Средношколка му го даде името на хеликоптерот на НАСА што ќе оди на Марс
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Првиот хеликоптер што ќе оди на друга планета сега има име, кое му го даде 17-годишната Ваниза Рупани. Хеликоптерот на НАСА се вика „Инџинуити“, што во превод од англиски јазик значи „Генијалност“.
Рупани е средношколка од Норпорт, Алабама, која ја имала честа да го одреди името на хеликоптерот откако учествувала на натпревар за најдобар есеј за името на новото летало што го организира НАСА. Во март НАСА изјави дека роверот што ќе биде испратен на Марс ќе се вика „Персевиренс“, според есеј на Александар Матер, ученик во седмо одделение, но агенцијата одлучила да одбере име и за хеликоптерот што ќе биде испратен на Марс заедно со роверот.
На натпреварот за најдобар есеј пристигнале 28.000 есеи од секоја сојузна држава и територија во САД.
- Генијалноста и брилијантноста на луѓето што напорно работат да ги надминат предизвиците за меѓупланетарно патување се тоа што ни овозможува да сведочиме за чудата на вселенското истражување - пишува Рупани во нејзиниот есеј.
Тинејџерката се интересирала за
вселената од мала, според нејзината мајка.
- На патот кон училиштето секој ден таа и татко ѝ глумеа дека се наоѓаат во вселенски брод. Тие замислуваа дека гледаат планети (згради), ѕвезди (семафори) итн. додека одеа и им даваа имиња - вели Ношин, мајката на Ваниза.
Фото: NASA
„Инџинуити“ и „Персервиренс“ треба да тргнат на пат кон Марс во јули, а ќе пристигнат на Црвената Планета следниот февруари. Додека роверот собира примероци од планетата, хеликоптерот ќе се обиде да полета, а доколку успее во тоа, тоа ќе биде корисно за идните мисии на Марс.
НАСА планира да ги испрати првата жена и следниот маж на Месечината во 2024, а подоцна и да испрати астронаути на Марс.
Автор: Алиша Ли
Извор:
Си-ен-ен