Поради климатските промени, славејчињата имаат помали крилја
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Зголемените температури може да имаат големо влијание врз крилјата на најомилената птица-песнопојка во светот - славејот.
Истражувачите од Шпанија откриле дека во период од 20 години славејчињата еволуирале со помали крилја. Научниците велат дека ова е поврзано со променливата клима во регионот, што бележи ран почеток на пролетта и зголемена суша. Тие се загрижени дека тоа може да влијае врз способноста на оваа птица да мигрира во зима.
Познато по својата способност да пее, славејчето има многу богат репертоар - може да произведе над 1.000 различни звуци, во споредба со 340 звуци на чучулигата.
Иако оваа птица е честа во многу делови на Европа и Азија, главно живее во делови во Јужна Англија.
Бројот на птици во овие области значително се намалил во текот на минатиот век - дури за 90 отсто. Постојат повеќе фактори за намалувањето, вклучувајќи и елени кои ги јадат нивните места за гнездење, но виновна е и промената на климата.
Славејчето ја поминува зимата во Супсахарска Африка, при што поминува долг пат во текот на миграцијата.
Фото: Pixabay
Големината на крилјата е клучна за овој подвиг.
Истражувачите велат дека способноста за миграција може да биде попречена од климатските промени. Научниците во Шпанија проучувале податоци собрани во период од 20 години за обликот на крилјата кај две популации од птиците. Тие откриле дека просечната должина на крилото на славејчињата во однос на големината на нивното тело е намалена. Тие веруваат дека ова е поврзано со промените во температурите во медитеранскиот регион.
- Нашите резултати покажуваат дека пролетта е одложена, а интензитетот на летната суша е поголем, што значи пократок оптимален период за размножување на птиците - вели д-р Каролина Ремача од Универзитетот „Комплутенс“ во Мадрид, која го водела истражувањето.
Истражувачите веруваат дека
птиците како славејот нормално се приспособуваат на барањата за миграција со тоа што имаат подолги крилја, поголеми канџи за фаќање, но пократок животен век. Сепак, променливите температури се мешаат со ова и предизвикуваат друг одговор кај птиците.
Поради пократкиот период на размножување, истражувачите веруваат дека најуспешните птици имаат помали семејства со помали крилја. Тие тврдат дека овие приспособувања ќе имаат последици кај птиците.
Истражувачите велат дека птиците продолжуваат со истата шема на миграција и дестинации и затоа нивниот опстанок веројатно ќе биде загрозен.
Додека научниците велат дека оваа погрешна адаптација на птиците важи за Шпанија, каде што имало суши во текот на летото, ова важи и за другите членови на овој вид во различни региони.