Кризата со коронавирусот ја покажа грдата вистина за културата на познатите и капитализмот

Кризата со коронавирусот ја покажа грдата вистина за културата на познатите и капитализмот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако ова е тешко време за сите, особено е тешко за познатите зашто вирусот ги засени. Повеќе никој не се грижи што носат или со кого се во врска; вниманието на светот е пренасочено кон пандемијата. Се чини дека некои познати личности почнуваат да се справуваат со сознанието дека не се толку важни или сакани како што мислеа.

Гал Гадот беше првата жртва на критика.

- Сите сме заедно во ова - напиша актерката под видеото на нејзиниот инстаграм-профил пред неколку недели, на кое голем број пејачи и актери ја пеат познатата „Imagine“ од Џон Ленон. Можете да замислите колку малку самосвест треба човек да има за да организира еден куп мултимилионери за да пеат песна што опишува свест без никакви поседувања, додека огромен број луѓе ги губат своите работни места?

И кога човек би помислил дека познатите личности научија нешто од изведбата на Гадот и пријателите, продолжуваат да доаѓаат одвратните одговори од јавноста. Имено, Мадона, од причини што само таа ги знае, реши да проповеда за Ковид-19 од када полна со ливчиња од роза.

- Ковид-19 не се грижи за тоа колку сте богати - порача таа.

jahta
Фото: Instagram

Тука е и милијардерот Дејвид Гефен, кој го избриша својот инстаграм-профил по реакциите за објавената фотографија од неговата суперјахта вредна 590 милиони долари, во која тој се изолира, со наслов: - Се надевам сите ќе се чуваат и ќе бидат безбедни.

За нијанса подобра е Иванка Трамп, која сè уште не ја објавила својата јахта. Но, таа „несебично“ ја едуцира неизмиената јавност објавувајќи видео во кое нејзините деца си ги мијат рацете со прилично скап сапун.

Тука е и Фарел Вилијамс, кој минатата недела ги повика сите свои твитер-следбеници да донираат во болниците.

- Вредиш над 150 милиони долари, ти донирај ги твоите пари - беше еден од коментарите.

Вилијамс подоцна појасни дека веќе донирал; но, и понатаму лебди чувството дека многу познати личности бараат пари од нас, а не сакаат да се фатат за сопствениот џеб. Готвачот и ТВ-ѕвезда Боби Флеј, на пример, кој вреди повеќе од 30 милиони долари, постави кампања на „GoFundMe“ за да му помогне да ги плати вработените во ресторанот. Тоа е капитализам: на крајот мора да се потпрете на парите на другите луѓе.

Тоа што познатите личности немаат допир со светот не е ништо ново, но се чини дека бесот кон џет-сетот не бил никогаш поголем. Далеку од тоа дека вирусот ги направи сите еднакви - вирусот направи нееднаквоста да не може да се игнорира. И не само нееднаквост во богатството, туку и нееднаквоста во пристапот до здравствена заштита. Позната личност може да се тестира за коронавирусот, иако покажува благи симптоми. Во меѓувреме, „обичните“ луѓе може многу да кашлаат и сè уште да немаат пристап до тест или болнички кревет.

Културата на славните и капитализмот се неразделно испреплетени. И двете работи го издигнуваат поединецот над колективното добро. Се потпираат на лагата на „меритократијата“: работете напорно и ќе го реализирате тоа што го сакате. Но стана непријатно јасно колку малку ги цениме нашите највредни работници - здравствените работници, персоналот во супермаркетите, возачите на автобусите, возачите на испораките кои го одржуваат светот да работи додека богатите трчаат во своите втори домови. И сега е јасно повеќе од кога било колку придонесуваат за општеството луѓето што најмногу заработуваат.

- Сите сме заедно во ова - постојано ни кажуваат богатите и славните. Извинете, но очигледно е дека не сме.

Автор: Арва Махдави
Извор: The Guardian