Спортското новинарство до пред десетина години беше „резервирано“ за мажите, кои беа најчести коментатори на натпреварите, известувачи од најважните спортски настани и водители на спортски дебатни емисии. Но, новинарката Јана Серафимова Петровска и нејзините колешки со своето знаење за спортот и со новинарските вештини покажаа дека спортот не е исклучиво машка област во новинарството.
Тој тренд во светот се менува со светлосна брзина, а кај нас оди побавно, но тоа што го прави нашата колешка Јана Серафимова Петровска преку емисијата „Фер-плеј со Јана“, на која е водител и автор, како и со презентирањето на вестите од спортот на ТВ „Телма“, е доволно гласно и одекнува кај јавноста. Јана е сестра на македонскиот фудбалски репрезентативец Никола Серафимов, кој важи за еден од најдобрите фудбалери, а игра за унгарски „Фехервар“.
Во интервју за Факултети.мк, Јана кажува зошто ја избрала оваа професија, за стереотипите дека спортското новинарство им припаѓа на мажите, што значи да се биде успешна спортска новинарка и како, според неа, би изгледал светот во кој дел од преносите ги коментираат жени.
Почна со музика, а заврши во спортот. Реално, тешко е да се избере помеѓу овие две страсти. Како го направи твојот избор?
- Иако имам музичко образование, одлуката моите редовни работни обврски да не бидат поврзани со музиката ја донесов веројатно уште во факултетските денови. Сепак, важен, а непланиран и неочекуван момент во мојот живот беше шансата која ми беше дадена да се обидам да работам во телевизија. Да почувствувам дали тоа, пред сè, ми се допаѓа, а и да добијам стручна оцена дали ги имам потребните предиспозиции. За кратко време знаев дека новинар, уште повеќе водител, е нешто што го сакам, односно сакам да научам да бидам. Првата потврда и поддршка дека можам, која за мене беше релевантна, ми значеше многу и до ден-денес ми значи, ја добив од почитуваниот новинар и уредник Зоран Иванов. И така телевизиската магија стана дел од мојот живот и во голема мера го промени.
Од каде желбата за спортско новинарство и која е твојата дефиниција за него?
- Работев во различен тип редакции каде што неколку години доаѓав во контакт со теми и личности од различни области. Спортските, природно, ми беа најинтересни. Секој спортски новинар има шанса да доживее интензивни емоции, да научи многу за победите и поразите, а најважно за мотивацијата, дисциплината, паѓањата и станувањата, стратегијата на патот до посакуваните успеси... Умешноста е во тоа сите овие нешта на вистински начин да ѝ се пренесат на пошироката јавност. А посебно е чувството кога на некој свој начин си дал придонес кон колективната спортска меморија и идентитет. И кога ја сведочиш, но и си дел од обединувачката моќ на спортот. Кога поради твојата професија го прифаќаш и се трудиш во животот генерално да го примениш спортскиот концепт на фер плеј. Победувај, но без да го омаловажиш или оштетиш противникот.
Твојот брат е фудбалер, а ти си водител на спортска емисија, ова мора да се должи на некоја семејна генетика или традиција?
- Во нашата фамилија досега немало професионални спортисти и медиумски лица. Голем дел од нашите најблиски рекреативно спортувале или спортуваат. А дома секогаш се следел спортот, најчесто фудбал и кошарка. Секогаш сме следеле репрезентативен спорт. Сепак, посебна беше шампионската ера на РК „Вардар“. Во тие денови распоредот на активности дома се правеше врз основа на тоа кој ден игра, односно не игра „Вардар“. За моите родители, пропуштањето натпревар не беше опција.
Си пропуштила ли натпревар на брат ти и што се гледа најчесто дома од спорт?
- Сум пропуштила некои од неговите клупски натпревари. Прво, поради лична одлука да го минимизирам стресот, ако однапред знам дека на терен ќе биде „тешка битка“. А, понекогаш, ретко, се случува причина за пропуштање натпревар да бидат работни или други неодложни обврски. Кога игра репрезентација на Македонија во Скопје, без исклучок сум на стадион. Најчесто гледаме фудбалска Лига на шампиони, кошаркарска Евролига, тенис, а сопругот многу сака и Ф1.
До пред неколку години, судејќи по коментарите на социјалните мрежи, на публиката ѝ беше несфатливо како жена може да се разбира во спорт. Се смени нешто оттогаш?
- Моето мислење е дека тоа е променето. Доказ е и фактот што во соседните земји, а и во земји кои се спортски велесили, лицата на спортските телевизии, емисии, не се само мажи, туку сè почесто се жени. И тоа атрактивни жени, кои сакаат и разбираат спорт.
Може да заклучиме дека спортското новинарство повеќе не е типично машка професија?
- Да. Како и голем број други професии кои во минатото биле перципирани како такви, а сега веќе не се.
Сепак, коментирањето во живо се чини како да е машка професија заштитена со закон. Како би изгледал светот во кој половина од преносите ги коментираат спортски новинарки?
- Мојот став е дека тоа е многу специфична задача, за која треба да се има желба, но поважно, да се има многу знаење, сериозна подготовка... и еден посебен, поинаков талент. Талент за зборообразување, за пренесување соодветна емоција користејќи го само гласот како инструмент – што е исклучително тешко. Стил на изразување, спортски речник кој ќе биде уникатен, но и симпатичен, прифатлив, за многу голем број луѓе. Не станува збор за тоа дали си маж или жена, туку дали е некој соодветен за таа улога или не. Секако дека и жените можат, ако имаат сè што погоре набројав, но конкретно за коментирањето можеби сè уште мразот не е доволно скршен.
Што најмногу следиш од спортските настани?
- Репрезентативен фудбал, фудбалска Лига на шампиони, кошаркарска Евролига, репрезентативен ракомет и тениските грен-слем турнири. Ако треба само едно да се одбере, фудбал.
Имаш успешна емисија на „Телма“ која ти ја одзема неделата. Дали и неделата е резервирана за спорт?
- Подготовките и снимањата на емисијата најчесто се одвиваат во текот на работните денови. А речиси секој викенд, и сабота и недела, е резервиран за следење спорт. Иако во топлите месеци и за рекреативно спортување, во природа.
Се сеќаваш на првото појавување пред камерите?
- Да. Во улога на водител на популарната емисија за деца и млади „Ѕвон“. Пострашно беше првото тест-појавување, пред официјално да се вработам во ТВ, во 2016 година. Ни помалку ни повеќе, програма во живо. Имав многу трема и едвај имав глас, ама преживеав!
На кого се угледуваше од спортските новинари додека го учеше занаетот, на колеги од странство или на нашите спортски коментатори и водители?
- Во голема мера пример ми беа повозрасните македонски колеги, голем дел од нив се покажаа како вистински пријатели и искрено ми помогнаа, сè уште ми помагаат да учам и да напредувам. Природно е да следам што се случува и во странство. Знаењето и информираноста се основа, но ми се допаѓа шоу-пристапот кој го имаат, благодарение на кој спортот станува интересна тема дури и за оние што мислеле дека тоа не би го задржало нивното внимание.
Како поранешен спортски новинар знам дека спортското новинарство е речиси цела наука во која треба да се вложи многу труд и учење. Дали би било подобро ако се произведуваат кадри на универзитетите (со оглед на тоа дека професијата е во изумирање)?
- Со сигурност тоа многу би помогнало, но само доколку се применат, учат, пренесуваат, нови новинарски форми и методи на работа. Да не бидеме заглавени во минатото време. Од друга страна, реалноста е дека практиката и редакциското работење со искусни, квалитетни уредници, колеги - но најважно добри личности, е клучна за произведување нови успешни кадри.
Искусни уредници во новинарството велат дека спортските новинари се медиумски најписмени и најпотковани со знаења од секоја област. Се сложуваш?
- Се радувам ако припаѓам на таква категорија, но не мислам дека е фер на овој начин да се генерализира. Вложувањето во себе, во своето знаење и вештини е индивидуална работа, не е важно дали си спортски новинар или воопшто новинар. Од личен пример, ќе кажам дека моето ниво на владеење и употреба на правописот и правоговорот се подобрија многу, свесно работам на тоа по примерот на моите двајца колеги во редакција.
За информации и знаење поврзани со спортските теми, начинот на нивно пласирање, не станува ни збор, учев и учам интензивно, секој ден.
Најголема желба или сон во спортското новинарство?
- Посебно доживување се спортските настани и тоа што се случува во моментот таму. Но повеќе сакам да уживам во таа атмосфера отколку да работам. Од аспект на работна обврска најмногу ги сакам интервјуата, емисиите. Нема да ги набројам спортистите што би сакала да ги интервјуирам, не би ризикувала, ако ги споделиш желбите, се зголемува шансата да не ти се исполнат.
Фото: приватна архива