И јас не чувствував дека треба нешто да преземам, немав страв, иако имаше странци што си отидоа две-три недели пред да почнат нападите, особено оние со семејства. Јас имав планирано да заминам за Македонија на 24 февруари утрото, во 4 часот, но летовите беа откажани, па ме префрлија за истиот ден со „Туркиш ерлајнс“, со лет во попладневните часови. Бев спакуван, си легнав и во 5 часот утрото ми ѕвонеше колегата од Хрватска, кој исто така работеше во Киев. Ми кажа дека има експлозии и дека треба веднаш да си заминеме од Украина, со автомобил. Тргнавме во 7 часот од Киев. Планот ни беше да појдеме во Будимпешта. Кога тргнавме, се создаде страшен метеж во сообраќајот. Најстресно беше кога ние излегувавме, а гледавме како тенкови влегуваат во градот. Тоа беше украинска војска, одеше во Киев, а цела колона на излез беше полна со тенкови. Имаше и хеликоптери кои постојано прелетуваа. Поминавме низ градови во кои имаше чад.


Патот до границата

Што си мислеше, како се чувствуваше?

- Имав многу адреналин, чувствував неизвесност. Страв не толку бидејќи знаев дека ја правам вистинската работа. Имавме сè спремно за во случај да има вакво сценарио, дозволи, зелен картон, пасоши. Од храна зедовме сè што имавме во фрижидерите, а гориво, за среќа, претходно имавме наполнето. Во компанијата ни рекоа секој ден да дополнуваме гориво за секој случај, да биде полн резервоарот. И тоа беше добро бидејќи по пат имаше километарски колони на возила, луѓето чекаа во редици за да наполнат. И да, имаше ограничувања, односно секој смееше дневно да купи само по 20 литри бензин.


Редици пред бензинска

Имаше километарски колони со возила во обид луѓето да се спасат себеси и најблиските. Колку време ви требаше за да ја напуштите Украина?

- Вкупно 4,5 часа ни беа потребни за да излеземе само од Киев поради големите колони. Користевме ГПС за да избегнеме долги колони и сè одеше супер, до еден момент кога снема интернет и буквално не знаевме веќе каде да одиме. Се слушавме со колега во Романија кој нè чекаше, па со негова помош ја сменивме маршрутата. Се упативме на еден граничен премин кон Романија кој беше спорадичен. Заглавивме во колона од 10 км бидејќи никој не знаеше каде оди, оти немаше интернет. Она што е карактеристично за Украинците е што се многу послушни и принципиелни, смирени се, следат правила. Имаше колона од 10 километри во три редици во само еден правец, а само еден ред беше ослободен за возилата од спротивниот правец. И никој не одеше во спротивниот правец за да пресекува, туку сите стоеја и чекаа дисциплинирано во колоната.



Како реагираа Украинците, како се однесуваа, дали беа во паника?


- Украинците многу си ја сакаат земјата и многу се борат за својата земја. Во вакви моменти сите се солидаризираат и си помагаат. Освен оние основни намирници со кои се снабдуваа, како брашно, масло за јадење, јајца, тие купуваа и алкохол во големи количини, иако алкохол не е основна намирница, нели. Немаше општа хистерија, иако цело време се чувствуваше некаква тензија. Она што е интересно е дека во Украина има многу луѓе што се чувствуваат како Руси. И некако луѓето се солидаризираат, меѓу нив нема конфликти, баш напротив. Луѓето немаат проблем меѓу себе, сите се сплотени и си помагаат кога е тешко.

Деновиве гледаме видеа во кои на граница се разделуваат партнери, татковци се збогуваат со своите деца поради забраната мажите да ја напуштат земјата. Што се случуваше на украинско-романската граница?


- Имаше многу жени кои со две деца в раце плус куфери се движеа за да преминат на другата страна на границата. Нивните мажи мораа да останат во земјата. Беше трогателно да се гледа тоа, имаше многу луѓе што ни чукаа на прозорец и бараа да ги превеземе преку граница за да не одат пеш. Беа вознемирени, иако не се паничари како нас. На другата страна на границата, во Романија, имаше екипи кои веднаш ги пречекуваа со храна и вода, имаше автобуси кои беа спремни да ги пренесат луѓето до првото место каде што можат да престојуваат. За наша среќа, како странци ни беше овозможен побрз трансфер преку граница и поминавме за нешто повеќе од 3 часа, додека другите мораа да чекаат во колона подолга од 10 км.


Редици пред пекарница

Со оглед на тоа дека е воена состојба, компанијата во која работиш сега е затворена.

- Така е, сега компанијата во Украина е комплетно затворена. Сите странци се вратени во матичните земји. Работиме онлајн, поврзани сме, но компанијата во Украина не работи бидејќи е воена состојба. Луѓето од Киев што имаат викендици во друг град, сите се таму заминати, но има и многу што немаа каде да одат и останаа во Киев. Војнава се продлабочува, Украинците даваат голем отпор, нешто што Русите не го очекуваа. Во секој случај, среќен сум што на крајот успеав да се извлечам од целата таа ситуација. Кога дојдов овде, бев и емоционално и психички многу истрошен. Пет дена поминаа, а уште не можам да си дојдам на себе, целото патување беше стресно. Се слушам со колегите, кажуваат страшни ситуации од таму. Постојано има сирени, бомби експлодираат, секојдневно гранатираат објекти. За среќа, сите се здрави и се на сигурно.

фото: приватна архива